Како да се приспособиме на брзите промени во светот

Компаниите и владите мора да ја прифатат можноста, или огромната веројатност, за забрзување на четири секуларни случувања, кои влијаат врз тоа што и како прават бизнис и политичките лидери. Креаторите и носителите на одлуки треба да ги замислат овие трендови како бранови, кои, ако се појават истовремено, би можеле да се почувствуваат како цунами, особено за оние што нема да успеат навремено да ги приспособат своите размислувања и практики.

Првиот и најважен тренд се климатските промени, кои еволуираа од релативно далечна загриженост, за која има доволно време да се преземат корективни активности, до непосредна и итна закана. Мобилизацијата на разни засегнати сегменти на општеството, што делумно се должи на невообичаени климатски нарушувања во изминатите години, во голема мера го зголемија притисокот врз компаниите да дејствуваат веднаш. Неодамнешната објава на БП дека има намера да постигне „нето-нула“ емисии на јаглерод до 2050 година (што е значајно ветување од енергетска компанија) е најнов пример за начинот на кој бизнисите одговараат на ваквите повици. Само е прашање на време кога овој притисок ќе ги поттикне и владите да преземат понатамошни чекори, не само за да ги охрабрат зелените активности, туку и за да ги даночат и регулираат оние што предизвикуваат загадување.
Второ, загриженоста за приватноста се зголеми заедно со техничките иновации, кои вклучуваат вештачка интелигенција и големи количества податоци. Општеството препознава дека неодамнешните технолошки достигнувања овозможуваат не само поефикасно прибирање огромни количества лични податоци туку и нивно користење за следење и менување на човечкото однесување. Генерално, податоците се контролираат и се експлоатираат од владите (Кина), големите технолошки компании (САД) или од самите корисници (Европа). Ниту една од овие три општи оперативни парадигми не влева доволно доверба или удобност за повеќето луѓе.

Третата секуларна сила вклучува нарушувања во повеќедеценискиот процес на економска и финансиска глобализација. Првичниот предизвик за тоа беше промената на трговската политика на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, од соработка за решавање конфликти до експлицитна конфронтација, односно од мултилатерализам до билатерализам (или дури и до унилатерализам) и од систем заснован на правила до повеќе ад хок аранжмани. Деглобализацијата драматично се засили по избивањето на коронавирусот, што го наруши протокот на производи и услуги во Кина и во целиот свет.
Овие предизвици за глобализацијата им овозможија на владите да ги вооружат економските средства за да остваруваат цели што ја надминуваат економијата, како што е националната безбедност. Ова, пак, ги доведува во прашање концептите за прекуграничните синџири на снабдување или за потпирање на надворешната побарувачка за зајакнување на домашниот пораст.
Финалниот тренд е демографски и се однесува на стареењето на општествата во Европа и во Азија и на економските ина политичките последици од овој тренд. Тоа се однесува и на различните очекувања на разните возрасни групи – од кариерата, личниот ангажман и политичкото дејствување, до испораката на стоки и услуги.
За почеток, бизнисите треба да ги променат своите стратегии. Лојалноста кон работните места и функциите се намалуваат, а очекувањата за сеопфатно исполнување на работата и ангажирање се зголемуваат. Самомобилизацијата од политички и други причини, честопати без видлива лидерска структура, стана многу полесна, но честопати е помалку издржлива и отвора незгодни прашања за тоа што следува потоа. Ова се случува во услови на континуирана миграција на интеракциите од физички кон виртуелни простори.

Секое од овие секуларни сили ќе има значително влијание врз ефективноста и успехот на компаниите и владите. Четирите тренда имаат разновиден и географски распространет сет на победници и губитници. Затоа, извршителите и креаторите на политики мораат да направат навремена ревизија (вклучувајќи и превентивни промени) не само на нивните деловни модели и оперативни пристапи туку и на нивните тактички и стратегиски размислувања. За да се постигне тоа, потребни се когнитивна разновидност, отвореност кон критика, повторени анализи на сценарија и мултидисциплинарни пристапи. Бидејќи секоја од секуларните сили вклучува значителен степен на неизвесност, со многу непознати, многу се важни и еластичноста и агилност.
Предизвиците за носење одлуки и лидерство во бизнис и во државната сфера не се ограничени на мапирање на секоја од четирите секуларни сили и потребната адаптација. Носителите на одлуки, исто така, мора да размислат за корелациите помеѓу трендовите што можат уште повеќе да го зголемат нивното влијание. Земете ги за пример другите аспекти на демографските промени: миграцијата и хуманитарните предизвици што честопати одат заедно. Климатските промени ги соочуваат земјите со можност од миграциски текови, кои тешко може да ги прифатат, но е нехумано да ги одбијат.

Комбинацијата од деглобализација и злоупотребата на вештачка интелигенција и на големите количества податоци за нарушување на приватноста е исто така вознемирувачка. Ова може да доведе до спорно однесување на некои влади и да ги охрабри недржавните актери да ги нарушат општествата и економиите. Светот е во период во кој промените се забрзуваат и случувањата од невозможни стануваат неизбежни. Многу од предизвиците со кои се соочуваат бизнис и политичките лидери може да се поделат на четири секуларни промени што, пак, може да помогне во навремено формулирање на потребните одговори на локално, национално, регионално и на глобално ниво. Колку побрзо компаниите и владите го увидат ова, толку побрзо ќе можат во своја полза да го променат билансот на придобивки, трошоци и на ризици.

Авторот е главен економски советник во Алијанц