Карикатура: „Нова Македонија“

Последните настани со давањето свечена заклетва на советниците во три македонски општини во која стоело името Република Македонија само уште еднаш во низа потврдија дека има неусогласеност на Законот за локална самоуправа со Уставот. И не се работи само за овој конкретен случај туку има и повеќе други такви случаи каде што постои колизија меѓу Уставот и законите, поради што се креираат состојби од кои не е тешко да се констатира дека легислативата во државава е далеку од усогласена, и по вертикала и по хоризонтала, што само по себе и за себе го прави владеењето на правото неможно…

Правната неусогласеност по вертикала, помеѓу Уставот и законите и подзаконските акти, како и по хоризонтала, помеѓу самите закони, што се создава во државата, со години креира атмосфера на отсуство на усогласен правен систем, во кој е тешко да се направи поведение што уставотворецот или законодавецот (во крајна линија државата) го бара од своите граѓани, односно институции. Сите внатрешни чинители на тој „систем“ се едноставно збунети како да го усогласат своето поведение според позитивното право, па дури има појави и на субјективно толкување на законите, секој да се дрзнува да си ги толкува како што сака и онака како што му одговара.

Свечената заклетва на советниците во три македонски општини потсети на правната неусогласеност

Последните настани со давањето свечена заклетва на советниците во три македонски општини во која стоело името Република Македонија само потврдија дека има колизија и неусогласеност на голем број закони со Уставот, поради што се креираат состојби од кои е тешко да се најде правен излез втемелен на доследно почитување на словото на законот.
Имено, советниците во свечената изјава (заклетва) наведена во членот 38 од Законот за локална самоуправа се обврзале, меѓу другото, дека „ќе го штитат уставниот поредок на Република Македонија“. Гледано од овој аспект, тие со овој чин не го прекршиле законот.
Од друга страна, според членот 2 од Уставниот закон, новото име треба да се применува по автоматизам во прописите и другите акти на државните органи од денот на стапувањето во сила на овој закон, што значи треба да се применува и во Законот за локална самоуправа без тој да се менува во Собранието.
Но повторно има парадокс и во самиот Уставен закон, па во членот 4 се наведува дека новото уставно име на постојните документи и материјали наменети исклучиво за внатрешна употреба ќе започне да се применува со отворањето на секое поглавје од релевантното поле во преговорите со Европската Унија, а ќе заврши најдоцна во рок од пет години од отворањето на поглавјето. Свечените заклетви на советниците се документи за внатрешна употреба, а Македонија не ги започнала преговорите за членство во ЕУ и нема обврска да го применува новото име на документите за внатрешна употреба.

Последици од контрадикторностите во правните акти

Ваквата конфузија отвора можност утре некој да процени дека одлуките што ги изгласале советниците се нелегални, оти тие немале дадено валидна свечена заклетва, и да се блокира работата на локалната самоуправа.
– Ако тие советници имаат дадено невалидна заклетва, тогаш сите одлуки што ќе ги носи Советот ќе будат ништовни, бидејќи се донесени од советници што немаат верифициран мандат. Тоа значи наместо да имаме развој на општините, ќе имаме назадување и блокирање – истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Ова е само најсвеж пример за контрадикторноста на самите закони и Уставот, а ваквите колизии испливуваат на површина постојано и оставаат впечаток дека кај нас законите се целосно контрадикторни и двосмислени.
Не толку одамна, во јавноста се крена бура со издавањето на новите лични карти, кои, иако законот не беше изгласан во Собрание, го видоа светлото на денот благодарение на подзаконски акт донесен од МВР. И тогаш дилемата беше дали подзаконскиот акт може да биде посилен од самиот закон и Уставот, но целата работа стивна бидејќи во моментот граѓаните имаа потреба да дојдат до нови лични документи, важни за нивното секојдневно функционирање.
На почетокот на ковид-кризата копјата се кршеа и за тоа дали може да се состане распуштено собрание и да прогласи кризна состојба, па спикерот Талат Џафери даваше свое толкување на Уставот, во насока дека не може, некои од пратениците тврдеа дека Уставот дозволува да се состане распуштено собрание кога станува збор за кризни ситуации, така што и оваа полемика траеше со недели, одложувајќи ја одлуката за воведување кризна состојба.
Дилемата дали е нешто законски или уставно се јави и при доделувањето на мандатот за формирање нова влада, односно дали мандатот го добива победничката партија на изборите или, пак, оној што обезбедил мнозинство во парламентот.
Слични примери имаше и со Законот за употреба на јазиците, како и со многу други закони, кои постојано се во судир со Уставот и кои отвораат можност за различни толкувања поради многуте подзаконски акти што се носат подоцна, а кои дополнително ја разводнуваат суштината.

