Инфлацијата бара урамнотежен одговор

Иако сите се во исчекување што ќе се случува со инфлацијата во иднина, податоците покажуваат дека не постои причина да се реагира избрзано, со големи сеопфатни зголемувања на каматните стапки. Економијата минува низ досега невидена транзиција, која на крајот може да биде од корист на работниците, но само доколку политичарите остават процесот да се одвива природно

Иако се очекуваше да се јави одреден недостиг во снабдувањето кога светската економија повторно се отвори по укинувањето на карантините воведени поради пандемијата на ковид-19, тој беше посилен и подолготраен отколку што се очекуваше. Во пазарната економија, која е регулирана барем делумно со законите на понудата и побарувачката, се очекува дека недостигот ќе се одрази на цените. Кога поединечните зголемувања на цените ќе се соберат заедно, тоа го нарекуваме инфлација, која е на досега со години невидени нивоа. Сепак, мојата најголема загриженост е дека централните банки бурно ќе реагираат, зголемувајќи ги каматните стапки прекумерно и попречувајќи го закрепнувањето на економијата, кое е во почетна фаза. Како и секогаш, во ова сценарио најмногу би страдале оние што се на дното на скалата за приходи.
Во најновите податоци се издвојуваат неколку работи. Прво, стапката на инфлација беше нестабилна. Минатиот месец, медиумите направија голема врева со годишната стапка на инфлација од седум отсто во САД, додека не забележаа дека декемвриската стапка е малку повеќе од половина од онаа во октомври. Без докази за постојан раст на инфлацијата, пазарните очекувања беа соодветно прикриени.
Еден главен извор на повисока инфлација се цените на енергентите, кои се зголемија по сезонски приспособена годишна стапка од 30 отсто во 2021 година. Има причина зошто овие цени се исклучени од „базичната инфлација“. Како што светот се оддалечува од фосилните горива, како дел од мерките за да се ублажат климатските промени, веројатно ќе настанат некои преодни трошоци, бидејќи инвестициите во фосилни горива може да се намалат побрзо отколку што ќе се зголемуваат алтернативните резерви. Но она што го гледаме денес е очигледен приказ на пазарната моќ на нафтените производители.

Високите цени на бензините може да бидат голем политички проблем, бидејќи тие влијаат на сите луѓе. Но сигурно е дека штом цените на бензинот ќе се вратат на претпандемиските нивоа, тие нема да поттикнат понатамошен бран на инфлација.
Згора на тоа, имајќи предвид дека голем дел од денешната инфлација произлегува од светските прашања, како недостигот од чипови и однесувањето на нафтените картели, грубо претерување е да се обвинува инфлацијата за прекумерната фискална поддршка во САД. Постапувајќи самостојно, САД може да имаат само ограничен ефект врз светските цени. Точно е дека во САД има малку повисока инфлација од Европа, но исто така има и посилен раст. Политиките на Вашингтон спречија масовно зголемување на сиромаштијата што можеше инаку да се случи. Покрај тоа, дел од зголемувањата на платите и цените го одразува здравото одржување на рамнотежата на понудата и побарувачката. Повисоките цени треба да укажуваат на недостиг, пренасочувајќи ги ресурсите за „решавање“ на недостигот. Тие не сигнализираат промена во севкупниот производствен капацитет на економијата. Меѓутоа, пандемијата сепак покажа недостиг од економска отпорност.
Слично на тоа, пазарната економија има тенденција да не се приспособува толку добро на големите промени како што е речиси целосно затворање проследено со рестартирање. И таа тешка транзиција се случи по долгогодишно недоволно плаќање на работниците, особено оние на дното на платежната скала. Затоа, не изненадува тоа што САД се соочуваат со актуелниот проблем на работници што ги напуштаат своите работни места за да бараат подобри можности. Ако намалувањето на понудата на работна сила се претвори во зголемување на платите, тоа ќе почне да го поправа деценискиот слаб до непостоен реален раст на платите (приспособен според инфлацијата).

Спротивно на тоа, брзањето да се намали побарувачката секогаш кога платите ќе почнат да се зголемуваат е непогрешлив чекор, кој води до намалување на платите на работниците со текот на времето. Со оглед на тоа што американските Федерални резерви сега размислуваат за нов политички став, вреди да се забележи дека периодите на брзи структурни промени честопати бараат повисока оптимална стапка на инфлација, поради надолната номинална нефлексибилност на платите и цените (што значи дека она што се зголемува ретко се намалува). Сега сме во таков период и не треба да паничиме ако инфлацијата ја надмине целта на централната банка од два отсто, стапка за која нема економска оправданост.
Бидејќи досега не сме поминале вакво нешто, не можеме да бидеме сигурни како ќе се развиваат работите. Ниту, пак, можеме да бидеме сигурни како да реагираме на масовните откази во САД, иако нема сомнеж дека работниците на дното имаат многу нешта да се лутат. Многу работници на маргините може да бидат принудени да се вратат на работа откако ќе им истечат резервите во готовина, но ако тие се незадоволни, тоа може да се види во продуктивноста. Знаеме дека големото целокупно зголемување на каматните стапки е лек полош од болеста. Не треба да го напаѓаме проблемот на понудата со намалување на побарувачката и зголемување на невработеноста. Тоа може да ја намали инфлацијата ако се однесе доволно далеку, но исто така ќе им го уништи животот на луѓето.
Наместо тоа, потребни ни се насочени структурни и фискални политики за деблокирање на тесните грла за снабдување и помагање на луѓето да се соочат со денешната реалност. На пример, боновите за храна за сиромашните треба да се индексираат на цената на храната, а субвенциите за енергија (гориво) на цените на енергентите. Надвор од тоа, еднократното намалување на даноците за „приспособување на инфлацијата“ за домаќинствата со пониски и средни приходи ќе им помогне во постпандемиската транзиција. Тоа би можело да се финансира со оданочување на монополските ренти на нафтените, технолошките, фармацевтските и другите корпоративни гиганти што профитираа од кризата.

Авторот е добитник на Нобеловата награда по економија и е професор на универзитетот „Колумбија“