Конечен договор без конечност

Иако според ООН-резолуциите се разговара за спорот за името, но не и за јазикот на пример, што и владите на Грција го претпочитаа заклучно со владата на Самарас, договор што ќе се задржеше само на името, во случај на промена на истото тоа, носеше само загуба за Македонија

По склучувањето на конечниот договор со Грција, повеќепати анализирав и коментирав за прашања поврзани со договорот, но досега го немав директно анализирано и коментирано самиот договор. Од друга страна, како редовен коментатор и истражувач на спорот за името, повеќепати имав истакнувано што би бил можен компромис меѓу зачувување на идентитетот и стремежот за евроатлантските интеграции.

Така во „Ерга омнес, не благодарам“ од мај оваа година, во кој ги коментирам ставовите на граѓаните во последното истражување на јавното мислење, наведувам дека добар компромис би бил заснован на прифаќање на идентитетот од Грција, решение во две фази и членството во ЕУ. Според јавните перцепции, јазикот, Уставот и државјанството се најбитни за идентитетот, дефинирањето на јазикот и националноста/државјанство како македонски / Macedonian, како и зачувување на кодовите за земјата (МК) и за јазикот, може да го намали чувството за закана по идентитетот. Доколку се решени јазикот и државјанството, промената на Уставот или негово одложено важење би била дополнителна гаранција. Одложување на промена на Уставот во моментот на прием во ЕУ е исклучително важно за стравувањето од нови барања на Грција, односно спречување нови барања. Решението е можниот договор меѓу Грција и Македонија да стапи во сила на денот на прием на Македонија во ЕУ.

На тој начин, Грција од кочничар би станала промотор на македонското членство, а Македонија би знаела дека нема да има нови пречки на патот кон ЕУ од страна на Грција и дека нема да има промена на името доколку Македонија не стане членка на ЕУ поради други причини, како земји што се спротивставуваат на проширувањето (можен референдум во Франција или вета од земји со влијание на екстремната десница). Тоа е моделот што може да обезбеди решение, иако и во него има ризици, но сепак вреди да се проба бидејќи не е јасно кога би била следната можност за решение на спорот за името.

Колку конечниот договор со Грција ги исполнува критериумите за добар компромис. Промена на името, промената да биде ерга омнес, со промена на Уставот (чл. 1.3), дефинирање на националноста, на јазикот, зачувување на кодовите на земјата и јазикот (чл. 1.3), употребата на Македонија и македонски – значењето и опсегот (чл. 7, чл. 1.3), употреба на придавката историски и образовни прашања (чл. 8), фазите на промената (чл. 1.10), се некои од прашањата што предизвикуваат дебата, додека дел, како непроменливост на границите и други делови, не се контроверзни.

Пред анализата колку договорот ги исполнува критериумите за добар компромис, еден коментар за вклучувањето на идентитетските прашања во договорот. Иако според ООН-резолуциите се разговара за спорот за името, но не и за јазикот на пример, што и владите на Грција го претпочитаа заклучно со владата на Самарас, договор што ќе се задржеше само на името, во случај на промена на истото тоа, носеше само загуба за Македонија. Вклучување на идентитетските прашања овозможи договорот да има и елементи во кои Македонија добива. И можеби поважно, вклучување на идентитетските одредби не само што овозможува добивки за Македонија туку спречува промената на името на државата да го загрози идентитетот. Секако очекувано е негирањето од Грција дека признала македонски идентитет, но признавањето на македонскиот јазик, макар и со значење дефинирано во чл. 7, значи признавање македонски идентитет.

Во однос на елементите на договорот. Најголема загуба во договорот е прифаќање на промена на името во Северна Македонија, ерга омнес со промена на Уставот. Најголема придобивка е потврдување на јазикот како македонски. Придобивки со одредени компромиси се и утврдувањето на државјанството како Македонско/Граѓанин на Северна Македонија, како и задржување на кодовите МК и МКД со исклучок на сообраќајниот код (НМ или НМК). Како Македонија и македонски ќе го употребуваат двете страни, неминовно е вклучувањето на различното толкување на поимите, грчкото и македонското, кое иако за многумина се подразбира, веројатно се подразбира како потреба на грчката страна. Спорно е дали такво толкување во договорот (чл. 7) може да направат политичари, бидејќи е историско прашање и, секако, со договор е скоро невозможно да се уредат националните митови. Не е со закон уредено едно од најчестите машки имиња да биде Александар, а не може ниту со договор да се забрани. (продолжува)

Блог www.megjutoa.mк @sklek #СпоротЗаИмето #Референдум #Бојкотирам #ЕУ #НАТО