Колку убав ден, човек да посака што почесто да ги има. Сите среќни, сите задоволни. Бугарите најмногу, оти добија силен европски ветер во грбот, и тоа на наш терен. Нашиве политичари не помалку среќни, оти, еве, Германците нѐ примаат на преубав начин во нивно друштво, додуша со една мала пречка, која ни беше потенцирана во говорот на високиот гостин. Но, кај и да е, ќе најдат тие чаре и за таа пречка.
Веќе се навежбаа во слични ситуации, па сега им останува само реализацијата…
Колку беше убаво да се проследи посетата на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмајер, на нашата земја, човек да се топи од милина. Во инспиративен говор, во кој ни кажа „што да правиме, што да чиниме“, германскиот претседател успеа да вметне еден куп зборови и цитати, кои нѐ разнежија, море нѐ стопија дотолку што однекаде очекував некој да запее „Данке, Дојчланд“, сега знам „што да правам, што да чинам“. За среќа, се воздржаа тие што се очекуваше да воскликнат, но затоа пак, што е најважно, нашите источни соседи се презадоволни од посетата. И кога видов дека и тие се задоволни, уште помило ми дојде на душата.
Колку убав ден, човек да посака што почесто да ги има. Сите среќни, сите задоволни. Бугарите најмногу, оти добија силен европски ветер во грбот, и тоа на наш терен. Нашиве политичари не помалку среќни, оти, еве, Германците нѐ примаат на преубав начин во нивно друштво, додуша со една мала пречка, која ни беше потенцирана во говорот на високиот гостин. Но, кај и да е, ќе најдат тие чаре и за таа пречка. Веќе се навежбаа во слични ситуации, па сега им останува само реализацијата…
Но, да не се лажеме, можеме да се порадуваме и ние што не ја гледаме посетата од чисто политички аспект, бидејќи веќе се навикнавме на вакви посети во специфични моменти, па, без лажна скромност, многу добро знаевме што ќе ни биде кажано, во кој контекст… Иако мора да бидеме чесни и да кажеме дека малку кој очекуваше дека ултимативните зборови ќе бидат спакувани во безвременските цитати на Петре М. Андреевски, Блаже Конески, па дури и во зборовите на Атиџе Муратова. Но тоа е само уште една потврда дека Германците се мајстори на подготовката, дека ништо не оставаат на случајност, па на својот претседател му сугерирале да ги искористи зборовите што би требало да ги омекнат и најтврдокорните.
Би било добро кога нашиве политичари би го согледале барем тој момент од неговата посета, за да сфатат конечно дека подготовката пред кој било настан, а да не зборуваме при вакви важни меѓународни средби, е еден од најважните фактори. Таа подготовка подразбира одличен тим, логистика, чии насоки треба да се почитуваат, а не да се настапува соло и да се манифестираат сопствени и неизградени ставови, нешто на што сме сведоци речиси секојдневно. Па, потоа резултатите се онакви какви што веќе навикнавме да ги регистрираме со чувство на беспомошност и разочараност.
Сепак, пак ќе речам, тоа беа работи што горе-долу беа очекувани, но она што беше сосема неочекувано и што пријатно нѐ изненади е фактот дека овој пат се покажавме како добри домаќини. Точно го погодивме знамето на земјата гостин и, замислете, никаде не згрешивме да им понудиме некое друго, а слушам дека и химната сме ја исполниле како што треба.
Е, тоа е веќе напредок, и тоа во вистински момент. Па, кај ќе барате подобар покровител за прием во ЕУ од Германија. Замислете, сега кога оваа земја, која многумина ја нарекуваат и локомотива на ЕУ, таму некаде во Брисел, кога ќе им каже на другите дека Македонија е подготвена за влез во Унијата. Затоа што конечно ја совладала првата лекција – не ги згреши ниту знамето ниту химната на земјата гостин.
Тоа е тоа. Тоа се бара, а не таму некои кластери, поглавја, членови, тинтири-минтири. За нас се бараат повластени услови. Додуша, има уште еден, последен услов, ама како тргнало, нема зошто да не го исполниме. Последната пречка, последниот услов за да влеземе во тоа големо повластено европско друштво, во кое течат мед и млеко и само уште нас нѐ чекаат, е јасно ставен и на маса. И тоа на која маса. На масата во чајџилницата во Старата чаршија, каде што конечно останаа сами високиот гостин Штајнмајер и неговиот домаќин Стево Пендаровски. За содржината ме информираа луѓето што седеле во соседниот дуќан и кои го слушале муабетот, благодарение на тишината што владеела во околината.
Е, тогаш, во една таква напната атмосфера, Германецот му рекол на нашиот татко на нацијата дека имаме значи уште еден услов, којшто во случајов се два. Тоа значи дека ќе треба во иднина, во следните две посети на вакви високи гости, да се покажеме како уште подобри домаќини и да не ги згрешиме нивното знаме, химна или, не дај боже, името на гостинот. Затоа што, наводно, тоа се зборувало во Брисел, дека тука најчесто сме ја оплескувале.
И тука настанала драмска пауза, подолга од очекувањата, кажуваат моите извори. Стево претседателот тешко воздивнал, бидејќи знаел дека ни се поставува речиси неизводлив услов, ама веќе немало назад, муабетот тргнал во убава насока. Се исправил Стево и посегнал по шеќерчето, да го заблажи чајот, оти му се згорчил животот. Кај му текна сега на Германецов вака да нѐ условува?!
Ќе ја биде, одговорил нашиот претседател. Ако дошло дотука, ќе најдеме луѓе што ќе ја извршат и таа задача, си помислил. Ама од пуста радост заради убавата вест, толку силно си помислил што неговата мисла го пробила ѕидот и ја слушнале и моите извори во соседниот локал.
И така, на тој начин, убавата вест се прошири и надвор од ѕидовите на чајџилницата, па еве и јас ја пренесувам во пошироката јавност. Да прочита народ, да се израдува. Да знае дека дојдовме на чекор до целта. И да се моли дека кога ќе ни дојдат следните високи гости ќе се покажеме како добри домаќини. Па, што и да значи тоа.