Што требаше да знаеме, а досега не научивме!?

Ќе се обидам да дадам одговор на прашањето: што е национален интерес!? Кај нас кој како сака определени цели си ги прогласува за национален интерес, a понекогаш и за врвен, сеејќи магла. За мене лично тоа е така поради целосно непознавање на проблематиката, иако мнозинството со голема сигурност ни тврди нешто што во другите држави би било прогласено за политички аматеризам, не би било објавено во јавната сфера. Сета оваа научна збрка до денес не се расчисти ниту пак некој се обиде да го стори тоа, иако сме во транзиција веќе три децении. Во социјализмот националниот интерес беше утврден во Програмата на КП. Денес кога градиме граѓанско, демократско општество и капиталистичка држава постои сериозна збрка околу тоа што власта треба да прогласи за националниот интерес. Такво право на власта, да го утврдува националниот интерес кога сака и што сака е постојана заложба на еден наш поранешен професор на Факултетот за политички науки и новинарство, на Правниот факултет во Скопје, и постојан колумнист во неколку дневни весници. Ваквите ставови на овој професор сигурно доведоа до тоа полно негови студенти и некои колеги денес да изнесуваат ставови дека влезот во НАТО и во ЕУ се нашите национални интереси. Дали е така не се запрашуваат. Она што мора да се знае во врска со тоа е дека секоја државна или каква било друга цел според суштината и значењето за граѓаните може да биде прогласена за интерес, но не и за највисок национален интерес. Значи, меѓу мноштвото интереси и потреби на граѓаните постои хиерархија според нивното значење за опстанокот на луѓето и за превенирање на конфликтите меѓу нив. Прогласувањето за највисок национален интерес за македонските граѓани во Македонија не може да биде во никој случај, под какви било услови – влезот во ЕУ, како што се труби од поединци.

Најважниот контрааргумент за тоа е барањето на Бугарија дека сме ист народ и имаме иста историја и јазик што многу длабоко навлегува во нашиот идентитет и би ни обезбедило влез во ЕУ ама без идентитет. Затоа треба да им биде јасно на трубадурите во Македонија дека нивното прогласување на влезот во ЕУ како највисок национален интерес оди само во полза на интересите на Бугарија и на штета на нашиот највисок национален интерес, вообличен во нашиот идентитет. Притоа мора да се спомене и тоа дека тие барања на Бугарија се насочени само кон нас Македонците како народ. А тоа пак секој оној што политички е образован, ама не на нашите факултети за политички науки и има знаења за демократијата, знае дека овие барања на Бугарија се геноцидни токму поради тоа што се насочени кон една национална целина. Така, на крајот доаѓаме до ставот дека идентитетските прашања се повисок национален интерес од влезот во ЕУ.
А односот на ЕУ кон документот на Бугарија во кој е изразена намерата за чист геноцид/политицид врз нас Македонците, јас лично го осудувам и очекував јавно да го стори тоа и ЕУ, бидејки Бугарија како нивна членка јасно и изрично им го соопшти тоа со документ во писмена форма. Ако ЕУ не го стори тоа, тогаш мислам дека и оваа асоцијација не само што ги подржува ваквите намери кон нас туку и таа изразува политицидни намери, затоа јас и моите блиски немаме никаква желба за влез во таков сојуз. Некој тврди дека барањата на Бугарија биле од интерес на ЕУ.

Можеби е така, ама геноцидните барања таа мора јавно да ги осуди. А таа не го направи тоа. Поради незнаење на овие вистини и нашиот народ сѐ уште негува сериозни симпатии кон оваа асоцијација, изразени преку лагите дека влезот во ЕУ ни гарантира сигурен и квалитетен живот. Но таквиот интерес е последен на скалата на интересите. Поради тоа, во однос на ова прашање ценам дека кај нас владее висок степен на незнаење и аматеризам во многу настапи и написи во јавноста, на сите нивоа и од страна на многу поединци со занимања што имаат допирни точки со политиката. Во тој тренд на сериозно незнаење предничат македонските политичари од двете најголеми политички партии.
Пред да продолжам понатаму, да споменам дека од дел од идеите на споменатите трубадури што свират на свирчиња од врба, а мислат дека свират на труби, излегува предлогот ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да постигнат согласност со консензус дека ЕУ е нашиот највисок национален интерес. Ќе споменам дека јас моето мислење за ова размислување веќе го дадов погоре. А такви трубадури имаше и пред преговорите за името. Имавме дури и пцости и груби навреди врз противниците што не сакаа преговори за промена на името, а во своите написи изрекуваа погрдни зборови и пцости кон Македонците и својата татковина. Ама во име на вистината и тие што не сакаа промена на името немаа знаење како тие заложби за неменување на името да се измајсторат или реализираат.

