По обелоденувањето на повеќе инциденти со истакнати јавни личности на Холивуд, за сексуално вознемирување, илјадници жени ги споделија своите искуства со сексуалното малтретирање. Во истиот контекст Белата куќа го поддржа Брет Каванах, додека трае истрагата на ФБИ за обвинувањата за сексуално малтретирање на повеќе жени против главниот кандидат за судија на Врховниот суд во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја разбранува домашната јавност, откако во вторникот порача дека дошле тешки и страшни времиња за младите мажи во САД. Покрај тоа, шефот на Белата куќа, како што јавува Би-би-си, им се потсмеваше на жените што тврдат дека биле нападнати од Брет Каванах, неговиот кандидат за судија на Врховниот суд. Трамп повторно го поддржа Каванах, додека трае истрагата на ФБИ за обвинувањата за сексуално малтретирање на повеќе жени, меѓу кои и Кристин Форд, против судијата.

Коментарите на Трамп се совпаѓаат со првата годишнина на движењето „И јас“, кое доведе до обелоденување повеќе инциденти со истакнати личности на Холивуд, а илјадници жени ги споделија своите искуства со сексуалното малтретирање. Дури и синот на Трамп, Доналд Трамп Џуниор, порача дека е повеќе загрижен за неговите синови отколку за ќерките.

Дрејк Кинг, 18-годишен студент од Тенеси, за Би-би-си изјави дека не се чувствува уплашено како млад маж на колеџот.
– Се чувствувам пријатно со оваа социјална промена, ми помага да разберам што правам погрешно како маж – вели Кинг.

Но многу од поддржувачите на движењето имаат резервирано мислење за „И јас“.
– Кога почна пред една година движењето „И јас“, помислив дека тоа би можело да донесе само придобивки. Но се случија премногу глупости. Сметам дека е погрешно што дебатата се премести од судовите кон судот на јавното мислење – додава Кинг.

Група вработени во Европскиот парламент направија веб-сајт за објавување случаи од колеги што се соочиле со сексуално вознемирување. Ваквиот чекор следува поради сѐ поголемите фрустрации од пасивноста на Европарламентот за подобрување на средствата за брзо справување со проблемите на ранливите категории на вработени, пренесува „ЕУ обсервер“

Непријатноста поради лажните обвинувања е во фокусот на дел од младите лица. Во истражување од 2010 година се наведува дека од два до десет отсто од обвинувањата за силувања во претходните две децении биле докажани дека се лажни. Бројката не ги вклучува неоснованите обвинувања, во кои истрагата не успеала да потврди дека се случил сексуален напад.

– Бев многу сигурен дека сексуалните напади се многу почести отколку што општеството е подготвено да признае, но исто така сум доста сигурен дека лажните обвинувања се многу почести отколку што поголемиот дел активисти на „И јас“ би сакале да го признаат – истакнува Ајден, 23-годишен студент од Аризона.
Тој признава дека сега е многу повнимателен, при што внимава и да ги држи двете раце на виделина при групни фотографии со жени.

– Ако општеството има задача да ги заштити жените од екстремното малцинство на мажи што се престапници, тогаш зарем не треба општеството исто така да ги заштити мажите од екстремното малцинство лажни обвинувачи – додава Ајден.

Кај дел од младите мажи во САД е застапен ставот дека јавното мислење ја заменува судската пресуда. Калијан Кокс, 24-годишен студент, за Би-би-си го сподели своето искуство со случај на посочување на машки колеги откако две жени му рекле дека мажите се однесуваат несоодветно.

– Момчињата флертуваа и претераа, ги прашуваа жените да дојдат во ноќен клуб и потоа во хотел, изразувајќи интерес за сексуален однос. Мажите беа премногу сексистички настроени. На крајот имавме состанок за да го решиме прашањето, заедно со дел од колегите што немаа проблем да ги допираат колешките – наведува Кокс.

Од друга страна, студентот од Охајо, Паркер Смит, смета дека стравот кај мажите е позитивен чекор.

– Ако постапките на мажите станат повнимателни, поради стравот дека ќе бидат обвинети за малтретирање или напад, тогаш нека биде така – додава Смит.


Жртви на сексуално злоставување и во Европарламентот

Група вработени во Европскиот парламент направија веб-сајт за објавување случаи од колеги што се соочиле со сексуално вознемирување. Ваквиот чекор следува поради сѐ поголемите фрустрации од пасивноста на Европарламентот за подобрување на средствата за брзо справување со проблемите на ранливите категории на вработени, пренесува „ЕУ обсервер“.
– Целта е да се обелодени тоа што навистина се случува – вели Ани Хирвела, асистентка на либералната европарламентарка Ангелика Млинар.
Хирвела истакнува дека помеѓу 15 и 20 вработени во Европарламентот се вклучени во движењето, кое се стреми да се бори против сексуалното вознемирување што се случува во законодавниот дом на ЕУ. Точно пред една година Европскиот парламент на пленарна сесија усвои резолуција што содржеше предлог-мерки за спречување на сексуалното вознемирување низ коридорите на парламентот.
Жана Понте, асистентка на францускиот европратеник Едвард Мартин, за „ЕУ обсервер“ порачува дека оттогаш многу малку работи се сменети.
– Гледаме дека тоа не е приоритет. Приоритет се новите избори за парламентот – оценува Понте.
И додека асистентите на европарламентарците вообичаено се далеку од очите на јавноста, Понте го привлече вниманието на дел од медиумите во октомври 2017 година, кога откри дека собрала повеќе сведочења на вработени во парламентот, кои се однесувале на случаи со малтретирање. Таа додава дека досега има сведочења на околу 30 колеги од Европарламентот.
Истовремено, Хирвела предупредува дека многу од жртвите се во ранлива позиција, бидејќи тие често се млади и на почетокот од нивната професионална кариера.
– Кругот на ЕУ е многу мал. Еден погрешен чекор може да доведе до крај на кариерата. Брисел е мал град – додава Хирвела.