Со заштитата на рубинот ја штитиме и Македонија

  • Значењето на македонскиот рубин станува уште поголемо и во актуелниот поширок политички контекст кога се соочуваме со надворешни обиди за произволно толкување на македонскиот идентитет. Во тој контекст, заштитата на македонскиот рубин станува и чин на афирмација на македонските обележја и национални богатства, во прилог на зајакнување на чувството на патриотизам и на љубовта кон татковината.
    Рубинот е дел од пошироката борба за Македонија самата да ги дефинира и претставува своите вредности пред светот. Затоа одлуката за неговиот заштитен статус заслужува внимание што ја надминува научната дејност

Го заштитивме македонскиот рубин! Оваа битна информација на брифинг со медиумите деновиве ја сподели министерката за енергетика Сања Божиновска, соопштувајќи дека до министерството пристигнало решението со кое официјално се заштитува македонскиот рубин како уникатен полускапоцен камен, што е резултат на активностите за реализација на таа цел почнати минатата година. Со овој чин треба да ѝ се стави крај и на нерегулираната експлоатација на овој редок минерал, кој со години се вадеше како нуспроизвод при експлоатацијата на мермер во Прилепскиот Регион и на планините во Мариово.

За речиси маѓепсната убавина и уникатност на македонскиот рубин може да се пишува во недоглед, бидејќи се стекнува впечаток дека и китењето со највпечатливи епитети не е доволно за веродостојно да се опишат неговиот изглед и значење за Македонија.
Македонскиот рубин претставува разновидност на корунд со исклучителна малиноворозова боја, чиј интензитет и живост се должат на присуството на јони на хром во кристалната решетка. Оваа специфична минерална комбинација му дава уникатен сјај и длабочина, што го издвојува од другите рубини во светот. Неговите наоѓалишта се концентрирани во околината на Прилеп и во суровите, но величествени планини на Мариово. Токму таму, во срцето на Македонија, се раѓа единствениот природен рубин во копнената Европа, кој не само што се вади туку и се обработува локално. Оваа географска и минерална реткост ја претвора Македонија во исклучителна точка на светската минералошка карта.

Покрај својата естетска и колекционерска вредност, македонскиот рубин претставува дел од културното и историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и националната гордост. Со својата боја, која асоцира на крв и оган, станува метафора за животната сила и духовната длабочина на македонскиот народ. Тој е мост меѓу природата и културата, меѓу материјалното и духовното наследство и токму затоа заслужува да биде заштитен како дел од националниот идентитет.

Сето ова се извадоци од текстови објавени во „Нова Македонија“ со кои го истакнувавме значењето на полускапоцениот камен, кој и официјално претставува национален бренд за кој е потребно да создадеме наша успешна приказна. Веќе долго време зборуваме за неискористените потенцијали на оваа земја, па статусот на македонскиот рубин нека биде повод и поттик да брендираме и други природни реткости и квалитетни македонски национални производи, како што се мермерите (за што исто така постои иницијатива), вината, медот…

Французите одамна го сториле тоа со шампањот, Италијанците со пармезанот, Индијците со чајот, Норвежаните со лососот, Нов Зеланд со медот манука… претворајќи ги во брендови што им носат заработка од милиони евра годишно. Вредноста на сите овие производи не произлегува единствено од квалитетот и карактеристиките на производот, туку и од приказната, традицијата, заштитата и националната стратегија што стојат зад него.

Но, значењето на македонскиот рубин станува уште поголемо и во актуелниот поширок политички контекст кога се соочуваме со надворешни обиди за произволно толкување на македонскиот идентитет. Тие се присутни и при објавување на извештаите за напредокот на земјава кон Европската Унија, кои се проследени со расправии што во македонската јавност се доживуваат како дополнителен политички притисок врз земјава. Во тој контекст заштитата на македонскиот рубин станува и чин на афирмација на македонските обележја и национални богатства, во прилог на зајакнување на чувството на патриотизам и на љубовта кон татковината. Рубинот е дел од пошироката борба за Македонија самата да ги дефинира и претставува своите вредности пред светот. Затоа одлуката за неговиот заштитен статус заслужува внимание што ја надминува научната дејност. Во време кога светот е преплавен со речиси идентични производи, уникатноста станува најскапа и највреднувана.