Еден од најпопуларните облици на вежбање во светот секако е трчањето, а станува сè попопуларно и кај нас. Од трчањето има многу неверојатни придобивки, а доволно е само 10 минути дневно.
Примарниот мотив на повеќето луѓе е да ја подобрат својата состојба, а истражувањата покажуваат дека речиси 80 отсто од тркачите трчаат за да останат во форма или да го одржат своето здравје. Студијата објавена во списанието „ЈАМА интернал медисин“ открива дека само 10 минути дневно од оваа активност може да ви го продолжи животот. Според тренерот Мајк Бол, трчањето е одлична форма на фитнес, која нуди многу придобивки. Најдобриот дел е тоа што можете да трчате речиси секаде, без никаква опрема, освен добри патики за трчање.
– Иако има луѓе што ги поместуваат границите на трчањето, како оние што учествуваат на маратони, има и предности од пократките трчања, како на пример 10 минути дневно – објаснува Бол.
Само 10 минути трчање дневно се одлични за согорување калории и за потикнување на губењето на тежината за секој што има цел да исфрли неколку вишок килограми.
– Трчањето е одлична форма на кардиовежбање и е неверојатен начин да ги постигнете вашите цели за слабеење. Во зависност од вашата брзина и тежина, можете да очекувате да согорите околу 150 калории трчајќи само 10 минути – додава Бол.
Покрај брзото согорување на калориите, трчањето по 10 минути секој ден ќе ви помогне да ги зајакнете мускулите на нозете, да ја подобрите густината на коските, да го подобрите здравјето на срцето и на циркулаторниот систем и да придонесете за подобрување на вашето ментално здравје.