Во мака се познаваат пријателите!

Во целата оваа приказна, кога солидарноста и емпатијата кон своите блиски треба да се покажат на дело, никаде ја нема Бугарија. Прекуноќ паднаа во вода изјавите од типот за „братски“, „ист“ и каков уште не народ, дека сме споделувале „заедничка“ историја, дека сме најблиски соседи и слично. Очигледно „блискоста“ исчезнува кога не е во функција на големодржавниот хегемонизам. А не толку одамна експресно среде ноќ летна претседателскиот авион од Софија кон Охрид за да „евакуира“ некој што работеше на бугарската агенда и со чија „евакуација“ требаше на Европа да ѝ се покаже колку Македонија „ги мрази“ Бугарите и дека ги тепа каде и да стигне. Ако беше поинаку, тогаш многу пологично ќе беше Бугарија да ги понудеше услугите за евакуација на македонските граѓани заедно со бугарските, кога веќе зборуваат на „ист“ јазик и се „ист“ народ, само разделен во две држави. Впрочем, ако бевме „братски“ народ, уште во првиот момент ќе им текнеше да помогнат во ваква итна ситуација

Неодамнешната ескалација на состојбите на Блискиот Исток покажа дека кревкиот мир на ова невралгично подрачје може да се наруши во секој момент, а последиците од ваквите непредвидливи ситуации најмногу ги чувствуваат обичните граѓани, кои очајнички бараат помош да се извлечат од зоните зафатени со воени дејства.
Таква беше судбината на околу 200 македонски државјани што останаа заглавени во Израел откако припадниците на Хамас извршија ненадеен напад минатиот викенд, што резултираше со израелска воена офанзива врз Појасот Газа. За разлика од претходните инциденти, овој пат милитантите нападнаа цели длабоко на израелска територија, вклучувајќи и во Тел Авив, што предизвика општа паника кај странските државјани, што резултираше со повици до матичните земји за брза евакуација.
Очигледно свесни за сериозноста на ситуацијата, повеќето земји веднаш испратија чартер-летови кон Израел за евакуација на своите граѓани додека безбедноста околу аеродромите сè уште беше на задоволително ниво, иако напади се забележани и во близината на аеродромот во Тел Авив, од каде што се одвива најголемиот дел од евакуацијата на странците.
Тука на дело се покажа солидарноста меѓу соседите, кои покрај евакуацијата на своите државјани, преземаа и државјани од други земји, со единствена цел да им се најдат во неволја.
Македонија нема сопствена воздухопловна флота да испрати авиони за евакуација на македонските државјани, па повторно тука на дело се покажа солидарноста на соседите, кои ги понудија своите услуги и за македонските државјани заглавени во Израел или Газа.
Најпрво деветмина велешани се вратија безбедно во Македонија со лет организиран од албанската влада, за подоцна македонското МНР да соопшти дека „Ер Србија“ со чартер-лет ќе врати назад во земјава повеќе десетици македонски државјани заглавени во Израел.
Во целата оваа приказна, кога солидарноста и емпатијата кон своите блиски треба да се покажат на дело, никаде ја нема Бугарија. Прекуноќ паднаа во вода изјавите од типот за „братски“, „ист“ и каков уште не народ, дека сме споделувале „заедничка“ историја, дека сме најблиски соседи и слично. Очигледно „блискоста“ исчезнува кога не е во функција на големодржавниот хегемонизам. А не толку одамна експресно среде ноќ летна претседателскиот авион од Софија кон Охрид за да „евакуира“ некој што работеше на бугарската агенда и со чија „евакуација“ требаше на Европа да ѝ се покаже колку Македонија „ги мрази“ Бугарите и дека ги тепа каде и да стигне. Ако беше поинаку, тогаш многу пологично ќе беше Бугарија да ги понудеше услугите за евакуација на македонските граѓани заедно со бугарските, кога веќе зборуваат на „ист“ јазик и се „ист“ народ, само разделен во две држави. Впрочем, ако бевме „братски“ народ, уште во првиот момент ќе им текнеше да помогнат во ваква итна ситуација. Ќе кренеше телефон бугарскиот претседател Радев и ќе го прашаше својот македонски колега, треба ли помош. Но телефонот на Водно не заѕвони.

