Новата борба за моќ во Брисел

  • Судирот околу иднината на европската дипломатска служба отвора многу поголема дилема, дали ЕУ во време на геополитички кризи
    станува посилна како целина, но послаба како заедница на 27 еднакви членки, или, пак, во прашање е нешто друго

Борбата за иднината на дипломатската служба на Европската Унија што извесно време се води зад очите на јавноста на прв поглед изгледа како уште една од оние бриселски институционални битки во кои службениците се расправаат за надлежности, буџети и канцеларии. Но очигледно зад спорот околу Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) се крие многу поголема политичка дилема: кој всушност ќе ја контролира европската надворешна политика?
Високата претставничка за надворешна политика и безбедност Каја Калас очигледно не го гледа спорот само како административно прашање. Нејзиното неодамнешно предупредување пред дипломатите дека меѓународниот поредок станува сè посложен е всушност аргумент дека на Европа ѝ е потребна силна, препознатлива и релативно автономна дипломатска служба.
– Сите постојано гледаат вести и јасно е дека меѓународниот контекст станува сè посложен, како и институционалниот контекст, а тоа не е случајност – им рече шефицата за надворешни работи на ЕУ на дипломатите собрани во мензата на ЕЕАС на доверлив состанок пред околу две недели.
Калас се бори против плановите предводени од Германија за спојување на Европската служба за надворешна акција со 5.000 припадници во Европската комисија, враќајќи ја институционалната рамка на ЕУ каква што беше пред Лисабонскиот договор со кој се создаде дипломатската служба во 2011 година.

Кога „ефикасноста“ станува политика

Планот за спојување на ЕЕАС со Европската комисија може да се образложи со рационализација, од потребата од помалку структури, помалку преклопувања, помалку бирократија и поефикасно носење одлуки. И на крајот од краиштата сето тоа звучи сосема разумно, но во политиката работите никогаш не се такви какви што се чинат на прв поглед.
Имено, повеќе од јасно е дека зад секоја надлежност стои моќ, а зад секое преместување на надлежноста стои нечиј интерес. Но кога станува збор за надворешната политика на ЕУ, тогаш станува збор за една од најчувствителните области во кои се вкрстуваат интересите на најмоќните европски држави.
Гледано низ една таква призма, несомнено прашањето не е само дали Европа ќе има поефикасна дипломатска служба, туку многу повеќе кој ќе биде поефикасен во влијанието врз неа.
Ако дипломатската служба се интегрира во посилно централизирана структура, тогаш природно се поставува и прашањето дали со тоа ќе се зајакне „Европа“ или ќе се зголеми влијанието на оние држави што и досега имаат најголема политичка и економска тежина во Унијата. Токму затоа спорот околу Калас не треба да се гледа само како личен судир или борба за институционален опстанок, туку не треба да се отфрли ниту сценариото дека се работи за многу поширока пресметка околу идниот модел на ЕУ.

Посилен Брисел, послаби членки?

Европската Унија денес сака да биде геополитички актер. Во светот во кој САД, Кина и Русија настапуваат со јасни национални стратегии, Европа тешко може да си дозволи долги процедури и институционална расцепканост. Впрочем, тоа се гледа и од фактот дека ЕУ ја нема никаде на преговарачките маси.
Но тука се појавува еден парадокс. За да стане посилна како глобален актер, ЕУ мора да има посилен центар. А колку е посилен центарот, толку е поголемо прашањето кој има најголемо влијание врз тој центар. Европа има 27 членки, но тие не располагаат со 27 еднакви политички, економски и дипломатски капацитети.
Затоа секоја централизација на европските институции неминовно ја отвора дилемата дали моќта навистина се префрла од националните престолнини во европските институции или, индиректно, само се создава нов простор во кој најголемите држави полесно ја наметнуваат својата визија. Тоа е суштината на бриселската игра.
Тука веќе не станува збор само за Германија, Калас или ЕЕАС, туку веќе како да се насетува идниот карактер на самата Унија. Дали ќе биде заедница во која институциите се обидуваат да ги балансираат интересите на 27 држави или постепено ќе се претвора во поцентрализиран политички систем во кој неколку најмоќни престолнини имаат решавачка тежина, тоа времето ќе покаже.

Што ако ваквиот пристап се рефлектира и врз проширувањето?

Овој аспект е особено интересен за земјите кандидати, кои мора внимателно да ги читаат сите сигнали од Брисел за да не влезат повторно во замката во која се најде Македонија, да испорача сè што се бараше од неа и повторно да остане без јасна европска перспектива.
Имено, ако денес се зборува за рационализација и концентрација на дипломатските структури, сосема легитимно е да се постави прашањето дали истата логика утре ќе биде применета и во други области, како на пример во политиката на проширувањето. Не затоа што постои некаков конкретен план за укинување или преземање на структурите задолжени за проширувањето, туку затоа што логиката е иста.
Ако геополитичките околности бараат побрзо, поцентрализирано и постратешко одлучување, тогаш проширувањето тешко може засекогаш да остане само технички процес исполнет со преговарачки поглавја, скрининзи и извештаи. Украина, Молдавија, Западен Балкан, сето тоа одамна не се само административни досиеја. Тоа се геополитички простори. А кога проширувањето станува геополитика, повторно се појавува истото прашање, имено кој ја определува геополитиката на ЕУ.
Токму за Македонија ова треба да биде дилема што не смее да ја занемари. Водејќи се по актуелната логика, ако европските институции стануваат поконцентрирани, а политиката на проширувањето сè повеќе се поврзува со безбедносните и стратешките интереси на најмоќните членки, тогаш и нашиот пристап кон ЕУ ќе мора да се чита во поширок контекст.
Можеби идната ЕУ нема да биде само ЕУ што поставува услови пред кандидатите, можеби ќе биде ЕУ што истовремено ќе ги користи проширувањето, соседството, енергетиката, безбедноста и дипломатијата како делови од една голема геополитичка стратегија. Такви потези веќе гледаме.
Каја Калас во моментот можеби се бори за ЕЕАС, но вистинската битка е за нешто многу поголемо: како ќе изгледа центарот на моќта во идната Европа. ЕУ може да се централизира за актуелниот Брисел да стане посилен. Но останува едно непријатно прашање на кое Брисел допрва треба да даде одговор, имено, кога Европа ќе стане посилно централизирана, дали тоа ќе значи дека европските институции ќе станат посилни или, пак, дека оние што имаат најмногу сила во Европа ќе станат уште посилни. Дали е ова одговор на либералните елити кон суверенистичките сили што сè посилно му се спротивставуваат на досегашниот концепт на Брисел за ЕУ?
Можеби најважното прашање, затоа, не е дали ЕУ се централизира, туку кој ја централизира, во чие име и со која цел.