Дополнителен проблем кога станува збор за платите се секако и состојбите со нагорниот тренд на инфлацијата. Спиралата на поскапување може дополнително да ги влоши состојбите во економијата, но истовремено се заканува и новодоговорениот минималец да го проголта за краток рок, доколку не се преземат соодветни мерки на краток и подолгорочен план
Изминатиов период чести беа укажувањата дека платите треба да растат, но тоа да биде проследено и со раст на продуктивноста, бидејќи секое зголемување на минималецот на друг начин може да биде на штета на стопанството.
Владата, водејќи се од дадените ветувања, но секако потисната и од поскапувањата на производите за секојдневна употреба, порастот на цените на струјата и на горивата, сакајќи да обезбеди подобри услови за граѓаните со најниски примања во земјава вети дека ќе ги поддржи компаниите со дел од трошоците за раст на минималецот до бараната сума од 18.000 денари.
Иако најголем дел економисти постојано укажуваа дека континуираното зголемување на минималната плата, без притоа истото тоа да е проследено со соодветно зголемување на продуктивноста на трудот, или пак со зголемен технолошки напредок, може да создаде контраефект, сепак, се пристапи кон нов раст на платите за 80 илјади наши сограѓани. Сегашниот пораст на минималецот, иако нужен за граѓаните, сепак носи и одреден ризик за стопанството, бидејќи зголемувањето не е проследено со зголемена продуктивност во работата. Експертите предупредуваа дека секое зголемување на платите без тоа да биде проследено со зголемена продуктивност може да направи дисторзии на пазарот. Какви ќе бидат ефектите од ова решение ќе видиме од следните месеци. Стравувањата дека зголемениот минималец, кој одредени компании нема да може да го покријат преку зголемено производство, се дека тие може да ги намалат своите трошоци преку преориентирање кон сивата економија, или одјавување на вработените, кои потоа ќе ги исплаќаат со плата во плик. Можни се и други начини на избегнување на новите зголемени обврски, особено кај компаниите што не се во можност да исплаќаат повисок минималец.
Но дополнително сега се појави и нов „притисок“ врз државата од страна на сите други приматели на плати, кои досега имаа за нијанса повисоки примања од минималната. Особено се засилија најавите на административците и нивните синдикати оти ќе мора да се зголемат и нивните плати, односно да се спроведе скалесто зголемување на платите, за на некој начин да се усогласат приходите и кај другите работници.
Синдикатите на административците и на вработените во образованието укажаа дека со растот на минималецот, доколку не дојде до зголемување на платите на другите работни места во различни дејности, ќе се случи „уравниловка“, каде што работници на различни работни места ќе земаат иста плата. Поради ова, СОНК и КСС најавуваат дека „доколку веднаш не почнат преговори за усогласување на платите со колективните договори, органите на одлучување на овие организации ќе донесат одлуки за порадикални легални и легитимни синдикални активности, во одбрана на сопствените социјални интереси, а во согласност со постојните закони.“ Како ќе се решат новите барања за „порамнување“, односно барањата за скалест раст на платите, допрва ќе видиме.
Досегашното искуство говори дека голем дел граѓани преферираат да се вработат во државна институција, што најмногу се должи на сигурноста што ја обезбедува „државното вработување“. Но без разлика за каков вид вработување станува збор (во државна администрација или во приватен сектор), не смее да се изгуби од радарот аспектот на продуктивноста. Личниот доход секаде мора да се заработи. Или, со други зборови, месечната плата треба да биде оправдана и покриена со месечната продуктивност на секој работник. На овој план Македонија стои многу слабо. И додека во европските држави работната етика и продуктивноста на трудот се многу повисоки, кај нас тоа сѐ уште е мислена именка. Како тогаш да стигнеме до поголеми плати?!
Дополнително, за дел од вработените во администрацијата и понатаму важи поговорката „клати врати, земи плата“, а да не се навраќаме дека имавме голем број вработени административци што со години само седеа дома, ништо не работеа, но земаа цела плата.
Сето тоа го истенчува и осиромашува и буџетот на државата, но ја слабее и економијата. Мора конечно да се сфати дека личниот доход не паѓа од небо, тој мора да се заработи, што значи и продуктивноста да се зголеми. Тоа е клучниот предизвик на кој треба да се работи во следниот период, па потоа да се дискутира и за поголеми плати и слично.
Сосема друга приказна е и вреднувањето на кадарот под „државна капа“, зашто и тука има елементи што треба да се преиспитаат. Секоја професија и занимање имаат свој влог во државата и економијата и треба адекватно на тоа да биде и вреднувањето на трудот во секоја гранка. Зашто понекогаш се случуваат и парадокси, некој со пониско ниво на образование и со помалку квалификации да зема поголема плата од некој со поголема наобразба, но и многу поголема одговорност и придонес во државата и општеството.
Вредностите на знаењето, образованието, стручноста, конкурентноста мора да се ценат и вреднуваат, ако сакаме да создаваме структури и кадар што ќе бидат носители на економијата и развојот.
Мора конечно да се сфати дека личниот доход не паѓа од небо, тој мора да се заработи, што значи и продуктивноста да се зголеми. Тоа е клучниот предизвик на кој треба да се работи во следниот период
Дополнителен проблем кога станува збор за платите се секако и состојбите со нагорниот тренд на инфлацијата. И тоа не е проблем само за нашата држава, туку генерално високата инфлација е присутна и во цела Европа и светот. Дури предвидувањата се дека нагорната линија на поскапувања и притисокот на цените и рефлексиите врз економијата може да потраат до крајот на годината. Производите во малопродажба добиваат нагорна линија секој ден, а дополнителен проблем се и повисоките цени на електричната енергија, на горивата, гасот…, кои може да предизвикаат дополнителен пораст на цените на продуктите во малопродажба. Спиралата на поскапување може дополнително да ги влоши состојбите и се заканува дека и новодоговорениот минималец ќе го изеде во краток рок ако не се преземат конкретни мерки што ќе ја запрат нагорната линија на цените на продуктите. Сѐ почести се укажувањата на производителите дека растат цените на репроматеријалите што ги користат, а со поскапувањето на енергентите алармираат дека производството им станува неисплатливо. Ова може да води до нов бран на поскапување, кое уште повеќе ќе го влоши нашиот животен стандард.
Во таа насока, неопходно е да почнеме со системски промени и планирања наместо со краткорочни решенија, со кои гасиме пожар на краток рок. Одржлив раст на платите ќе биде постигнат со зголемување на вредноста на производството, со зголемување на продуктивноста на трудот, а тоа ќе го постигнеме со инвестиции во технологија и инвестиции во вештините на работниците.