- Пратеникот има право на политички став. Има право да критикува, да предлага, да гласа против и да бара промена на определена политика. Тоа е суштината на парламентарната демократија. Но постои СУШТИНСКА РАЗЛИКА меѓу политичко несогласување со политика што сè уште се утврдува и, од друга страна, свесно игнорирање на ВЕЌЕ усвоени институционални определби на државата…
Во македонскиот јавен простор веќе подолго време се повторува една изветвена политичка мантра, а тоа е предупредувањето дека Македонија наводно се движи кон некаков „руски“ (или српски) свет. Таа реторика особено често ја користат политички структури и нивни лидери од албанскиот политички блок, најчесто како средство за дискредитација на политичките противници, но и на државата.
Политиката не се цени според декларативните ставови, туку според постапките
Токму затоа, последниот парламентарен чин на пратениците што ја бојкотираа или одбија поддршката за Украина отвора многу посериозно прашање од обичната политичка препирка Имено, што се случува кога носители на јавни функции свесно се спротивставуваат на веќе утврдена и институционално потврдена државна политика? Тука веќе не станува збор за тоа кој е „проевропски“, кој е „прозападен“, а кој е „проруски“. Станува збор за нешто многу поелементарно. Тоа е почитување на институциите, на парламентарните одлуки и на државната политика.
Парламентот не е место за лични или за теснопартиски надворешнополитички агенди
Пратеникот има право на политички став. Има право да критикува, да предлага, да гласа против и да бара промена на определена политика. Тоа е суштината на парламентарната демократија. Но постои суштинска разлика меѓу политичко несогласување со политика што сè уште се утврдува и, од друга страна, свесно игнорирање на ВЕЌЕ усвоени институционални определби на државата. Кога Собранието, како највисоко претставничко тело на граѓаните и носител на законодавната власт, веќе има усвоено резолуции, декларации и други акти со кои ја определува државната надворешнополитичка ориентација, тие НЕ можат да бидат третирани како „мени“ од кое секој пратеник ќе избира што му одговара според моменталната партиска или етнополитичка агенда!? Инаку, што ќе остане од институциите? Ако секој носител на јавна функција може да ги почитува државните политики само тогаш кога тие се совпаѓаат со неговата лична или теснопартиска агенда, тогаш проблемот повеќе не е политичкото несогласување. Проблем станува – институционалната нефункционалност.
Демократијата подразбира и одговорност кон сопствените одлуки
Во една функционална парламентарна демократија, политичарите не се само носители на права туку и носители на одговорност. Тие можат да бараат промена на една политика, но не можат истовремено да се повикуваат на институциите кога им одговараат, а да ги игнорираат кога одлуките не се во согласност со нивната политичка агенда. Тоа е опасен преседан. Овој пат, некој ќе ја игнорира државната позиција за Украина, утре друг ќе игнорира друга надворешнополитичка определба. Задутре трета група ќе прогласи дека не ја признава одлуката на институцијата затоа што не се совпаѓа со нејзините политички или етнички интереси. Каде завршува тоа? Имено, парламентарната демократија ќе заврши во политички метеж, институционална блокада и ерозија на авторитетот на државните институции. А токму тоа е спротивно на принципите врз кои почива европската парламентарна демократија.
„Рускиот свет“ како политичко огледало
Иронијата станува уште поголема кога истите политички кругови што со години предупредуваат од руското влијание и од „рускиот свет“ преземаат политичко однесување што ја поткопува сопствената рамка на дејствување. Не затоа што секое противење на Украина автоматски го прави некого „проруски“. Тоа би било политички и аналитички површно. Туку затоа што негирањето или бојкотирањето на сопствената институционално утврдена политика, во име на сопствена политичка агенда, претставува антиинституционален модел на дејствување! А токму антиинституционалноста е еден од најопасните симптоми на секоја политика што постепено се оддалечува од демократските стандарди. Затоа прашањето „Кој е за Москва, а кој за Киев?“ е помалку важно за овој новинарски осврт, туку поважното прашање е: Кој ги почитува утврдените позитивноправни норми и процедури, а и институциите на сопствената држава?
Пратеникот не е над институцијата
Пратеникот не е сопственик на државната политика. Тој е нејзин учесник и претставник на граѓаните. Може да се спротивставува на одлуките. Може да бара нивна промена. Може да гласа против нив. Но ако сака да ја промени официјалната политика, тоа треба да го прави преку институционалните механизми, а не со нејзино селективно непризнавање. Во спротивно, од парламентаризмот останува само формата. Суштината на демократската држава е токму спротивната. Имено, носителите на јавни функции се должни да се придржуваат кон утврдените институционални политики, сè додека тие политики се во сила, а не институциите да се приспособуваат кон личните агенди на нивните носители. Тоа е линијата што го разделува политичкото несогласување од политичкото самоволие. И токму затоа, последниот парламентарен бојкот не треба да се чита само како уште една епизода во бескрајната македонска партиска кавга. Тој треба да биде предупредување. Зашто кога политичарите ќе почнат да ги признаваат институциите само кога тие се согласуваат со нив, тогаш проблемот веќе не е Украина. С.Т.



