По тоа се гледа дека воопшто не сме ист народ, бидејќи блиските народи го чувствуваат пулсот меѓу себе, знаат кога треба несебично да го подметнат грбот и да му помогнат на соседот, без да сметаат дека треба да добијат нешто за возврат. Од друга страна, другите соседи никогаш не ја користат бугарската реторика дека сме браќа, блиски и слично, но пријателството го демонстрираат со дела. Србија и за време на пандемијата на ковид излезе во пресрет и сподели вакцини со Македонија, ги отвори пунктовите за вакцинација и за македонските граѓани и несебично ѝ помогна на државата за време на здравствената криза. Се најде и Албанија, која помогна со транспортот на македонски државјани од Израел.
Пријателите се познаваат во неволја, кога на соседот треба да му понудиш искрена помош тогаш кога му е најпотребна. Каков пријател е тој што посакува земјава да остане блокирана на патот кон ЕУ, да не може да дојде до поголеми европски фондови, да не може да се развива, да напредува, туку подмолно се обидува да ја поткопа нејзината внатрешна стабилност и да ги наметне своите вековни аспирации.
Како Бугарија не се сети да помогне во ковид-кризата или, што е уште пострашно, поранешниот бугарски премиер Борисов вети помош, но не го исполни ветувањето. Бугарија наместо да ја блокира Македонија во евроинтеграциите, како пријател требаше да биде еден вид ментор, таа да ја мобилизира ЕУ што поскоро да ја прими земјава. На Бугарија не ѝ текнува ниту дека како членка на ЕУ може да извлече пари од европските фондови за поголема прекугранична соработка токму со „братскиот“ народ во соседството, да добие пари за да ја изгради инфраструктурата од бугарска страна на граничниот премин Клепало, да побара сериозни европски инвестиции во посовремена железничка траса по која возовите ќе сообраќаат со брзина од 200 километри на час, да побара сообраќајни коридори што ќе подразбираат автопатишта од Скопје кон Софија, наместо кривулестите дотраени патишта по кои одвај се вози со 60 километри на час.

Но ништо од тоа не се случува бидејќи и Бугарите знаат дека во суштина немаат ништо заедничко со македонскиот народ, оти ако беше поинаку, внатрешниот порив за помагање на ближниот свој ќе беше многу поголем за разлика од националистичките изблици на поединци. Тоа „братство“ е секогаш врежано во колективната меморија, но такви сеќавања нема ниту во македонската ниту, пак, во бугарската меморија. Едноставно сме живееле едни покрај други со векови, блиски, но сепак далечни. Бугарскиот пристап на „блискост“ е само да се наметне сопствената хегемонија, сопствената надмоќ и тоа јасно покажува дека тие не сакаат добрососедски и блиски односи, туку сакаат потчинет сосед на кој ќе му кажуваат што може, а што не. Хегемонијата не е љубов кон ближниот, туку потчинување со сила. Затоа и не треба да се зачудени редица бугарски европарламентарци, политичари и некои тамошни јавни личности зошто Македонците гледаат со поголеми симпатии кон другите соседи. Блискоста се гради со дела во кои му се помага на соседот кога е во неволја.
Како и да е, уште многу вода ќе потече на Балканот и ќе има уште многу премрежиња низ кои сите заеднички треба да поминуваме. Ако искрено не си помагаме без никакви задни намери и пресметки, полесно ќе минуваме низ овие тешки времиња. Впрочем, меѓусебното помагање во секакви ситуации само ги зацврстувало врските меѓу народите на овие простори и затоа сме опстојале тука кај што сме. Има време уште да се покаже пријателската димензија и заеднички да се продолжи напред, но само ако тоа пријателство е искрено, а не лицемерно.