Хумана страница

Во пресрет на Новата година, една донација ги зарадува дечињата што се лекуваат во Детската клиника во Скопје. Авторот Зоран Спасов-Ѕоф и издавачката куќа „Арс ламина“ донираа библиотека, а новото литературно катче е наречено „Соба на бајките“.
Библиотеката содржи стотина книги за деца, сликовници, читанки и лектири на македонски и на албански јазик. Библиотеката е направена и опремена со средства од продажбата на хит-книгата на Ѕоф „Цепај, сине: пошто џабе живиш у Македонија“, која беше објавена минатата година.
Директорот на Клиниката, д-р Реџеп Мемеди, во негово име, но и во името на сите вработени и пациенти, изрази благодарност за хуманиот гест и за покажаната висока општествена свест.
– Книгите имаат неверојатна моќ да лекуваат, да подигнуваат и да нè пренесат во различни светови, дури и во најтешките моменти. Се надевам дека децата што ќе поминуваат време во „Соба на бајките“, во неа ќе најдат радост, утеха и инспирација за време на периодот на оздравување. Заедно со „Арс ламина“, горди сме што придонесуваме за создавање на овој простор исполнет со приказни што ќе им дадат сила и оптимизам, кои им се потребни за посветли денови – вели авторот и филантроп Зоран Спасов-Ѕоф.
Тој најавува дека и сумата од продажбата на неговата најнова книга „И јас сум Сирма“, која беше објавена минатиот месец, ќе ја намени во хумани цели.