Европската енергетска криза што можеше да се предвиди

Овој месец се случува важна пресвртница во борбата против глобалното затоплување, не само поради одржувањето на Климатската конференција во Глазгов туку и поради тоа што земјите најавија амбициозни цели за намалување на штетните емисии до 2050 или 2060 година. Во меѓувреме, владите во Европа и во други региони се соочуваат со непосредна енергетска криза во форма на зголемени цени на гасот и на нафтата. Нивната реакција ќе открие многу повеќе отколку нивните долгорочни ветувања за нето нула емисии околу нивната способност за справување со конкретните предизвици во зелената транзиција.
Сегашниот скок на цената на енергентите е класичен случај на незгода што чекаше да се случи. Долгогодишните ниски цени во комбинација со регулаторниот притисок врз банките да ја намалат нивната изложеност на индустриите со високи јаглеродни емисии, природно ги намалија инвестициите во фосилни горива. Побрзо од очекуваното враќање од рецесијата предизвикана од ковид-19 и постуденото време на северната хемисфера беа доволни за цените да пораснат до нивните највисоки нивоа во последните десет години. Зголемените цени на фосилните горива во принцип се идеални двигатели на зелената транзиција, бидејќи тие ја прават обновливата енергија поконкурентна. Но проблемот е во тоа што потрошувачите се навикнаа на ниските цени и сега жестоко се противат на ненадејниот пораст.

Феноменот не е нов. Многу земји од Централна и од Источна Европа се соочија со сличен проблем кога го загубија пристапот до евтините енергетски резерви од Советскиот Сојуз во раните 1990-ти години. Дотогаш, цените на енергентите во регионот беа толку ниски што повеќето згради не беа соодветно изолирани, а греењето не се ни мереше. Промената на пазарните цени предизвика особено акутни проблеми за голем број пензионери што живееја во неквалитетни станбени згради, бидејќи нивните пензии одеднаш беа пониски од сметките за парно. За повеќето економисти, решението беше јасно, односно владите требаше да ги зголемат цените на енергентите на пазарни нивоа и да искористат дел од зголемените приходи за да им платат на посиромашните домаќинства паушална сума за покривање на повисоките трошоци. Сите главни мултилатерални и европски институции, вклучувајќи ги и ММФ, Светската банка и Европската комисија, го поддржуваа ваквиот пристап, а владите од регионот постепено го спроведоа со текот на времето.
Централна и Источна Европа сè уште целосно не го решија проблемот, домувањето и натаму е помалку енергетски ефикасно отколку во Западна Европа, но повеќето земји во регионот постигнаа значаен напредок. Една интересна лекција од нивните различни резултати е тоа што квалитетот на управувањето на една држава силно влијае врз стапката на подобрување во енергетската ефикасност. На пример, Естонија, која често е на врвот на рангирањето на регионалното владеење, ја зголеми својата енергетска ефикасност побрзо од некои земји од Западен Балкан, каде што квалитетот на државно управување е многу послаб и сè уште има нарушувања на енергетскиот пазар. Во Бугарија, околу 33 отсто од населението посочи дека не е во можност соодветно да го затопли својот дом. Истиот удел во Естонија изнесува помалку од три отсто, покрај фактот што зимите таму траат многу подолго и бројот на денови во грејната сезона е за 50 поголем од оној на Бугарија.

Постепеното зголемување на цените додека се обезбедува поддршка за приходите на сиромашните изгледа едноставно, но е тешко да се спроведе во практика. Во општеството секогаш ќе има групи што имаат валидни барања за поддршка на приходите, а зголемувањето на цените постепено низ времето бара внимателни и ограничени интервенции во енергетскиот пазар. Справувањето со големото зголемување на цените на енергентите, како што сега прават многу земји, секогаш е тест не само за Владата туку и за целото европско општество. Клучна карактеристика на едно флексибилно општество е неговиот капацитет да избегне зголемување на ранливостите, вклучувајќи и во енергетскиот сектор. Впечатлив пример е Шпанија, каде што Владата во моментов е во паника поради наглото зголемување на цената на струјата за домаќинствата. Но шпанската влада сега ја исправа својата претходна грешка со тоа што им вети на домаќинствата дека нема да платат поскапа струја отколку во 2018 година. Шпанската дилема за струјата ја нагласува цената што се плаќа за долги периоди на ниски цени на енергентите. Од политички аспект тие се многу поволни, но ги насочуваат фирмите и поединците да ги градат нивните деловни модели и живејачка на евтина енергија што го отежнуваат секое нагорно приспособување на цените.

Француското движење на „Жолтите елеци“, кое честопати се наведува како пречка за зелените политики, дава уште еден пример. Бунтот што започна во 2018 година се состоеше главно од луѓе чиишто работни места и начин на живот зависеа од патувањето со автомобил, а со тоа и од евтиниот бензин. Тие претставуваа мал, но многу гласен дел од француското општество. Во вакви случаи, прашањето за политичките системи е како да се грижат за мало малцинство чија егзистенција е загрозена од промените. Лесниот одговор е да се обезбедат субвенции за гориво. Меѓутоа, субвенциите не се остварливо долгорочно решение, бидејќи Владата ќе мора да ги зголемува секојпат кога ќе се зголемуваат трошоците за патување со автомобил, како што мора во секое сценарио за декарбонизација.
Заклучокот е едноставен. Општествата што не можат да ги прифатат денешните цени на енергентите, веројатно, нема да се подготват соодветно за зелената транзиција, без оглед на нивните ветувања за нето нула емисии до 2050 година или понатаму. Напротив, тие најверојатно ќе дејствуваат премногу доцна и ненадејно што не само што ќе биде економски скапо туку и политички неодржливо.

Авторот е член на одборот и истакнат соработник во Центарот за европски политички студии.