Карикатура: „Нова Македонија“

Наместо континуирано да продолжат подготовките за пописот и навреме да се обезбедат попишувачи, односно истите тие да се вакцинираат и да се направи нивна обука, огласите беа распишани на почетокот на август, кога повеќе од јасно беше дека поради годишните одмори нема да има премногу голем одзив, така што ова што се случува сега е резултат на некои, во најмала рака, недопустливи и нелогични проекции. Единствено нешто што продолжи во овие неколку месеци беше онлајн попишувањето на дијаспората, што исто така е статистички преседан, бидејќи никаде во светот попис не траел толку долго

На две недели пред почетокот на најголемата статистичка операција во земјава

На две недели до почетокот на пописот, Државниот завод за статистика не може да обезбеди доволен број попишувачи, па одново го продолжи рокот за пријавување кандидати за попишувачи за уште една недела, со што јавноста почна отворено да се прашува дали на 5 септември воопшто ќе започне најголемата статистичка операција во земјава.
И по завршувањето на вториот рок за пријавување заинтересирани попишувачи, бројот на пријавени е далеку од очекувања на ДЗС, па затоа огласот е продолжен за уште една недела. Од ДЗС додаваат дека им се потребни голем број попишувачи бидејќи попишувањето ќе се одвива на осум јазици.
„Нова Македонија“ уште на почетокот на јули предупреди дека неразбирливо се замрени сите подготвителни процеси по одложувањето на пописот што првично требаше да се одржи во април, но поради лошата епидемиолошка слика тој беше одложен за септември.
Во меѓувреме, наместо континуирано да продолжат подготовките за пописот и навреме да се обезбедат попишувачи, односно истите тие да се вакцинираат и да се направи нивна обука, огласите беа распишани на почетокот на август, кога повеќе од јасно беше дека поради годишните одмори нема да има премногу голем одзив, така што ова што сега се случува е резултат на нелогичните проекции. Единствено нешто што продолжи во овие неколку месеци беше онлајн попишувањето на дијаспората, што исто така е статистички преседан, бидејќи никаде во светот попис не траел толку долго.

Со доцнењето не се исполни ниту една од главните забелешки на граѓаните, попишувачите што ќе влегуваат во нивните домови да бидат вакцинирани, но како што претходно изјави првиот човек на ДЗС, Апостол Симовски, тие не можат да ги принудуваат кандидатите да се вакцинираат бидејќи вакцинацијата е на доброволна основа, така што ниту ова барање не е исполнето и нејасно е како граѓаните ќе се однесуваат во услови на нов бран на ковид-19.
Имајќи ги предвид наведените факти, нејасно е како државата планира да одржи попис на 5 септември кога ништо не е подготвено за почеток на најголемата статистичка операција, која во земјава не е направена веќе 20 години или, пак, сè се прави во последен момент.
– Тоа што нема пријавено доволен број попишувачи, секако, е проблем. Сега рокот повторно е продолжен, но не верувам дека тој број и сега со продолжувањето ќе се задоволи. Проблемот и не е толку околу пријавувањето, туку територијално во кој пописен реон и во кои општини има или нема доволно попишувачи. Најголем проблем е во општините каде што нема доволен број попишувачи. Тоа е едно, зашто може да има и поголем процент прво, на вкупно пријавените попишувачи, второ, на пописен реон и трето, на ниво на општина. Значи има три нивоа што треба да ги задоволат овие критериуми – вели Дончо Герасимовски, поранешен директор на ДЗС и добар познавач на пописната проблематика.
Тој нотира уште еден проблем, а тоа е колку во етничките средини се пријавени кандидати од етничките заедници.
– И едно такво согледување треба да се направи за да се види дали има доволно попишувачи или не. На пример, во една етничка средина каде што живее исклучиво население од една етничка припадност, треба да оди лице што ќе го спроведе тоа на нивниот јазик. Веројатно ДЗС прави напори да најде попишувачи, но причината зошто не се пријавуваат треба да се бара преку други согледувања што треба да се направат – посочува Герасимовски.

Според него, дополнителен проблем е што и дел од веќе пријавените во меѓувреме се заразиле со вирусот.
– И во бројот на пријавени сега ќе има отсуство, така што тие нема да имаат доволно време да се вклучат во пописната операција. Ова е отворен проблем што со оглед на актуелните состојби тешко се решава – истакнува Герасимовски.
Поранешниот прв човек на ДЗС вели дека сите констатации и заложби се дека пописот треба да се одржи, а за негово одложување ќе се одлучува во последен момент, во зависност од здравствената ситуација и мерките што ќе се предложат.
– Мислам дека проблемот со недоволен број попишувачи и нема да биде толку голем, колку проблемот со ковид-19 и заразеноста. Бројките секој ден одат горе-долу. Има сè уште време и во овие 15 дена ќе се следи состојбата со вирусот и пред самиот попис надлежните ќе одлучат дали тој ќе се одржи или не – прецизира Герасимовски.
Според него, дури и повторно да дојде до одложување на пописот ќе биде проблем, бидејќи досега државата веќе има финансиски трошоци.
– И да дојде до одложување, ќе има проблеми. Треба Собранието да ја изгласа таа одлука, а финансиските трошоци никој не ги споменува. Прашање е колку сето тоа чинеше досега, ниту какви надоместоци и награди се доделени, ниту колку се потрошени средства за обуки на терен за она што е досега направено, бидејќи државните инструктори се на терен. Тие таму имаат сместување, престој, хранарина, дневници и слично. Така што еднаш одложен попис, па повторно, сето тоа ќе има и финансиски импликации врз државата – констатира Герасимовски.
Од ДЗС се убедени дека ќе успеат навреме да ги завршат сите подготовки до почетокот на пописот, без оглед што имаат недостиг од попишувачи во повеќе општини.

– За поголем дел од пописните реони е обезбеден потребниот број попишувачи и инструктори. Останува да се дополни потребниот број кандидати за попишувачи во следниве општини: скопските општини, Гостивар, Тетово, Струга, Дебар, Маврово и Ростуша, Врапчиште, Теарце, Желино, Студеничани, Арачиново, Илинден, Петровец, Охрид, Струмица и Ново Село – појаснуваат од ДЗС.
Според ДЗС, обуките на учесниците во теренските пописни активности ќе се случуваат во последната недела на август.
– Сметаме дека сите ќе бидат обучени и подготвени за отпочнување на пописот на 5 септември – додаваат од ДЗС.