Доколку се земе предвид манифестацијата во Ново Село, но и постојаните негирања на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., како и секојдневните бугарски иредентистички испади од форматот „Македонија е
бугарска“, очигледно е дека и бугарската политичко-општествена елита ништо не научила од минатото
Учителка на животот (Magistra Vitae) е латински израз употребен од римскиот филозоф и државник Марко Тулиј Кикерон, како персонификација на историјата. Изразот честопати се парафразира како историјата е учителка на животот (Historia est Magistra Vitae), со значење дека проучувањето на минатото треба да ни послужи како поука за иднината. Во оваа смисла се вели дека оние што ги игнорираат поуките од минатото се принудени да ја повторат историјата на најнепријатен и најнесреќен начин. Но не секој е способен да извлече поуки од минатото, а ова е особено видливо во одбележувањето на Денот на храброста и бугарската армија на бугарските воени гробишта кај Ново Село, Струмичко. Конкретно станува збор за настан што им оддава почит на загинатите бугарски војници во Првата балканска војна, Втората балканска војна и Првата светска војна. Првиот впечаток е дека во оваа манифестација нема ништо спорно или контроверзно, меѓутоа историјата (читај историските факти) вели дека бугарските војници што се закопани на споменатите воени гробишта загинале за санстефанскиот идеал, односно загинале во војните што имале цел да ја освојат Македонија и да ја присоединат кон бугарската држава.
Во бугарското општество постои одреден мит дека Бугарија со гореспоменатите војни имала ослободителни стремежи. Но оваа митологија одамна е соборена од страна на Васил Коларов (бугарски политичар и премиер), кој нагласи: „Со тајниот договор од 29 февруари 1912 година, бугарската влада свечено се откажала од принципот на автономија. Таа се согласи на поделба на Македонија и со тоа отворено призна дека целта на нејзината политика кон Турската Империја не е ослободување на поробените националности во Турција, туку нивно освојување“. Овој мудар бугарски политичар на многу јасен начин ги образложува и суштинските причини на споменатите војни, велејќи дека бугарските партии без да направат „екскурзија во минатото“ отворено проповедаа војна за „остварување националистички цели“.
Доколку се земе предвид манифестацијата во Ново Село, но и постојаните негирања на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., како и секојдневните бугарски иредентистички испади од форматот „Македонија е бугарска“, очигледно е дека бугарската политичко-општествена елита ништо не научила од минатото.
Историски гледано, уште во самиот зачеток на бугарската држава, Македонија заземаше централно место во внатрешната и надворешната бугарска политика. Конкретно, периодот помеѓу 1878 и 1944 година се карактеризираше со нагласен бугарски екстремен национализам, шовинизам и иредентизам, особено видливи во постојаните освојувачки посегања кон Македонија и македонскиот народ. Во споменатиот период, секоја бугарска влада (со исклучок на земјоделската влада на Александар Стамболијски) се водела од санстефанскиот идеал и се стремела кон освојување на Македонија. Историјата исто така вели дека бугарските влади се разликувале само во методите и начините како да ја постигнат целта, односно да го остварат шовинистичкиот сон за голема Бугарија.
Оттука владата на бугарскиот премиер Стефан Стамболов води протурска политика, преку која обезбеди поволности за бугарската пропаганда што имаше за цел асимилирање на Македонците преку училиштата и црквите. Во наредните децении, секоја бугарска влада, вклучувајќи го и бугарскиот двор, се обидуваше да воспостави контрола врз македонското револуционерно движење, со што се компромитираше македонската кауза пред меѓународните фактори.
Ирационалната бугарска политика доведе до Втората балканска војна, која во бугарската историја е запаметена како првата национална катастрофа. Споменатата војна започна затоа што официјална Софија инсистирала од Белград да ја добие таканаречена „неспорна“ зона (југоисточно од линијата Крива Паланка – Струга), како и бугарските претензии кон Солун и Костур во Македонија и островите Тасос и Самотраки во Егејско Море. Бугарскиот пораз во оваа војна имал долгорочни последици – деморализирање на Бугарите, трајно слабеење на политичките партии, како и прекин на економскиот и културниот прогрес, кои започнале по ослободувањето на Бугарија од Османлиската Империја.
Историските факти исто така покажуваат дека Бугарија како држава и нација не научила ништо од првата национална катастрофа. Имено, во почетокот на Првата светска војна, бугарската држава е неутрала, но кога Германија ѝ ја ветува Македонија, Софија им се придружува на Централните сили, поради што ја доживува втората национална катастрофа и мора да плати воени репарации во износ од 2.250.000 златни франци. Меѓутоа по првата и втората национална катастрофа, Бугарија повторно ја прави истата грешка. Непосредно пред почетокот на Втората светска војна, царска Бугарија започнува да гравитира кон нацистичка Германија и фашистичка Италија, затоа што овие држави не ги признаваа постојните политички и државни граници во Европа. Постепено Софија влегува во отворен сојуз со германските нацисти и италијанските фашисти, повторно поради Македонија. На крајот, бугарската нација ја доживува третата национална катастрофа, затоа што Бугарија е де факто под советска воена окупација и е принудена да плати воени репарации на сојузниците.
По падот на царска Бугарија и формирањето на комунистичката влада предводена од Георги Димитров се појавија позитивни ветришта во македонско-бугарските односи. За првпат во историјата, Бугарија како држава, општество и нација ги призна македонските национални и историски особености. Оваа политика беше резултат на обидите на Георги Димитров да ги олабави односите со тогашната југословенска држава, но тоа не беше единствената причина. Георги Димитров беше свесен за штетните последици на бугарската политика кон Македонија, односно за последиците од бугарскиот екстремен национализам, шовинизам и иредентизам, како за бугарската нација, така и за околните нации.
Од денешна перспектива, доколку анализираме внимателно, може да се заклучи дека постојната бугарска политичко-општествена елита го постави санстефанскиот идеал во средиштето на односите со Македонија и Македонците, со што македонско-бугарските односи се најлоши од создавањето на македонската современа држава. Бугарската елита како да ги заборави националните катастрофи, како да заборави дека „оние што не успеваат да ја научат историјата се осудени да ја повторат; оние што не успеваат правилно да ја научат историјата – едноставно се осудени на пропаст“.