Градината и терасата уредени во многу бои и зеленило може да ве опуштат и за момент да заборавите на секојдневните грижи. Направете си своја оаза на мирот, каде што ќе уживате во миговите на одмор и релаксација.
Прво утринско кафе во градината, романтична вечера под свеќи или, пак, семеен ручек се дел од работите што можете да ги направите во градината и затоа ова едноставно парче од вашиот дом заслужува да биде направено по ваш вкус.
Штом ќе го видите пролетното сонце, подгответе се за промени во градината.
За комплетно уживање, вашата градина и тераса треба да изобилуваат со зеленило или, пак, да пливаат во шаренилото на разнобојните видови цветови. При нивното уредување можете да користите и дрво и камен, кои ќе придонесат за дополнителна автентичност и убав изглед.
Доколку имате можност и простор, одлично би било вашиот двор да го украсите со мала фонтана или базен, кои ќе ви овозможат дополнителна свежина и убавина на просторот.
Сите во домот имаме голем број садови и предмети што стојат така и што не знаеме што да правиме со нив? Повеќе од сигурно е дека можете да искористите некои од нив за да ја разубавите својата градина, односно дворот и да му дадете малку поинакво уредување.
На пример можете да посадите цвеќе во стари автомобилски гуми. За да имате поживописна и поуникатна глетка, гумите можете да ги обоите во различни бои, со чија колоритност ќе придонесете за повпечатлив аранжман.
И старите канти од боја можете да ги искористите како саксии во кои ќе посадите цвеќе. Исто таква намена може да имаат и старите кошници. Со малку труд и фантазија можете да ги претворите во одлични цветни аранжмани.
Место во градината или, пак, на терасата можете да му најдете и на вашиот старински сервис за чај или кафе што е малку оштетен или веќе не ви се допаѓа за служење. Неговите шолји може да ги заменат малите саксиички во кои ќе ги посадите вашите омилени кактуси, на кои им е потребно само малку земја за да виреат и да го разубавуваат вашето опкружување.
Симпатична декорација за вашиот двор може да биде и стар велосипед, кој може да ви послужи како држач за некоја од кошниците или кантите што ги спомнавме претходно. Исто така, уникатна декорација може да направите и од стар кафез за птици, кој со малку фантазија ќе го преадаптирате во висечки цветен аранжман на вашата тераса.