Јапонија веќе влезе во историјата на фудбалските светски првенства, бидејќи во голем стил, за само осум дена, ги победи и Шпанија и Германија и се пласира во осминафиналето. Но, веројатно, клучни се начинот на игра, приодот, дисциплината, тактиката…, олицетворени во само еден потег, оној кога една за многумина загубена топка јапонските репрезентативци ја спасија за веројатно само еден милиметар да не излезе од теренот, постигнувајќи гол во следната секунда, симболично покажувајќи дека се важни секој милиметар, секоја секунда, секој исчекор, колку и да се чинат мали, милиметар по милиметар, на патот кон која било цел, спортска и друга. Малите нешта носат големи промени. Како според поговорката „зрно по зрно, погача“
Светските фудбалски првенства не се само смотра на најдоброто во еден спорт, тие се и, на пример, стисната пауза од секојдневието, место за многу лекции, одличен промотор (на спортот, на земјата, на регионот), економски катализатор, национален и интернационален кохезиски фактор, саем на културата, патоказ… По само половина од шампионатот во Катар, аналитичарите веќе ги посочија трендовите на првенството (повеќе игра, помалку шутирање, повеќе центрирање, помалку дриблинзи, поголема дисциплина, повеќе додавање…), можеби и на фудбалот денес, а дебатите ќе продолжат, но се чини тоа на што нѐ учи ова Светско првенство, 22. по ред, е важноста на милиметрите. Буквално и преносно.
На спортски план Мундијалот го потврди трендот на сѐ поголема израмнетост на светската фудбалска вага, или на сѐ помалата разлика помеѓу репрезентациите, нешто што и Македонија го потврди со победите лани над Германија во квалификациите и годинава над Италија во полуфиналето на баражот за пласман токму на ова Светско првенство. Резултатите досега на ова планетарно мерење на фудбалските сили им даваат нов ветер во грбот и на црвено-жолтите, кои се најдоа во, според имињата, секако тешка група на патот кон нов пласман на европските шампионати. Македонија од март в година ќе се сретне одново со европскиот првак Италија, потоа со европскиот вицешампион и четвртфиналист на тековното Светско првенство, Англија, со Украина, која, како и Македонија, играше во финалето на баражот за пласман на Мундијалот во Катар, и со селекцијата на Малта.
Можеби по ждрепката патот до првите две места се чини тежок, но водилка треба да бидат сопствените искуства и триумфи над гигантите на светскиот фудбал, а и патоказот што го постави, на пример, Јапонија. Таа репрезентација беше извлечена да игра во група на Светското првенство во Катар со некогашните светски и европски прваци Шпанија и Германија. Тоа што следуваше потоа веќе влезе во историјата на светските првенства, бидејќи Јапонија во голем стил, за само осум дена, ги победи и двете репрезентации и не само што се пласира во осминафиналето туку го направи тоа со освојување на првото место во групата. Но, веројатно, клучни се начинот на игра, приодот, дисциплината, тактиката…, олицетворени во само еден потег, оној кога една за многумина загубена топка јапонските репрезентативци ја спасија за веројатно само еден милиметар да не излезе од теренот, постигнувајќи гол во следната секунда, симболично покажувајќи дека се важни секој милиметар, секоја секунда, секој исчекор, колку и да се чини мал, милиметар по милиметар, на патот кон која било цел, спортска и друга.
Фудбалот, спортот воопшто, е во постојана трка по новитети во потрагата по „милиметри разлика“ за подобар резултат. Покрај придобивките од, на пример, модерната технологија, исхраната, витаминизацијата и други сегменти, постојат цели други полиња што се истражуваат и се користат за остварување и најмала предност, како на пример, воведените тренери само за изведување аути, тренери само за прекини на играта, тренери само за замени, користење на невронауката… Спортот се состои од мали разлики. Но нема дилема дека зад секој таков еден „милиметар“ стојат огромно количество работа, стремеж, посветеност, дисциплина, волја, самодисциплина, упорност, стратегија, планирање, илјадници часа тренинзи…
Милиметрите како насушна потреба само извираат. Малите нешта носат големи промени. Како според поговорката „зрно по зрно, погача“. „Секој детаљ, секој допир, секое движење е клучно. Понекогаш не станува збор само за додавање на топката некому, туку кога. Дали да го направам тоа сега или една секунда подоцна? Разликата од 30 милиметри додавање може да промени сѐ“, вели Микел Артета, тренер на водечкиот англиски тим во моментов.
Ваков еден „милиметарски“ резултат на Јапонија е, секако, исклучително важен и за самодовербата на таа репрезентација, но истовремено водилка и за сите т.н. „помали“ репрезентации во однос на сите претстојни мечеви со т.н. „поголеми“ селекции. Такви се примерите од ова Светско првенство и на репрезентациите на Саудиска Арабија, Тунис, Јужна Кореја, Мароко, Камерун, Австралија, Еквадор…, некои експерти пресметаа рекордни 12 изненадувања досега на овој Мундијал. И покрај сјајот на ѕвездите што „заслепува“, репрезентациите со неоправданиот предзнак „мали“ (сѐ повеќе е јасно дека поделбата се прави само и исклучиво според квалитетот) одлично се претставуваат, ги исполнуваат својата идеја, цел, мисија, наедно менувајќи го фудбалскиот поредок. Токму за доброто на фудбалот.