Каруана со победи на два елитни турнира скокна на второто место на ранг-листата во живо и е на само 21 поен до Карлсен, пред нивниот меѓусебен меч во ноември за светската титула во шах
Претендентот на светската шаховска титула, Американецот Фабијано Каруана скокна на второто место на светската листа што се води во живо и е на само 21 рејтинг-поен до водечкиот и светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, објави британскиот дневен весник „Гардијан“. Каруана до ваквиот напредок стигна по победите на два елитни турнира, и тоа турнирот на кандидатите во Берлин и потоа на силниот велемајсторски турнир во Баден-Баден. И двата тој ги заврши во доминантен стил, со победа во последното коло, во кое за трофејот му беше доволно и реми.
Со сето тоа, Каруана како да го зголемува психолошкиот притисок врз Карлсен, пред нивниот дуел во ноември во Лондон, за светската титула во 12 партии. Згора, Каруана во Баден-Баден, сосема неочекувано пред меч за светска титула, покажа и новитет во едно отворање, наместо, на пример, да го чува за дуелот за ноември. Двајцата неделава ќе бидат активни на два континента, Каруана во Сент Луис на првенството на САД, Карлсен на турнир во Азербејџан, во мај и во јуни се очекува да играат на ист турнир во Норвешка, има најави дека Карлсен ќе игра во јули на силен турнир, а Каруана во септември пак ќе го предводи тимот на САД на Шаховската олимпијада, за одбрана на златото од 2016 година. Ваквиот распоред на двајцата врвни шахисти е интензивен, кога ќе се направи споредба со ваквите дуели за титулата од минатото, кога претендентите за шаховската круна се повлекуваа и со недели, па и со месеци се подготвуваа со своите тимови.