Полска компанија разви софтвер заснован на вештачка интелигенција што открива говор на омраза, насилство и лажни вести на дигиталните медиумски платформи / Фото: ЕПА

Вештачката интелигенција несомнено може да се искористи како алатка за напредок на Источна Европа, која историски заостанува зад побогатите западни земји на континентот, пишува Кристијан Герасим за „Јуроњуз“

Ретко поминува ден, а да не се слушне за уште еден неверојатен напредок на вештачката интелигенција. Предноста на вештачката интелигенција е во тоа што е широко достапна, повеќе отколку кое било друго технолошко откритие од минатите епохи. Иако сè уште се далеку напред, богатите земји повеќе не го држат монополот над оваа нова технологија. Развојот на вештачката интелигенција се случува низ целиот свет, што се должи повеќе на капацитетот на една нација за иновации отколку на целокупното богатство.
Источна Европа не е исклучок. И покрај тоа што регионот останува најсиромашен во Европа, се чини дека истражувањето и развојот на вештачката интелигенција се движат со забрзано темпо во различни сектори. Ако мудро се искористи, вештачката интелигенција би можела да даде поттик за раст за регион што се бори со децениски недостиг како резултат на историските случувања и економската нееднаквост.

Првиот владин советник во светот со вештачка интелигенција е романски

Иако сè уште заостануваат во однос на западниот свет, некои земји од Централна и Источна Европа направија значителен напредок во секторот за вештачка интелигенција. Полска веќе неколку години ја предводи борбата против говорот на омраза на интернет. Во 2019 година, полската компанија „Самурај лабс“ разви софтвер заснован на вештачка интелигенција што открива говор на омраза, насилство и лажни вести на дигиталните медиумски платформи. Алатката се покажа особено корисна по брегзит со тоа што британската полиција на крајот ја ангажираше компанијата да истражува содржини против Полска на интернет. Покрај лажните вести и говорот на омраза, оваа алатка со вештачка интелигенција се користи и за борба против онлајн педофилија и други злосторства.
Во Романија, стартапот „Хјуманс.аи“ го испорача првиот владин советник во светот базиран на вештачка интелигенција. Проектот направен во соработка со истражувачи и професори за вештачка интелигенција од Романија има цел подобро да го разбере јавното мислење и како јавноста реагира на одредени настани, клучни прашања и политики. Компанијата почна да се разгранува, соработувајќи со истражувачки центри на Блискиот Исток во градот Рас ел Каима во ОАЕ, каде што има цел да го преобликува технолошкиот пејзаж и да ја создаде првата слободна зона и центар во светот посветен исклучиво на иновациите и развојот на вештачката интелигенција. Понатаму, „Хјуманс.аи“ ќе обезбеди блокчејн-технологија за екосистемот за вештачка интелигенција и стартапите во регионот.

Справување со штетници во Молдавија и високотехнолошко војување во Украина

Молдавија исто така ја користи вештачката интелигенција во откривањето штетници и управување со плевелот во локалните земјоделски култури. Програмата развиена од локалната компанија „ДРОН асистанс“ и финансирана од Обединетите нации се тестираше на поле од 73 хектари во селото Оничани.
Во Украина, вештачката интелигенција веќе има централно место во одбранбената стратегија на земјата. Вештачката интелигенција помага да се идентификуваат руските војници, да се следи движењето на војниците, да се воспостават нови цели и да се пресретнат непријателските комуникации, заедно со помагањето да се одвратат руските дезинформации. Дроновите и роботите не само што го преобразија конфликтот во Украина туку и војувањето воопшто. Украина е полигон за тестирање и лабораторија за војување со вештачка интелигенција. Ова, исто така, води кон развој на силен технолошки граѓански сектор каде што преку партнерства се развиваат украинските стартапи.

Каква корист има Источна Европа?

Според истражувањето на „Голдман сакс“, вештачката интелигенција може да донесе речиси 6,47 илјади милијарди евра зголемување на годишниот глобален БДП во период од десет години. Потенцијалот за економски раст е неограничен и Источна Европа може да го искористи тоа. Некои сектори веќе се сведоци на промени. Покрај нејзината воена употреба, технологијата може да има клучна улога во обликувањето на регионот во иднина.
Земјоделските дронови што се управувани со софтвер со вештачка интелигенција во просек користат до 40 отсто помалку активни супстанции што овозможува попрецизно прскање и побезбедни култури. Дроновите со погон на вештачка интелигенција претставуваат многу поеколошка опција за земјоделците, кои на тој начин немаат потреба од трактори и избегнуваат согорување фосилни горива што ги загадуваат посевите. Вештачката интелигенција, исто така, би можела да му помогне на регионот да развие подобро управување со отпадот со паметни канти за рециклирање и објекти што помагаат поефикасно да се сортира и собира ѓубрето.
Здравството е уште еден трнлив проблем, бидејќи регионот е познат по недостигот од лекари, а Романија го има најлошиот здравствен систем во Европа. Освен лошото финансирање и системската корупција, болниците во регионот се соочуваат со сериозен недостиг од лекари. Вештачката интелигенција може да помогне да се дополни сè помалиот број медицински лица, така што повеќе луѓе ќе можат да пристапат до медицински надзор, со студии што покажуваат дека технологијата е способна да ги извршува задачите добро или подобро од луѓето.

Вештачката интелигенција како алатка за промени

Вештачката интелигенција несомнено може да биде алатка за развој во Источна Европа исто како и на кое било друго место. Како и со секоја нова алатка, сепак, внимателниот оптимизам треба да го поттикне пристапот и да се има подобро разбирање за тоа што таа може да направи за матичната земја и поширокиот регион. Европската Унија, исто така, има улога да го поттикне развојот на вештачката интелигенција и да ја направи Европа водечки конкурент заедно со технолошките предводници како САД и Кина, а исто така да внимава на потенцијалните ризици преку темелни проверки и контроли. Во исто време, ветувањето за подобар живот за оние што историски беа на маргините значи дека инвестициите во вештачката интелигенција треба дополнително да се поддржуваат, а не да се задушуваат.