И Сарацин, и Рот, и Ескобар, и Фон дер Лејен, и уште редица други странски претставници упатуваат јасна порака дека Македонија мора да направи уставни измени и да ги внесе Бугарите во Уставот. Но никој од нив не го интересира како ќе биде направено тоа, туку оставаат ние да го сториме тоа. Тоа е добра можност конечно да го дотераме Уставот во урнекот на Илинден и АСНОМ, а не по урнекот на санстефанска Бугарија. Интервенцијата во највисокиот правен акт е наше суверено право и никој нема право да ни кажува какви измени ќе направиме
Неодамна во посета на Македонија беа германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, и претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг, Михаел Рот, обајцата со една цел, да притиснат што поскоро да се направат уставните измени.
За обајцата, убедувачката мисија, се разбира доколку успеат, е можност да си стават уште еден плус во политичкото портфолио и да кажат дека решиле едно отворено прашање, не водејќи сметка за последиците што потоа ќе произлезат бидејќи никогаш нема да можат да навлезат во суштината на македонско-бугарските односи и вековните хегемонистички цели кон кои и сега, во 21 век, се стреми официјална Софија.
На почетокот на неделата, последно обраќање во Европскиот парламент пред истекот на мандатот имаше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која говореше за состојбата на Унијата и која јасно кажа дека ЕУ е подготвена за проширување, но кога ќе се случи тоа никој не знае. Очигледно фамозниот датум 2030 година и возот што постојано бега е во главите само кај дел од домашните политичари, за кои уставните измени се „да се биде или не“ за Македонија.
Сето ова најдобро говори дека време има и дека ситуацијата мора крајно мудро да се искористи, исклучиво во полза на националните интереси, без брзање, оти, како што вели нашиот народ, „брза кучка, слепи кучиња раѓа“. Странците притискаат за уставни измени, Бугарија истото го повторува како услов за започнување на преговарачкиот процес, така што одлуката дали, кога и какви измени на Уставот ќе се направат, мора да биде исклучиво наша. Што значи тоа во пракса?
Ако Фон дер Лејен нема храброст да соопшти временска рамка кога би се случило следното проширување, тоа значи дека проширувањето може да биде и по 20 години, што е многу поверојатно и пореално отколку во следните седум години како што некои тука нè убедуваат.
Тоа е доволно време сите релевантни фактори во земјава да седнат и низ еден транспарентен процес, низ широка дебата, консензуално да изготват решение со кое ќе го упристојат сегашниот „франкенштајновски“ устав, со што ќе се постигнат две цели, обврската за уставни измени ќе биде исполнета и второ, Уставот конечно ќе почне да личи онака како што ѝ доликува на една суверена држава, со еден носечки државотворен народ.
Сегашната ситуација е одраз на брозплетоста и тврдоглавоста на поединци, кои мислеа дека самите можат да одлучуваат за иднината на сите граѓани. Имено, кога целата јавност претходно алармираше дека „францускиот предлог“ е лош и дека во него се содржани сите бугарски барања, власта сонуваше сон и одеше спротивно на волјата на народот, кој не сака друг однадвор да му ја крои судбината и кој се противи некој да го става во подредена улога и да му поставува услови.
Затоа излезот од таа подредена улога сега е во домашната мудрост, да се искористи моментот на начин како што нам ни одговара и што ќе биде во наша полза.
И Сарацин, и Рот, и Ескобар, и Фон дер Лејен, и уште редица други странски претставници упатуваат јасна порака дека Македонија мора да направи уставни измени и да ги внесе Бугарите во Уставот. Но никој од нив не го интересира како ќе биде направено тоа, туку оставаат ние да го сториме тоа.
Тоа е добра можност конечно да го дотераме Уставот во урнекот на Илинден и АСНОМ, а не по урнекот на санстефанска Бугарија. Интервенцијата во највисокиот правен акт е наше суверено право и никој нема право да ни кажува какви измени ќе направиме.
Тоа значи, сите наши вистински експерти по уставно право, не мислам на „хонорарците“ што само додаваат точки и запирки, да подготват сериозен текст во кој јасно ќе се посочи конститутивната државотворна улога на македонскиот народ и на македонскиот јазик, кој ќе се одвои од сите други малцински заедници. Кога ќе се направи тоа, направена е вистинската дистинкција од другите и никој повеќе нема да може да ги загрозува македонскиот идентитет, унитарниот карактер на државата, јазикот и сите одлики на народот што ја конституирал оваа држава.
Дистинкцијата мора да биде јасна, оти непобитен факт е дека Бугарите никогаш не се бореле за самостојна и независна Македонија, туку за обединување со Бугарија. Затоа, апсурдно е да фигурираат како државотворен народ. Да биде апсурдот уште поголем, бараат државотворен статус во држава чиј народ и јазик не ги признаваат. Тоа значи само едно, пеколен план за преземање на Македонија, не со војски и тенкови, туку со „оружјето“ што им го даде ЕУ.
Истата таа ЕУ, која одеднаш се загрижи како таинствено и брзоплето биле изгласани измените на Кривичниот законик, не беше воопшто загрижена како нејзини земји-членки го прекршуваат меѓународното право и се мешаат во внатрешните работи на една суверена земја. Да не се разбереме погрешно, загриженоста на ЕУ околу измените на Кривичниот законик е сосема во ред и е оправдана, но не е во ред да се биде лицемерен, да се бара од земја-кандидат да ги менува името, Уставот и што ли уште не, само за да стане дел од европското семејство. Чудно е како ЕУ не е загрижена зошто во преговарачката рамка за земјава има протоколи чие одобрување ќе зависи од работата на историската комисија и на крајот од одобрувањето од Бугарија, преседан што никаде го нема. Некој ќе каже дека и меѓу Франција и Германија, како и меѓу Полска и Германија има вакви комисии. Точно е, има, но тие комисии работат со децении и ниту една од овие земји не беше спречена да го оди европскиот пат по стандардна процедура, преку исполнување на основните критериуми, владеење на правото, демократија борба со корупцијата… Дополнително, ако Бугарија при пристапувањето во ЕУ потпишала документ во кој јасно стои дека нема отворени прашања со соседите, тогаш од каде испадна проблемот со Македонија?
Затоа ако веќе, да се изразам со фудбалски жаргон, топката е во наши нозе, тогаш барем еднаш да постигнеме погодок, по сите овие промашувања изминатите години. Уставот е највисок правен акт и одраз на вековните стремежи на еден народ за сопствена држава. Македонскиот народ нема друга држава, освен оваа и затоа никој нема право да му кажува како ќе го скрои законот над законите. Кога самиот ќе си ја додели улогата што ја заслужува, а некој однадвор упорно се обидува да му ја минимизира, тогаш ирелевантно ќе биде кој друг ќе биде понатаму наведен како малцинство. Ирелевантно ќе биде затоа што малцинствата во Македонија ги уживаат највисоките малцински права и многу повеќе од тоа. ЕУ го признала тоа, го признале и САД бидејќи во ниту еден нивен извештај нема никаква забелешка дека се повредени нечии права, најмалку на Бугарите.
Решението дали и како ќе го менуваме Уставот е наша внатрешна работа и самите треба да дојдеме до него, без диктат од страна. Ако тоа решение значи враќање на достоинството на македонскиот народ, тогаш дефинитивно е вистинското. Сè друго е ултиматум, уцена и нанесување уште една лузна на еден мирен и кроток народ, кој отсекогаш сакал да биде дел од Европа, Европа на вистински вредности, а не Европа на празни ветувања.