Подготвил: Христијан Јосифовски

Мајк Лукет е доживотен гејмер. Тој почнал на петгодишна возраст, придружувајќи му се на својот постар брат во играњето на играта „Супер Марио“. Во рок од неколку години тој играл игри како што е „Ид софтвер“ во 1992, „Волфенштајн 3Д“ и научнофантастичната игра „Дум“. Со текот на годините Мајк има собрано голем број конзоли, вклучувајќи ги „сони плејстејшн“, „икс-бокс 360“ и „икс-бокс уан X“. Toj има голема пасија кон играњето игри.

Но, сето тоа се променило по несреќата што ја доживеал. Лукет при возење мотоцикл имал сообраќајна несреќа во која повредил ’рбетен пршлен, а по сето ова останал неподвижен. Иако можел да ги движи рацете, тој немал контрола врз неговите прсти, па поради тоа и не можел да користи компјутер.
– Јас не можев да функционирам дури и кога се обидував да ги користам копчињата од трекпедот – вели Мајк.
Но, тој навистина се разочарал кога сфатил дека за да ја игра играта на компанијата „Близард“ од 2016 година наречена „Овервоч“, потребно е да користи контролер што физички не може да го користи. Во тие моменти Мајк сакал да се откаже од играњето игри.

Тој не е првиот гејмер што се соочува со физички предизвици. Од почетокот на индустријата на видеоигрите изградени се неколку основни претпоставки за играчите: дека тие можат да слушнат, можат да видат и имаат две целосно функционални раце. Затоа првите контролори за видеоигри од типот на „атари“ и „нинтендо“ се дизајнирани со контролери и копчиња. За да им се помогне на лицата со посебни потреби да играат според нивни услови, некои луѓе во хендикепираната заедница помогнаа со хакирање одредени решенија што им го олеснуваат процесот на играње. Хакирањето се состои од расклопување на контролерите и приклучување копчиња, прекинувачи и други додатоци што им овозможуваат да испраќаат сигнали до играта користејќи ги нозете, лактите, со мрдање на главата и допирање копче или дури и со дување во цевка. Но, изградбата на специјализирани контролери е огромна, скапа и одзема време. Уште полошо, процесот на поставување не функционира секогаш. Затоа „Икс-бокс“ на компанијата „Мајкрософт“ создаде нов адаптивен контролер, кој чини 99.99 долари и ќе почне со продажба подоцна оваа година. Уредот е дизајниран да им помогне на гејмерите од сите облици, големини и способности да играат игри колку што можат.

Раководителката на секторот за пристапност во „Мајкрософт“, Џени Леј-Фури, вели дека дел од причината што нејзината компанија вложува во оваа технологија е менување на културата во компанијата.
– Тоа е принципот на инклузивен дизајн, што значи дека потребите на хендикепираните заедници се разгледуваат за време на процесот на дизајнирање – објаснува Леј-Фури.
Таа има проблеми со слухот уште од најрана возраст, се обидува да ја промени културата на „Мајкрософт“ кон инклузивност уште откако се вработила таму. Еден од првите проекти на Леј-Фури е создавање инвалидска количка што може да се контролира со движење на очите.
– Доаѓаме на бројката од 2 милијарди луѓе што играат видеоигри на оваа планета. Како индустрија, кога ќе почнете да имате таков вид влијание во однос на широката јавност и луѓето што имаат интеракција со вашата уметничка форма, тогаш имате и општествена одговорност – вели Фил Спенсер, шефот на тимот на „Мајкрософт икс-бокс“.