Утре во земјава треба да дојде претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а знаејќи што досега ни кажуваше при секоја нејзина посета, не треба да сме јасновидци за да погодиме што се очекува од нас. Но едно е повеќе од сигурно, дека во самата ЕУ се случуваат некакви внатрешни потреси, кои човек не знае како да ги дефинира, дали како реформи или, пак, како прераспределба на моќта.
А тоа ќе се одрази на сите процеси што следуваат, вклучувајќи го и проширувањето. ЕУ повторно се наоѓа пред големо преиспитување. Овој пат не станува збор само за тоа кој ќе влезе во Унијата туку и во каква Унија ќе влезат оние што чекаат пред нејзината врата.
Брисел веќе размислува како да функционира со повеќе членки, како да го намали ризикот од блокади, како да ги заштити европските фондови и како да реагира ако некоја нова членка почне да отстапува од заедничките правила. На маса се квалификуваното мнозинство, пасерел-клаузулите, условувањето на средствата, посилниот надзор врз владеењето на правото, па дури и можноста новите членки извесен период да немаат целосно исти права како старите.
Сето тоа засега се работни идеи и опции, а не готов нов европски поредок. Но самото нивно појавување кажува доволно. Европа се подготвува за промена.
И токму затоа Македонија треба внимателно да гледа што се случува во Брисел. Тоа не значи дека треба да се откаже од европската перспектива, туку овој пат да размислува со трезвена глава и европската перспектива да ја посматра врз основа на тоа колку е во корелација со нашите национални интереси. Со други зборови, да нема повеќе автоматско прифаќање на секој услов што ќе се појави на патот до членството.
За жал, изминатите години само слепо се слушаше Брисел и исклучиво од таквите сервилни политики земјава се најде со блокирани евроинтеграции. Сменете знаме – сменивме, сменете Устав еднаш, двапати, трипати – сменивме, сменете име – сменивме. И секогаш остана она – само уште овој чекор.
Токму затоа денес треба да се постави едно многу поедноставно прашање: кога веќе самата ЕУ ги преиспитува своите правила, зошто и Македонија да не ги преиспита своите пристапи кон европската интеграција? Тука не мислам на европската цел, која мнозинството македонски граѓани ја посакуваат, туку на начинот на кој се стигнува до неа.
Брисел сега размислува како да има помалку можности една држава да го блокира целиот систем. Се отвора прашањето дали едногласноста во одредени области треба да се замени со квалификувано мнозинство. Се размислува и за механизми со кои европските средства би можеле да се условуваат со почитувањето на владеењето на правото. Во некои работни предлози дури се појавува и идејата за привремено ограничување на одредени права на новите членки. Тоа значи дека нешто се случува, ЕУ не стои во место.
По таа логика, ако Унијата може да ги преиспитува сопствените правила, тогаш и Македонија мора да престане европската интеграција да ја гледа како процес во кој само едната страна поставува услови, а другата страна само исполнува. Особено по непријатното искуство со францускиот предлог, од кој на некои им се кинеше стомакот, небаре со нож го сечеле.
Не е спорно дека Македонија мора да преговара и да прави компромиси ако сака да стане членка на ЕУ. Спорно е дали компромисите се прават со доволно јасна сметка што точно се добива, што точно се губи и какви последици носи секоја прифатена обврска. Францускиот предлог покажа дека една одлука донесена под силен политички притисок може со години да ја определува позицијата на државата.
Затоа следниот чекор не смее да биде направен со логиката „само да помине“. Европската интеграција е премногу важна за Македонија за да биде сведена на трка во која треба што побрзо да се стигне до следната контролна точка. Затоа сега се бара извесност, предвидливост, па нека биде и патоказ. Зошто да не? Не бараме патоказ за инстант членство, туку патоказ да знаеме кон каде се движиме и во каква Унија ќе влеземе, ако воопшто влеземе?
Ако Брисел денес размислува за тоа како да ја промени архитектурата на Унијата, тогаш Македонија не смее утре да се најде во ситуација повторно да прифаќа готови решенија без да знае како тие ќе влијаат врз нејзините интереси. Неопходно е европската политика да престане да биде политика на итност, на ултиматум и исклучивост. Од друга страна, крајно време е и овдешните политичари да научат дека не се носат одлуки само затоа што некој кажал дека „сега или никогаш“ е моментот. Европската интеграција може да биде стратешка цел, но патот до неа мора да биде предмет на сериозна државна анализа.
Јасно е дека сакаме да бидеме рамноправен дел од Европа, но добро би било уште додека сме надвор да научиме да разговараме со Европа како држава што има свои интереси, свои граници и свои аргументи. Не за да бидеме помалку европски, туку за да бидеме подобро подготвени за Европа што допрва се создава.
































