Руски гас, „бугарски данок“ и балкански маки

За подобро да се согледа (не)оправданоста на потегот на Софија, кој е спротивен на духот на градење добрососедство и пријателство меѓу земјите од Балканот, треба да се погледне во тајмингот кога се пристапува кон зголемување на таксата за транзит. Тоа се прави на почетокот на грејната сезона, кога реално не им се остава простор на бугарските соседи да изнајдат алтернативни извори на гас, како што „добронамерно“ им сугерира бугарскиот премиер. Во вакви услови единствено што останува е да се прифатат поставените услови и да се плаќа „бугарскиот данок“, според терминологијата што се користи во српските медиуми

Геополитичките игри и разгорувањето на конфликтите во поблиското опкружување на Европа ја продолжија неизвесноста во снабдувањето со природен гас за земјите, кои се зависни од увозот на овој енергент. Со порастот на побарувачката и приближувањето на грејната сезона, цената на гасот е во постојан раст. На тоа дополнително влијаеше и одлуката за намалено производството на некои поголеми наоѓалишта во светот, поради еколошки, социјални или безбедносни причини. Но најнов и посилен удар врз цената на природниот гас ќе предизвика одлуката на Бугарија да воведе повисока такса од 20 лева (10,76 долари) за мегават-час руски гас што транзитира низ нејзина територија преку гасоводот „Балкански тек“. Со ваквата еднострана ценовна политика на бугарските „енергетичари“ ќе бидат директно погодени земјите што се снабдуваат со руски гас преку гасоводот што транзитира преку територијата на нашиот источен сосед. Сметката од високата политика меѓу големите сили, на најдиректен начин ќе ја платат крајните корисници на енергентот: компаниите и домаќинствата, граѓаните…
За подобро да се согледа (не)оправданоста на потегот на Софија, кој е спротивен на духот на градење добрососедство и пријателство меѓу земјите од Балканот, треба да се погледне во тајмингот кога се пристапува кон зголемување на таксата за транзит. Тоа се прави на почетокот на грејната сезона, кога реално не им се остава простор на соседите на Бугарија да изнајдат алтернативни извори на гас, како што „добронамерно“ им сугерира бугарскиот премиер. Во вакви услови единствено што останува е да се прифатат поставените услови и да се плаќа „бугарскиот данок“, според терминологијата што се користи во српските медиуми за одлуката што беше донесена од страна на бугарскиот парламент. Овде треба да се земе и фактот дека резервите на природен гас во Европа го достигнаа историскиот максимум во понеделникот, штитејќи ги европските земји од високите цени забележани минатата година. Информациите на европските медиуми се дека резервоарите за гас во Европа се полни до врв! Имено, европските подземни складишта за гас сега се пополнети со 97,89 отсто, што е далеку над целта на Европската Унија од 90 отсто до 1 ноември. Европа има резерви на гас наследени од зимата 2022/2023, поради топлото време. Тогаш е сосема јасно кои земји ќе бидат најголемите губитници од тоа што за своите годинашни потреби за покривање на зимската и грејна сезона се потпирале на склучените долгорочни договори за увоз на руски гас преку бугарската траса од гасоводот „Турски тек“.

Во врска со бугарскиот „данок на транзит“, официјалните институции во Србија и Унгарија искажаа остри реакции на едностраната одлука на Бугарија, која е дел од рестриктивните мери кон Русија што ги воведе Европската Унија, и го оценија како „непријателски потег“. „Оваа нова бугарска регулатива го загрозува безбедното снабдување со енергија во Унгарија и Србија“, се наведува во заедничкото соопштение на министрите за финансии на Србија, Синиша Мали, и министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто. Енергетските експерти во Србија велат дека ваквата одлука е во спротивност и со политиките на Енергетската заедница, која е регулаторно тело за секторот за енергетика. Но, по сѐ изгледа, одговорот ќе треба да го даде Европската комисија, од која произлегуваат и одлуките за санкции кон Русија. Но клучното прашање што се поставува во повеќе меѓународни анализи е какви се вистинските ефекти од ваквата „енергетска политика на ЕУ“, ако се имаат предвид податоците за зголемени девизни приливи за руската економија од извозот на нафтени деривати и гас во другите азиски држави.
Каде е во целиот галиматијас настани Македонија?! Имено, она што е особено важно за Македонија е како ќе се одрази оваа бугарска гасна политика на енергетската стабилност на македонската економија и потрошувачи? Иако почна грејната сезона, на пример, скопјани не знаат по која цена ќе ја плаќаат топлинската енергија затоа што од Регулаторната комисија сѐ уште прават пресметки како ќе се одрази одложувањето на реконструкцијата на мостот „Беласица“, по кој поминуваат цевките од топлификациската мрежа! Дополнителна неизвесност предизвикува и отсуството на одговорот од надлежните институции дали новата „бугарска такса“ ќе ја зголеми цената на гасот и за колку. Во Македонија, најголеми потрошувачи на гас се гасната централа „Те-То“, која произведува струја и топлина, и ЕСМ за производство на парно греење на скопските топлани. Од ЕСМ за македонските медиуми изјавија дека имаат „склучен договор за снабдување со природен гас за топланите Исток и Запад и за подружницата Енергетика за октомври“. По која цена ќе се набавува за следните месеци нема конкретни информации. Но експертите се децидни дека секоја дополнителна давачка ќе ја зголеми крајната цена на гасот. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека воведената законска мерка од страна на Република Бугарија ќе има влијание на увозниците на природен гас во Македонија што увезуваат природен гас со руско потекло.

Во овој неповолен енергетски момент, најмалку што може да се направи од македонска страна е да се поднесе нота (ако сакате западнобалканска, отворенобалканска или, пак, нота од членките на Берлинскиот процес, бидејќи нам самите ни е страв) за повлекување на неекономскиот потег на Софија за зголемување на транзитот на гас. На овој начин ќе им се олесни на земјите од регионот за интензивирање на економската соработка и меѓусебната трговија, што, впрочем, беше и главната цел што беше искажана и на минатонеделниот самит на Берлинскиот процес во Тирана. Инсистирањето да се плаќа поскапа цена за увозот на гас, секако не е во насока на развој на економиите на земјите од Западен Балкан, како услов за поблиско приближување на европскиот економски пазар

Доследното спроведување на бугарската одлука за транзитот на руски гас ќе има и индиректни последици за македонската економија, која остварува голема размена со компании од Србија. Повисоките трошоци за гасот ќе влијаат и на зголемените цени на производите што се увезуваат од нашиот северен сосед, а тоа ќе предизвика и ценовна верижна реакција во нашата земја, која сѐ уште се соочува со високи цени на храната и со инфлација. Во овој неповолен енергетски момент, најмалку што може да се направи од македонска страна е да се искаже „економска“ солидарност и барање за повлекување на неекономскиот потег на Софија за зголемување на транзитот на гас. На овој начин ќе им се олесни на земјите од регионот за интензивирање на економската соработка и меѓусебната трговија, што, впрочем, беше и главната цел што беше искажана и на минатонеделниот самит на Берлинскиот процес во Тирана. Инсистирањето да се плаќа поскапа цена за увозот на гас, секако не е во насока на развој на економиите на земјите од Западен Балкан, како услов за поблиско приближување на европскиот економски пазар.
Исто така, највисоката цена од скапиот гас ќе ја платат граѓаните со превисоките сметки за затоплување на домовите. Ако не се коригира официјална Софија, единствената алтернатива за граѓаните е да се молат да се оствари прогнозата на службата за климатски промени „Коперник“, дека Европа ќе има многу блага зима, што потенцијално ќе ја намали побарувачката за гас за греење!