Можен ли е прогрес без популизам

До прекинот на огнот, светското внимание беше насочено на воздушните напади на Израел врз Газа, што можеби му одговараше на премиерот Бенјамин Нетанјаху, кому му се суди за обвиненија за корупција. Нетанјаху не е единствениот популистички лидер во правна опасност за време на пандемијата. Во тек се слични истраги од Австрија до Велика Британија и САД. Дали демократиите конечно најдоа средства и подготвеност да ги победат своите домашни непријатели?
За да одговориме на ова прашање, најпрво во фокусот треба да го разгледаме примерот за антидемократски популизам, а тоа е поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп. Тој е во центарот на истрагата на обвинителството во Њујорк (за можни даночни и други кривични дела поврзани со деловните активности) и во Атланта (за напорите да ги поништи претседателските избори во САД во 2020 година). Истраги има и за некои од неговите најблиски соработници, како Рудолф Џулијани, поранешниот градоначалник на Њујорк и личен адвокат на Трамп, кој се соочува со федерална кривична истрага за зделки во Украина. Ако биде обвинет, Џулијани, кој се прослави во 80-тите години на минатиот век како федерален обвинител што се бореше против мафијата, нема да биде првиот пријател на Трамп што ќе се соочи со кривично гонење. По него ќе следуваат претседателот на кампањата на Трамп, Пол Манафорт, и неговиот прв советник за национална безбедност, Мајкл Флин. Разликата е во тоа што Трамп повеќе не е претседател, па Џулијани не може да смета на помилување.
За соработниците на Трамп, ваквите истраги се крајно нелегитимни, бидејќи обвинителите се претставници на „длабоката држава“, која е склона кон заштита на корумпираните елити од администрацијата на Трамп што херојски им се спротивстави. Во меѓувреме, кодошите на Трамп ќе уживаат во неговата несреќа. По долгогодишно отворено презирање на американскиот закон, Трамп и неговите блиски конечно ќе одговараат за своите дела. Камо среќа да е така.

Повеќето обвинители што ги истражуваа Трамп и неговите соработници го сторија тоа тајно и крајно внимателно. На моменти се чинеше дека тие не бараа само цврсти докази, туку и нешто што крајно ќе го закопа. Сè помалку од тоа нема да вреди за налетот што ќе следува од светот на Трамп.
Можеби е прерано да се заклучи дека демократските институции во Америка ја докажаа својата издржливост со надминување на стрес-тестот на Трамп. Неодамна објавениот судски документ откри дека минатата година, Министерството за правда на Трамп тајно доби судска покана за да идентификува корисник на Твитер што му се потсмевал на американскиот претставник Девин Нунс, кој е близок сојузник на Трамп. Под водство на сегашниот претседател Џо Бајден, американското јавно обвинителство ја повлече поканата, но тоа не го менува фактот дека обвинителите не се спротивставија на спроведувањето на незаконската наредба на администрацијата на Трамп. Поради ова, адвокатите на „Твитер“ излегоа во одбрана на владеењето на правото.
Ова не беше единствениот случај кога јавното обвинителство ги прифати законски сомнителните барања на администрацијата на Трамп. Дури и кога највисоките функционери одбија, имаше такви што беа подготвени да ги заобиколат своите обврски. На пример, во последните денови на администрацијата на Трамп, вршителот на должноста јавен обвинител Џефри Росен одби да ги принуди парламентарците во Џорџија да ги поништат резултатите од претседателските избори во државата. Но администрацијата на Трамп речиси го отстрани Росен од позицијата поради неговиот отпор што беше планиран со тогашниот граѓански обвинител Џефри Кларк. Американските правни институции брзо застанаа на нозе, но очигледно затајуваа под власта на Трамп. Како да бидеме сигурни дека тоа нема да се случи повторно во иднина?

Во меѓувреме, во Велика Британија премиерот Борис Џонсон е под истрага за голем број етички нерегуларности. Ова подразбира дека владеењето на правото функционира, дури и ако правдата е бавна, особено во услови на пандемија. Џонсон иницира голем број истраги за неговите колеги од кабинетот, од кои најистакната беше дека министерката за внатрешни работи Прити Пател малтретирала нејзин персонал. На крајот, независниот советник на Џонсон за кодексот што го регулира однесувањето на министрите утврди дека Пател го прекршила, што обично би довело до министерска оставка, но премиерот ги отфрли наодите на истрагата. Што се однесува до истрагите за неговото однесување, Џонсон жестоко ги отфрли.
Слична приказна се случува и во Австрија. Канцеларот Себастијан Курц наводно честопати манипулирал и поткопувал истражители и обвинители. Тој побара истрага за корупција поради таканаречената афера „Ибица“, кога лидерот на крајно десничарската партија од коалицијата на Курц беше фатен на видеоснимка како нуди профитабилни јавни договори во замена за готовина. Самиот Курц сега е под истрага за наводно лажно сведочење за време на истрагата за аферата „Ибица“. Но времето на отворање на истрагата веројатно не е случајност, особено кога Курц имаше најслаб рејтинг. Скандалот започна во 2019 година, но дури сега судиите и истражителите во Австрија имаа храброст да го предизвикаат канцеларот.
Сепак шансите за закрепнување од кризата се послаби за многу економии во развој, додека популистите тврдат дека својата моќ ја темелат на претставување на волјата на народот, вклучувајќи и барања за безбедност и спроведување на „законот и редот“. Но вистината е дека популизмот е поттикнат од човечка слабост, плашливост, сиромаштија и алчност, на што правните институции не се имуни. Додека популизмот ги покажува своите мани, човечката слабост останува бесконечен извор, особено во услови на светска здравствена и економска криза.

Авторката е професорка по меѓународни односи на „Нова школа“.