Попусто меѓународната заедница не инсистира на доследно почитување на принципот на владеењето на правото

Сето ова остава една лоша слика за државата во меѓународни рамки, па не случајно постојаните забелешки што стигнуваат од Европската комисија се однесуваат на доследното почитување на законите и владеењето на правото.
Поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски смета дека кај нас овие состојби се такви бидејќи владеењето на правото сè уште не е темелен принцип кон кој треба да се држат сите наши институции.
– Состојбите се такви каде што владеењето на правото сè уште не е темелен принцип до кој треба да се држат сите наши институции и, за жал, владеењето на правото ако го имаше, нема да има ниту корупција, ниту криминал, нема да ги има ниту сите други негативни појави во општеството. За да го нема тоа, секој треба одговорно да си ја врши својата функција во општеството – вели Ивановски.
Според него, за да не се јавуваат контрадикторности меѓу самите закони, но и нивно доаѓање во колизија со самиот Устав, правните акти уште при носењето мора да бидат квалитетно подготвени и усогласени со самиот Устав.
– Законите мора да бидат усогласени со Уставот, но и сите други подзаконски акти мора да бидат усогласени и со законите, но и со Уставот. Друга работа е што кај нас како некој да сака да ја разнишува уставноста, како да не сака да се држи до принципот на уставност. Но гледаме и од квалитетот на Собранието, од неквалитетот на самиот состав, тоа наместо да биде коректор на проблемите, некогаш и самото ги создава. Имате непридржување на двотретинското мнозинство при донесување закони, различни мешетарења, блокирање и слично. За да се поправат состојбите, правниот систем треба да биде кренат на ниво на компетенции и ниво на уставност – нагласува Ивановски.
Коментирајќи ги постојаните контрадикторности во законите, поранешниот претседател на Уставниот суд смета дека постојат механизми преку кои може да се отстранат дуализмите и нејаснотиите во самите закони.
– Ако Владата смета дека некој закон не е добар, може да поведе постапка тој да се смени. Сè додека тој закон е уставен, не е прогласен за противуставен, таа е должна да го спроведува, а не да го коментира и изигрува. Кај нас овие принципи сè уште се на стаклени нозе, за жал преовладуваат овие интереси, кои не се ниту уставни, не би требало да бидат ни логички правни, туку интереси од типот дај што побрзо да се заврши работа, да се заграби власта, владее еден макијевилизам, кој не им оди во прилог ниту на оние што ги подготвуваат законите, ниту на оние што ги гласаат, а најмалку на граѓаните, кои очекуваат тие акти да го уредат нивниот живот – категоричен е Ивановски.
Тој уште додава дека овие законски папазјании некогаш произлегуваат од нестручност, а некогаш се и со зла намера, за намерно да се создаваат конфузни состојби.
– Има механизми во системот што можат да ги исправат овие работи, но очигледно некому не му одговара тоа. Инаку, можат да се дадат толкувања на органите што ги подготвуваат тие документи и како да ги поправаат овие работи, но тоа треба да се направи. Ние сме држава што се радува што го достигнала нивото за да биде држава, но за да биде држава треба и самата да ги покажува државните елементи и атрибути и наедно да ги почитува – заклучува Ивановски.