Она што можевме и можеме да го научиме од пожарите е тоа што сите заедно, со заеднички сили, треба да се бориме за да се изгаснат. Она што научивме е дека доколку сме единствени, со здружени сили, ниту огнот не ни може ништо.
Но она што, веројатно, дополнително треба да го научиме и разбереме
е дека и за оној вториот оган што се заканува да нѐ изгори, да ни ги
уништи јазикот, постоењето и идентитетот, е неопходен здружен и единствен противодговор
Горат огнови на два фронта во Македонија. Францускиот предлог, вметнат во преговарачката рамка со ЕУ, како и протоколот со Бугарија ни ги гори македонштината и битувањето, додека реалните пожари ни ја пустошат земјата.
Првиот ни го негира она суштинското, нашиот јазик, идентитет, историја, култура. Дополнително боли, гори и пустоши фактот што ние самите како држава како да го игнорираме ваквиот подметнат оган од соседите, кој се заканува да ни ги изгори историјата, постоењето, да направи пепел од сето она што со години сме го живееле, трпеле и за што нашите предци се бореле и пролеале крв. Или можеби некој мисли дека и името, јазикот и идентитетот се како феникс, па повторно ќе се издигнат од пепелта. Иако, секако, многу подобро е енергично и превентивно да дејствуваме и да не дозволиме кој било да ни ги оспорува, негира и уништува нашите идентитетски обележја. Затоа на потпалувачите и подметнувачите на оган, кој има цел да им наштети на македонскиот јазик и на македонскиот идентитетот, мора енергично и бескомпромисно да им се одговори и возврати со иста мера. Односно ваквите пиромани да се посипат со ладен туш и повторно и повторно да се извадат на виделина сите непобитни историски факти за посебноста и постоењето на македонскиот народ, јазик и држава. Некој вели кол со кол се избива, но можеби посоодветно е да кажеме дека на сите подметнување, инсинуации и лаги од страна на Бугарија треба да одговориме со историските факти и со вистината.
Во меѓувреме, настрана политичките случувања, горат и нашите шуми, огнот зема сѐ поголем данок, овој пат ни се уништуваат територијата, зеленилото, ни се пустошат белите дробови, на кои урбаната мафија веќе одамна ги има ставено своите раце.
Со денови гледаме макотрпни битки помеѓу надлежните и огнот, кој се чини избива на повеќе фронта, онака подмолно, речиси идентично како и на нашиот пат кон европското семејство.
Само што човек ќе помисли дека успеал во намерата и ги изгаснал огновите, од сосема друга страна избиваат нови, со уште посилен интензитет ни се закануваат да ни уништат сѐ.
За пофалба се тешките и макотрпни обиди на вклучените во гасењето на пожарите, кои дење и ноќе дежураат и се борат со огнената стихија.
На оние во првите борбени редови им е најтешко. Не попусто старите рекле „со оган нема играчка“. Да се биде очи во очи со него, потребни се храброст и пожртвуваност кон работата, бидејќи пожарникарите и сите други што учествуваат во гасењето на огнот ги ризикуваат своите животи, не спијат, деноноќно дежураат, само за да ги зауздаат пламените јазици.
Секое лето, државата зависи од нивните битки, од нивните напори да победат.
Уште поголем проблем е и фактот што сите се борат како знаат и умеат, бидејќи сме земја со недостиг не само од луѓе туку и од опрема за справување со пожари.
Гледаме дека и Европа потфрла деновиве на тој план и не успева да се справи со огнените стихии кај нив. Тоа само покажува дека со природата нема играчка и природните непогоди не познаваат мали или големи земји. Она што е разочарувачки е што и овој пат изостанаа соработката, координацијата и солидарноста внатре во самата ЕУ во однос на справувањето со непогодите. А, нели, мислевме дека ЕУ ги знае и ги има одговорите на сите прашања? Изгледа се покажува токму спротивното. ЕУ не знае ни што со самата себе?!
Но да се вратиме на домашните проблеми и предизвици.
Населението бестрашно се обидуваше да се избори со огнената стихија, да им помогне на пожарникарите, полицијата, армијата и на екипите на ЦУК.
Дури и Секторот за внатрешни работи – Охрид започна со зголемени мерки од превентивен и репресивен карактер за заштита на шумите, пасиштата и другите отворени простори од пожари.
За жал, постојано избиваат нови пожари. Ако пред само неколку дена, според евиденцијата на Центарот за управување со кризи, на територија на земјава имаше петнаесетина активни пожари, сега веќе бројката е поголема, а и постојано избиваат нови.
Само минатата недела беа евидентирани поголеми пожари – во Беровско, каде што изгореа околу 50 хектари нискостеблеста дабова шума, во атарот на селото Разловци изгореа исто така 50 хектари дабова шума, а мешана шума изгоре во пределот на Виничко. Иако набрзо во бројки ќе дознаеме за финансиската загуба од пожарите, сепак, штетата причинета по природата не може да се искаже со бројки.
Пожари беснеат и во соседна Грција, на островот Лезбос, а постојано избиваат нови, во западен Пелопонез и северот на земјата. Тамошните власти, како и нашите, ги користат сите расположливи ресурси и механизација за да ги изгаснат пламените јазици.
Со огнена стихија се бореше и Словенија, каде што пред три дена властите конечно објавија дека големиот пожар во регионот Крас е ставен под контрола.
Причина за избивањето на сите пожари се екстремно високите температури што периодов ја зафатија Европа. Ниту природата не може да ги издржи пеколните сончеви зраци.
Сепак, која и да е причината за избивањето на пожарите, факт е дека ништо нема да ги надомести изгорените дрвја и уништената природа.
Она што можевме и можеме да го научиме од пожарите е тоа што сите заедно, со заеднички сили, се борат да го изгаснат. И како што ни покажа минатото, бидејќи повторувањето е мајка на знаењето, пожарите ќе се изгаснат, штетата ќе се утврди и ќе се вложат напори истата таа да се надомести и да се санира. Она што научивме е дека доколку сме со здружени сили, ниту огнот не ни може ништо. И токму затоа оние во првите редови ќе извојуваат победа, ќе го зауздаат и ќе го изгаснат. Ама само со заеднички напори и сили.
Она што многу тешко ќе се одрази врз нас и нашата држава е оној вториот оган што се заканува да нѐ изгори, да ни ги уништи јазикот, постоењето и идентитетот. Бидејќи на ова поле, од политичка гледна точка, не сме целосно единствени, дејствуваме некако раштимано, како оркестар без диригент. Затоа, пожарите во природата нека послужат како поука и за потпалувачите на огновите во политиката. И за нивно гасење треба здружен и енергичен одговор од сите. Во спротивно ќе тлеат и ќе ни се закануваат и понатаму. Никако не смееме да го дозволиме тоа.