Наташа Атанасова, Македонска асоцијација на издавачи
Со учество на повеќе од 65 издавачи почна Саемот на книгата во Скопје, во арената „Борис Трајковски“, и ќе трае до 29 април, нудејќи богата програма со промоции, средби со автори, работилници и попусти на книги. За наградите, јубилејот, македонската книжевност и издаваштво… разговараме со Наташа Атанасова од Македонската асоцијација на издавачи.
По што се разликува годинашното издание на Саемот на книгата?
– Годинава во рамките на третата програма „Фелоушип“ на МАИ имаме тројца гости учесници, Луси Дикон-Томас од најреномираната издавачка куќа во светот, онаа што ги има измислено книгите со меки корици – „Пингвин“, Несторас Пулакос од грчката издавачка куќа „Ваксикон публикации“ и Ката Калуѓеровиќ, уредничка во српската „Дерета“, со кои ќе имаме три официјални настани. Преку размената на искуства, состаноците за презентирање на делата и авторите со најголем потенцијал за меѓународен прием кај читателската публика и, секако, преку личните односи што се воспоставуваат на овој начин, нашите издавачи градат мрежа на соработници од странство, која е клучна за поголема видливост на нашата книжевност и култура. Потоа ќе има работилница за споделување искуства, брзи состаноци меѓу издавачите и учесниците и панел дискусија на темата „Македонското издаваштво во контекст на современите издавачки текови“, која е отворена за медиумите и за јавноста и ќе се одржи денеска од 16 часот. Свеченото доделување на наградите на МАИ, пак, е закажано исто така за денеска. Верувам дека наградите ги стимулираат издавачите да се трудат да бидат подобри континуирано, а сите други да гледаат на резултатите на издавачкиот процес како на огромен труд и креативност на една цела екипа од уредници, автори, илустратори, дизајнери, лектори, како на нешто што е вредно за почит и внимание и чија цена најмалку може да се измери со цената на чинење на една книга.
Како се развиваше македонското издаваштво изминативе десет години и кои значајни достигнувања би ги подвлекле?
– Она што е забележливо изминативе години е: враќањето на класиците на издавачката сцена (и домашните и светските) во нови изданија, со ново уредување и со нови модерни корици што се привлечни за современиот читател – такви едиции имаат „Арс ламина“, „Три“, „Полица“, „Антолог“… Потоа, креативното експериментирање со формата и содржината на книгите што се издаваат – во овој период добивме книги што се читаат од двете страни, книги и со Брајово писмо, книги со рачна доработка, а оваа година и првата нема сликовница; во делот на книжевноста за деца имаме енормно зголемен квантитет на изданија, што неминовно повлекува и зголемен број квалитетни изданија и подем на книжевноста за деца, што се гледа и од меѓународниот успех на повеќе наши автори и илустратори (Билјана С. Црвенковска, Ване Костуранов, Ника Гавровска). Потоа, гледаме како македонските издавачи сè повеќе внимание посветуваат на изгледот на книгите и нивните корици, па постојат дизајнери, како Марко Трпески, кои веќе се етаблираа како препознатливи дизајнери на корици. И на крајот, би споменала дека во овие десет години се појавија и неколку помали издавачи, како „Чудна шума“, „Сказнувалка“, „Гаврош“, „Светулка“ и „Илика“, кои внесоа многу свежина и во изданијата за деца и во изданијата за возрасни. Сè на сè, издаваштвото е еден многу живописен, жив и жилав сектор.
Со какви предизвици најчесто се соочуваат издавачите денес и како МАИ придонесува за нивно надминување?
– Секој од издавачите во земјава, во зависност од тоа дали е голем или мал, дали е специјализиран за издавање одреден тип литература или има широка понуда, дали е фокусиран на домашна или на преводна книжевност, си има свои предизвици. Асоцијацијата нуди поврзување на издавачите со цел заедничко дејствување за борење на сите фронтови што се отворени: од грижа за намаленото внимание за читање кај децата и младите, преку статусот на книгата во нашето општество и достапноста на книгите до што поголем дел од населението, до пробивањето на македонските писатели во меѓународни рамки.
Кои се Вашите очекувања и аспирации за иднината на македонската книжевност и нејзиното позиционирање надвор од границите на државата?
– Минатата недела МАИ за првпат имаше свој штанд на Саемот на книги за деца во Болоња каде што присуствував на една прекрасна панел-дискусија на три претставнички од Бугарија, кои зборуваа за поддршката што ја имаат тие од државата преку грантови за превод и за резултатите што ги имаат постигнато од 2021 година досега, кога била отворена Софиската агенција за книга. Бројот на преводи на бугарски автори на странски јазици во овој период бележи огромен скок и јас се надевам дека во близок период ќе го видиме тоа и кај нас. Не дека и сега немаме успешни автори – видете само колку се преведувани Румена Бужаровска, Никола Маџиров, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Петар Андоновски, Блаже Миневски! Со континуираното меѓународно присуство на саемите во Франкфурт и во Болоња, со програмата „Фелоушип“ и со уште нови активности на меѓународен план, кои ќе се развиваат паралелно, како надградба на тоа што веќе се прави, а и со многу поголем фокус на продажба на авторски права на книги за деца, верувам дека бројот на странски преводи забрзано ќе расте.
































