Бројни славни личности присуствуваа на црвениот тепих на свеченоста „Мет гала“ во Њујорк, организирана од Институтот за костимографија на њујоршкиот музеј „Метрополитен“. Годинашната тема беше насловена „Лексикон на модата“. Последната „Мет гала“ беше одржана во 2019 година, додека минатата година не се одржа поради пандемијата.

Меѓу присутните годинава беа британската тенисерка Ема Радукану, актерката Мејси Вилијамс од „Игра на тронови“, како и голем број музички sвезди, почнувајќи од Лил Нас Екс до Били Ајлиш.

Голем број на креатори на содржини на Јутуб и на Тикток исто така присуствуваа на свеченоста. Настанот го понуди препознатливиот спој од невообичаени и прекрасни фустани и костими.

Јутуберката Ема Чембрлен се појави во наметка од „Луј Витон“, додека Адисон Реј го отелотвори стариот холивудски гламур во долг црвен фустан. На свеченоста присуствуваше и Ела Емхоф, внуката на американската потпретседателка Камала Харис. Јапонската тенисерка Наоми Осака воодушеви во шарен фустан на „Луј Витон“.

Други млади sвезди што го привлекоа вниманието на ексклузивниот настан се, ќерката на Мадона, Лурдес Леон, како и Наталија Брајант, ќерката на починатиот кошаркар Коби Брајант.