Рецепт за преживување

Токму првите луѓе на ММФ деновиве предупредија дека доколку не се сопре растечката инфлација, народот ќе излезе на улица. Тоа значи бран на големи социјални протести и немири. Зашто едноставно се доведени во прашање голата егзистенција и опстанокот на мнозинството граѓани. Тие не само што не можат да се прехранат туку не можат ниту да се затоплат

Домашен овчи кашкавал по цена од 1.305 денари за килограм, изминатата недела беше најкоментирана веста на социјалните мрежи. Вниманието на граѓаните на една фотографија, која беше објавена на еден „загрижен“ купувач, беше користена и за многуте прилози од македонските медиуми за поскапувањата во големите трговски маркети во земјата. Реакциите во домашната јавност на прескапиот кашкавал беа толку жестоки, што во сенка останаа и веста дека многу општини во Македонија не ќе можат да ги платат превисоките сметки за затоплување на училиштата и веста за колективната оставка на директори на скопските комунални претпријатија. По бурните реакции за цената на кашкавалот се доби впечаток дека многубројните граѓани на своето дневно мени го имаат токму овој производ, па, ете, најновото поскапување сериозно би го нарушил нивниот стандард!? Зашто во меѓувреме драстично поскапеа и редица други производи, па немаше толку бурни реакции. Но шегата настрана. Секојдневните поскапувања на основните производи сериозно го нарушуваат и веќе опаднатиот животен стандард на македонските граѓани, кој беше сериозно нагризен од времето на пандемијата на ковидот.

По ескалацијата н воениот судир меѓу Русија и Украина и со нарушувањето на испораката на гас и електрична енергија, цените на храната и енергентите ги надминаа сите разумни граници. Народната банка излезе со „смирувачки“ податоци за граѓанството и издаде соопштение во кое посочи дека инфлацијата од почетокот на годинава, до крајот на август изнесувала 11,6 отсто. Но ако се погледаат цените на прехранбените производи во малопродажбата, ќе се добие и пореалната слика за тоа како живеат граѓаните, кои тешко можат да ги покријат месечните трошоци со своите приходи. Растечката инфлација ги изеде и минималната и просечната плата во државата. Да не говориме за армијата невработени, пензионерите или социјално загрозените категории граѓани. На удар се сите, па сега клучното прашање е како да се преживее.

Пред сите чинители на општествениот живот во земјата (Владата, политичките партии, бизнис-заедницата, синдикатите,) претстои обврската за преиспитување на сопствените интереси во рамките на реалните услови што владеат во земјата и во светот. Македонскиот граѓанин, како и многупати досега, се соочува со уште една „тешка зима“. Затоа сега не е момент за билдање партиски рејтинзи, туку е момент за голо преживување. Мора заеднички да се бараат и да се нудат решенија за сите проблеми и предизвици. Во интерес на граѓаните и државата

За тоа колку се реално поскапени производите во Македонија може да се види низ цената на бурекот, во кој се содржани сите главни „состојки“ за правење на овој пекарски производ (брашно, масло за јадење, сирење, месо, струја…), што на крајот ја плаќа потрошувачот, односно граѓаните. Ако минатата година цената на четвртина бурек чинеше од 50 до 60 денари, сега „четвртинката“ се продава од 70 до 80 денари. Цената на млекото и млечните производи, исто така, се вивна до плафон. Познатиот македонски кашкавал изгледа може само да го сликаме за социјалните мрежи.
Економскиот дел од Владата, со преземањето на неколку мерки и преку ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи, се обиде да го спречи ценовниот удар врз џебот на граѓаните. Но тоа се покажа како недоволна мерка за да го спречи порастот на малопродажните цени.
Дури има и парадоксална ситуација, и покрај ограничените маржи цените и понатаму продолжуваат да растат.

Иако се изнаоѓаат разни причини за зголемување на цените (високата цена на горивата, струјата, суровините), неизбежен е заклучокот дека некои од трговците се обидуваат да остварат повисоки профити, преку „билдање“ на цените, како во случајот со храната и огревното дрво, кои се и најголемите ставки на големиот број граѓани. Се чини, и предлогот што доаѓа од Владата, а кој изминатите денови го промовираше вицепремиерот за економски политики Фатмир Битиќи, кој се однесува на изготвување закон против воено профитерство заради заштита од бранот поскапување, доаѓа задоцнето.

Во наредните месеци, Македонија влегува во нов неизвесен период. Многумина надворешни политичари ги изнесоа прогнозите дека „нѐ очекува најтешката зима“. Опасноста економската криза да прерасне и во социјални протести е сѐ поизвесна. Во Европа, односно во Шпанија за викендот се одржаа и првите демонстрации против енергетската криза и високата инфлација, кои се последица од руско-украинската војна. Илјадници луѓе што учествуваа во демонстрациите одржани во главниот град Мадрид, по покана на Синдикатот на државните службеници и самовработените на Шпанија, маршираа со барање за „фер зголемување на платите, пристојно пензионирање и квалитетна јавна услуга против социјално осиромашување“, пренесуваат локалните медиуми. И за Македонија, исто така, постои ризикот од „увоз“ на социјални тензии, како што беше случајот и со „увозната“ инфлација, како што објаснуваат економистите. Токму првите луѓе на ММФ деновиве предупредија дека доколку не се сопре растечката инфлација, народот ќе излезе на улица. Тоа значи бран на големи социјални протести и немири. Зашто едноставно се доведени во прашање голата егзистенција и опстанокот на мнозинството граѓани. Тие не само што не можат да се прехранат туку не можат ниту да се затоплат.

Многумина од граѓаните се соочуваат со неможноста за редовно намирување на сметките за комуналии и електрична енергија. Општинските власти упатуваат „апокалиптични“ пораки за студените училници. Бизнис-заедницата се жали на превисоките сметки за струја и најавува нови отпуштања на работниците. Односите меѓу власта и опозицијата, поради разликите во политиките на економски и надворешнополитички план стануваат сѐ позаострени, а секое дополнително влошување во нивната меѓусебна комуникација го стеснува просторот за разумно и единствено дејствување во насока на изнаоѓање најповолно решение од енергетската криза, која се заканува да ја нагризе егзистенцијата на граѓаните и стопанските субјекти. Пред сите чинители на општествениот живот во земјата (Владата, политичките партии, бизнис-заедницата, синдикатите, граѓаните) претстои обврската за преиспитување на сопствените интереси во рамките на реалните услови што владеат во земјата и во светот. Македонскиот граѓанин, како и многупати досега, се соочува со уште една „тешка зима“. Пред сите нас е период во кој се бара да се поднесат еднакви жртви, како и во сите досегашни кризи. Време е сите страни да се соочат со реалноста и да бидат подготвени да поднесат дел од одговорноста за надминување на состојбите и полесно пребродување на кризата. Зашто сега не е момент за билдање партиски рејтинзи, туку е момент за голо преживување. Мора заеднички да се бараат и да се нудат решенија за сите проблеми и предизвици. Во интерес на граѓаните и државата.