Фото: Маја Јаневска-Илиева

Туризмот го поттикнува развојот на повеќе економски области, но и зависи од нив, така што, покрај краткорочните мерки што ги презема Владата, според упатените, неопходно е да се создадат услови и за негов долгорочен развој и осовременување

Поддршката за туристичко-угостителскиот сектор, поради одолжената здравствено-економска криза, ќе биде неопходна и во следниот период, но паралелно државата мора да создава услови и за долгорочен развој на секторот преку негово целосно осмислување и осовременување, објаснуваат упатените. Само со подобрување на инфраструктурата, на комуналните предуслови, на хигиената, како и со гарантирање на безбедноста на туристите, а пред сѐ со растот на економијата, според нив, може да се очекува подем на секторот по кризата.
– Ваучерите како мерка за поттикнување на туризмот се применуваа и во соседството и во Европската Унија. Повеќето од корисниците на субвенции во туризмот пред кризата беа од странство. Сега се стимулира посета од домашни туристи, но недостаток е ако таа се сведе само на социјална категорија, бенефиција нема да има севкупниот туристички сектор. Туризмот не е во групата примарни потреби на граѓаните, туку тој е во втор план, откако ќе бидат задоволени основните потреби. Затоа социјално загрозените граѓани многу малку одвојуваат за туризам, без оглед како се стимулира. Многу мал дел од лицата што добија субвенции лани се вклучени редовно во туризмот. Тие се на некој начин инфериорни кон патувањето како задоволство и ќе гледаат како да ги претворат парите во производи со кои ќе ги задоволат основните потреби – вели професорот Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

Мултипликативните ефекти од туризмот

Професорот објаснува дека туризмот го поттикнува развојот на повеќе економски области, не е само посета на сместувачки капацитети или ресторани, туку опфаќа трговија, сообраќај, услужно занаетчиство…
– Бидејќи туризмот придонесува за развој на повеќе области, добро е да се стимулира опстанокот. Нивото на посетеност како во 2019 година нема да се постигне во следниве две-три години, а дотогаш е неопходно одржување на сите засегнати. Но кога зборуваме за туризмот, мора да се има предвид дека ова е комплексен процес каде што не може одделно да се разгледуваат различни сегменти, или да се дели меѓу домашни и странски туристи. Потребен е дестинациско-организациски менаџмент, каде што сите чинители ќе дадат свој придонес. Не може да развиваме туризам без основните услови, како развиени патишта, без вода, без инфраструктура, тоа е основата за развој на туризмот. Притоа кога зборуваме за инфраструктура не се мисли само на хотелите, на сместувачките капацитети, туку целосна уреденост на просторот, опременост со потребните комунални предуслови, потоа хигиената да е на многу повисоко ниво, но и безбедноста е исто така значајна, како здравствената така и сите други видови – додава Мариноски.

Како до посодржаен туризам

Потребен е постудиозен пристап за да имаме посодржаен туризам, посочува професорот и вели дека за развој на туризмот би било подобро да има кластерски приод, каде што секој чинител што наоѓа интерес во туризмот треба да се вклучи во организацијата, не да дејствува изолирано како поединечен сектор.
– Со концептот на дестинациско-организациски менаџмент се вклучуваат сите релевантни чинители во дестинацијата, од угостители, преку занаетчии, трговци, сообраќајните чинители и сите заедно ќе овозможат оптимално уредување и настап на туристичкиот пазар – истакнува Мариноски.
Од Стопанската комора на Македонија истакнуваат оти измината година беше многу комплицирана за туризмот поради што е тешко да се најдат механизми што ќе ги надоместат последиците од пандемијата.
– Здравствената криза предизвика нарушување на сите конститутивни елементи на туристичкиот пазар. Иако свесни дека домашниот потенцијал не е доволен за да го надомести загубениот туристички промет што го генерираат странските туристи, сепак за да се намалат негативните последици препорачавме воведување вредносен ваучер. Според изјавите на официјалните лица, бројот на реализирани вредносни ваучери за туризам не е целосен, што упатува на делумна ефективност на мерката. Сепак мерката даде позитивни резултати и доколку продолжи и во 2021 година, како што се најавува, има потенцијал да постигне висока ефективност – вели Даниела Михајловска Василевска, координаторка за туризам во Стопанската комора на Македонија.

Олеснети процедури за субвенционирање

Од СКМ предлагаат воведување бесплатни тестови или делумно субвенционирани тестови за странски државјани со туристички престој во Македонија додека трае пандемијата.
– Тестовите да бидат овозможени за државјаните на оние држави на кои ќе им бидат потребни при влез назад во матичната држава. Наедно да бидат подготвени протоколи за дејствување во случај на позитивни резултати од направениот тест. Примената на оваа мерка проследена со олеснети процедури за субвенционирање на туризмот, поддршка на традиционалните пазари и соодветна промоција во регионот во согласност со препораките од студиите значително може да придонесе за ублажување на поразителните резултати и што е најважно за постигнување поповолна меѓународната позиција на Северна Македонија како туристичка дестинација – посочува Михајловска Василевска.
Од СКМ сметаат дека за опстанок на туристичко-угостителскиот сектор е потребно приспособување на мерките и условите за нивно користење, особено во делот на времетраењето на помошта, висината на кредитите наменети да постигнат ликвидност, ослободувањето од давачки како придонеси и други оптоварувања што нема како да бидат покриени без економска активност, како и сите давачки на кои државата не може да смета ако нема економска активност.

– Од клучно значење за справувањето со предизвиците од кризата е конституирање комитет за туризам каде што ќе бидат ставени на дневен ред поважни документи од областа на туризмот, а на итна седница да се разгледаат препoраките за справување со последиците и да се дадат насоки и задолженија на ресорните институции. Во спротивно ќе се соочуваме со парадоксални ситуации, а туризмот во системот на државата ќе остане без адреса за обраќање – истакнува Михајловска Василевска.

Владата продолжува со ваучерите

Од Министерството за економија најавија оти ваучерите за посета на туристичките локации во земјава ќе продолжат и оваа година, но со измени.
– Вкупната сума предвидена за издавање ваучери за туризам обезбедена со Програмата за подршка на домашниот туризам за работници со ниски приходи е 15.000.000 денари. Вредноста на поединечен ваучер е предвидено да достигнува 12.000 денари. Во согласност со програмата се планира да се поделат 1.250 ваучери за туризам и тие ќе можат да се користат само во категоризирани хотели во туристички центри – објаснуваат од Министерството за економија.
Минатата година со мерката ваучери за домашен туризам во вредност од шест илјади денари беа поделени 117.531 ваучер за домашен туризам. Од поделените ваучери, во текот на 2020 година биле искористени 64.788 ваучери и за нив Министерството за економија има потрошено 388.000.000 денари.
– Во согласност со Законот за буџет, средствата што нема се користат во тековната година се враќаат во трезор и се репрограмираат за наредната година. Очекувањата на Министерството за економија се дека повисоката сума на ваучерите ќе придонесе да има поголем интерес – истакнуваат од Министерството за економија.