Г. Мицковски изнесе став дека на средбата на сите најголеми партии околу преговорите за името во јануари 2018 година, претставниците на СДСМ тврделе дека нема да го сменат името. За мене, сепак, од политички аспект и национален интерес останува многу интересно прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ поверувало во зборовите на Заев и неговите содружници на таквата изјава. Јасно ви е почитувани дека е тоа така поради незнаење. Се сеќавам дека Заев даде едно интервју на еден наш портал, на 8 јануари 2018 година, од кое јас разбрав дека се работи на промена на името и дека ќе се преговара и за промена на идентитетот иако тој експлицитно не го кажа тоа, но низ редови во тоа интервју тој јасно ни го најави тоа. За тоа реагирав кај тој портал со напис, во кој сакав да ги соопштам овие моите размисли, но поради недоразбирањето околу моето и знаењето на другите за преговарањето, текстот не ми се објави. Исто така тие мои ставови, написмено математички прецизно му ги соопштив и на г. Мицковски на 18 јануари 2018 година.
Да споменам дека потоа, како што во моите написи веќе пишував, се обратив повеќепати и до Заев и до Димитров со мои размисли околу преговорите и за промената на името и идентитетот. Бидејќи денес сѐ е јасно за тој процес, немам намера пак да го коментирам бидејќи јас за тоа имам објавено неколку написи во овој весник. Мојот акцент во овој напис е да нагласам дека нашите политичари немаат никакво политичко знаење, уште помалку за преговарањето, ниту ја знаеја суштината на концептот по кој се преговараше. Поради тоа го средија проблемот за името и идентитетот како што ѝ одговара на Грција и така оваа земја ги задоволи своите национални интереси во целост. Ние од преговорите излеговме губитници, но влеговме во НАТО жртвувајќи го нашиот највисок интерес (идентитетот) за сметка на понискиот (НАТО), што не би се случило во секоја нормална политичка заедница или држава. Едноставно постоеше и друг пат по кој ако тргневме можевме да докажеме дека нема разлики во името, освен оние од логиката што се надминливи.

И за тоа пишував во обраќањата до споменатите. Но така е кога имате политичари што се слепи и заљубени во своите „високи“ желби за власт, водени од своите инстинкти, но со сериозен дефицит на политичко и преговарачко знаење и полни со ирационалност, занесени дека се дадени од господ да ни ги решаваат државните и општествени проблеми, па добиваме порази и тонеме во длабочините на светскиот мрак, меѓу фамилијата на светските држави, бидејќи се лесен плен за манипулации. Значи, ВМРО-ДПМНЕ беше прелажано со изјавата за неменување на името, а поради незнаењето како ќе се преговара останаа само реактивно вџашени кога се потпиша договорот во Преспа. Задоцнето реагираа! А како ќе реагираа ако го знаеја тоа што погоре го споменав при преговорите во Клубот на пратеници? Знаеја ли како? Јас сум уверен дека не знаеја.
Сега сосема накратко, врзано со погореизнесеното, да споменам нешто за хиерархијата на националните интереси, за што кај нас нема ама баш никакво знаење. За таа цел ќе се послужам со еден напис на Ричард Рубенштајн од Институтот за решавање на конфликтите на универзитетот „Џорџ Мејсон“ во САД. Написот е објавен во Меѓународното списание за студии за мирот, број 16, под наслов „Базичните човекови потреби: следниот чекор во развојот на теоријата“. Инаку, написот се занимава со сериозниот дострел на теоријата за националниот интерес, заснован на теоријата за базичните потреби на граѓаните и е најдобар сублимат на таа теорија. На прво место на хиерархијата на тие национални интереси е рангиран идентитетот, а потоа следуваат признавањето, па безбедноста итн. Овој редослед беше прифатен и во целата политичка теорија во споменатата земја. За тој интерес слично како и за човековите права не се преговараше бидејќи по Втората светска војна околу четири петтини од светските конфликти беа поради идентитетот. Но во 2017 година, врз основа на конфликтите при распаѓањето на СФРЈ и потребата од решавање на спорот за името со Грција, во Харвард настана теоријата за преговарање и решавање на идентитетските проблеми, кои по природа се тешки и долготрајни.

Нејзината суштина е промена на националниот идентитет во релациски идентитет, што на определен начин противречи на погореспоменатата теорија за непреговарање за овој базичен интерес. Така, Македонија стана кибернетичка „црна кутија“ за проверка на споменатата теорија. Но она што е загрижувачки при преговорите со Грција за промена на нашето име, тоа е што и денес нашите преговарачи тврдат дека нашиот идентитет не бил променет, што е спротивно на концептот според кој се преговараше. И за овој крајно манипулативен и лажен патриотизам на нашите политичари врзан за други нивни лични и материјални интереси, јас имам напишано повеќе написи во овој весник и во некои портали. Повторувам не знам по кој пат, дека нашиот идентитет е променет преку релацискиот или односниот од македонски во северномакедонски врз основа на членот 7, во однос на античкиот идентитет на Македонците во Северна Грција или Егејска Македонија.
Да заклучам. Наведов и коментирав последици од два примера што, според мене, упатуваат на нашето сериозно политичко незнаење, што е и основната причина за нашите длабоки поделби и поларизација. Значи немаме знаење за адекватните аналитички алатки за анализа на состојбите, а уште помалку имаме знаење за тоа како да излеземе од нашите неповолни состојби во кои секојдневно навлегуваме сѐ подлабоко и подлабоко. Во политичкото знаење имаме огромна црна дупка, што укажува дека сериозно патуваме кон друштвото на слаби и неспособни држави за сопствен опстанок. Затоа е непримерно да предвидуваме каде ќе завршиме: кон еден или два соседа без своја историја, јазик и идентитет или со нив…, но секако без СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и со видоизменет образовен процес!

М-р Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар, пензионер