Фељтонот „Војната во Украина како предуслов за нов светски поредок и реперкусиите врз Западен Балкан“ од д-р Маја Мишковска дава еден сопствен поглед на случувањата во Украина и нивниот одраз врз светската политичка сцена, со посебен акцент на Западен Балкан. Преку опсежна анализа на украинско-руските односи, па преку одразот врз нивните сојузници, авторката на фељтонот презентира и некои помалку познати ликови и настани од минатото, со што ја дополнува сликата на она што се случува денес во Украина, за на крајот да го насочи фокусот кон Балканскиот Регион, кој не е поштеден од последиците на актуелниот конфликт на истокот од континентот

ВОЈНАТА ВО УКРАИНА КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК И РЕПЕРКУСИИТЕ ВРЗ ЗАПАДЕН БАЛКАН

Ќе започнам со песната од хитот „The Wall“ на „Пинк Флојд“, која за мене и нашите генерации од денешна перспектива има посебно значење и носи огромна порака во врска со сето она на кое бевме сведоци од 1990-тите години наваму. Во тој период живеев во Њујорк, го стекнав средното образование и студирав надворешна политика и новинарство на еминентниот њујоршки факултет „Хантер колеџ“ (универзитет во Њујорк што е еден од конститутивните колеџи на Градскиот универзитет во Њујорк и нуди студии во повеќе од сто додипломски и постдипломски области), каде што професори ми беа светски познати новинари што известувале за скандалозната афера „Вотергејт“, известувале од Кина, потоа за периодот на Џозеф Мекарти и мекартизмот како практика на лажни и неосновани обвинувања за субверзија и кои се поврзани со анархизмот, комунизмот и социјализмот, особено кога се прават на јавен начин.
Сѐ уште ми се силни впечатоците од директните и во живо емитувања на телевизиската мрежа на Си-ен-ен од убиството на Чаушеску и неговата сопруга во Будимпешта, рушењето на Берлинскиот зид… Тоа беше повод секојдневно да ги следам политичките случувања во бивша Југославија и да ги архивирам написите од американските дневнополитички изданија, меѓу кои и најмногу „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, „Тајмс“ итн., што понатаму беше повод за пишување на мојот магистерски труд „Американскиот печат пред и по смртта на Тито“, а подоцна и докторската тема за либералната демократија и глобализација, со акцент на САД и ЕУ, и во меѓувреме да работам како надворешнополитичка новинарка и аналитичарка во „Нова Македонија“ и политичкиот неделник „Пулс“. Подоцна, искуствата ги пренесував и на студентите по новинарство на УКИМ, со кои разменувавме ставови и мислења.

УШТЕ ЕДНА ТУЛА ВО ЅИДОТ
Не ни треба образование
Не ни треба контрола на мислите
Нема мрачен сарказам во училницата
Учителе, оставете ги децата на мира

Еј учителке, остави ги децата сами
Сè на сè, тоа е само уште една тула
во ѕидот
Сè на сè, вие сте само уште една
тула во ѕидот

Американскиот претседател Џо Бајден на 2 декември годинава му предложи на рускиот претседател Владимир Путин дека е транспарентен за разговор со него за можно решение на конфликтот во Украина, потенцирајќи му дека верува и очекува дипломатско решение и разврска на војната. Бајден во друштво со францускиот претседател Емануел Макрон од Белата куќа изјави дека единствениот начин да ѝ се стави крај на војната во Украина е Путин да ги повлече војниците од Украина и дека ако Путин сака да му стави крај на конфликтот, тогаш Бајден ќе биде подготвен да разговара со него. Меѓутоа, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, објасни дека Путин останува отворен за преговори, но дека Русија нема да се повлече од Украина. Путин рече дека не жали што започна, како што ја нарекува, руската „специјална воена операција“ против Украина, означувајќи ја како пресуден момент кога Русија конечно реши да се спротивстави на арогантната западна хегемонија по децениското понижување во годините по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
Меѓутоа, одбивањето на Соединетите Американски Држави да ги признаат „новите територии“ како руски, а преговори се можни само откако Путин ќе ја напушти Украина, го попречува барањето за каков било потенцијален компромис. Ова дополнително ги отежнува дипломатските преговори меѓу Кремљ и Вашингтон. Уште повеќе што гласините дека Путин ќе преговара за враќање на веќе освоените украински територии Херсон, Запорожје, Луганск и Донецк е невозможна мисија, бидејќи рускиот парламент во Москва веќе гласаше за нив со референдум. Ставот на Путин остана цврст и убедлив исто како изреката „кај што згазнала руска чизма, враќање нема“!
Но САД сѐ уште се надеваат дека е можно враќање на веќе загубените територии, сметајќи дека овие четири области во нова Русија – Москва не ги контролира целосно, негирајќи ги резултатите со тоа дека Русија незаконски ги има преземено, окупирано по лажните референдуми во четирите региони на Украина. Исто така, за Путин, и анексијата на Азовско Море, кое се граничи со југоисточна Украина и југозападна Русија, е веќе „внатрешно море“ на Русија, кое секогаш било аспирација на рускиот цар Петар Велики.
Колку за потсетување, доколку се патува со воз за Москва, романско-унгарско-советскиот дел е ливада и потоа почнуваат фабриките, па рудниците. Тоа го освои Путин! А Путин ако сака, може и Киев да го срамни со земја за една секунда, него тоа ништо не го чини, меѓутоа внимателно води тактичка војна, Киев како еден преубав град, го остави во темнина, без струја среде зима, преку што му остава голема порака на светот, на 5 декември 2022 година, што е за паметење во целата историја на ова столетие. Се чини никој ништо не му може, тој ја има поддршката и од Кина и од Индија како сојузници. Бидејќи оваа војна не е само војна на Соединетите Американски Држави со Русија, туку е војна на САД со Кина и Индија. Путин, говорејќи на годишниот состанок на Рускиот совет за човекови права, во декември 2022, најави долгорочни воени операции во Украина, изјавувајќи дека војната во Украина може да биде „долг процес“.

Паралела на Украина
со кубанската ракетна
криза во 1962 година

И кога сме веќе кај руската воена доктрина – нуклеарното оружје што се користи веќе 80 години, евентуално би се користело само ако е загрозена самата руска држава. Путин ја обликуваше нивната употреба во одбранбена смисла одговарајќи на западните нуклеарни закани. Ова потсетува на спорот наречен „Заливот на свињите“, кога за време на кубанската криза од 1962 година Кенеди изјави дека Куба ќе ја срамни до темел, на што Хрушчов му одговори: „Може да ја срамниш Куба, но јас ќе ја срамнам Америка “.
Според извештаите на „Би-би-си њуз“, во текстот со наслов „Путин се заканува: Колку нуклеарно оружје има Русија?“, објавен на 6 октомври 2022, од страна на тимот за визуелно новинарство, Бајден изјави дека „рускиот претседател Владимир Путин ’не се шегува’ кога предупреди дека Москва ќе ги искористи ’сите средства што ги има’ за да ја одбрани руската територија. Путин, исто така, рече дека САД создале ’преседан’ со употребата на нуклеарно оружје во Втората светска војна“. Одредени аналитичари сметаат дека оваа изјава на Путин треба да се толкува како предупредување до другите земји (се смета на земјите од поранешниот Варшавски пакт) да не ги зголемуваат непријателствата преку свое учество во Украина.

Д-р Маја Мишковска

(продолжува)