Проактивноста, довербата и политичката волја за унапредување на човековите права

  • За секоја теза има и антитеза, а негација на песимизмот е проактивноста. Се вели дека проактивноста создава иницијативи, кои ја поместуваат рамката на можностите и го ништат песимизмот. Директните дејства овозможуваат видливи примероци на успех, а превентивните политики и јавните кампањи ги намалуваат системските бариери и го менуваат јавното мислење. Можеби песимизмот ја парализира колективната способност за промена и овозможува системската неправда да се одржува, но проактивноста ги трансформира невозможните идеи во реални политики и практики, кои ги штитат човековите и малцинските права. Со други зборови, активниот и стратешкиот пристап создаваат услов во кој надежта не е само емоција туку инструмент за општествена промена

Во еден мал град со значајна малцинска заедница, многумина беа уверени дека нивните приговори за дискриминација и нееднаква пристапност нема да променат ништо, а песимизмот стана нормален одговор и ги поттикна луѓето да молчат и да избегнуваат јавни притисоци. Но една млада активистка, наместо да започне големи судски постапки, организираше информативен штанд каде што понуди кратки бесплатни совети за права и помош при пишување жалби. Таа исто така ги повика локалните училишта да направат проекти за човековите права во кои учениците интервјуираа соседи и собираа конкретни примери на пречки и третман. Наместо обвинувања, имаше јасни резултати, најпрво медиумите испратија серија интервјуа што ја пробудија јавната свест, а потоа властите назначија контакт-лице за прашања на малцинствата. Овие мали победи ја разрушија доминантната негација дека „ништо не може да се промени“, а песимизмот беше заменет со проактивност што носи резултати, бидејќи сѐ повеќе луѓе се вклучија во јавните дискусии и активностите за унапредување на човековите и малцинските права. Оваа анегдота е совршен пример дека песимизмот парализира доколку се восприема како конечна вистина, како и дека конкретните активности и дејствија ги обновуваат довербата, солидарноста и политичката волја за унапредување на човековите права.
Сега да се навратиме на песимизмот за кој се вели дека ги намалува способноста за промена и капацитетот за мобилизација на заедницата или поединецот во остварување на правата. Песимизмот е негативна појава затоа што ја еродира солидарноста, ја легитимира неправдата и ја намалува политичката волја за акција. Станува збор за ментален склоп што е насочен кон негативен исход и прифаќање статус кво без обид за промена, оттука перспективата се видоизменува во неодлучност, поточно во навика што е отпорна на аргументи и факти што поттикнуваат одличност и активност. Но песимизмот не е само индивидуална емоција туку и општествен феномен што се шири преку искуства, раскажувања и институционални практики. Неколку истражувања потврдуваат дека песимизмот ја намалува самодовербата, ги редуцира колективните активности, ја намалува активистичката партиципација (читај – предизвикува политичка апатија), ги намалува механизмите за одговорност, ја легитимира неправдата затоа што општеството не очекува подобрување, неправдите се нормална појава и сѐ така до бесконечност.

Но за секоја теза има и антитеза, а негација на песимизмот е проактивноста. Се вели дека проактивноста создава иницијативи што ја поместуваат рамката на можностите и го ништат песимизмот. Директните дејства овозможуваат видливи примероци на успех, а превентивните политики и јавните кампањи ги намалуваат системските бариери и го менуваат јавното мислење. Можеби песимизмот ја парализира колективната способност за промена и овозможува системската неправда да се одржува, но проактивноста ги трансформира невозможните идеи во реални политики и практики што ги штитат човековите и малцинските права. Со други зборови, активниот и стратешкиот пристап создаваат услов во кој надежта не е само емоција туку инструмент за општествена промена.
Совршен пример за ова се повеќегодишните активности на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, неуморноста во заштитата и промоцијата на македонските малцински права кај нашиот западен сосед. Со години, споменатото друштво се залага за интегрирање на човековите права и интеркултурната едукација во формалните и неформалните наставни програми, координира граѓански организации, здруженија на малцинства и прогресивни јавни институции, користи медиумски приказни, визуелни кампањи и лични сведоштва за човечките димензии, гради локални форуми за дијалог каде што засегнатите македонски гласови се слушаат и оформуваат стратегии, развива јасни приоритети со краткорочни и среднорочни цели за да се одржи импулсот во борбата за унапредување на македонските права итн. Не случајно македонското друштво „Илинден“ од Тирана и неговите претставници беа и се цел на одредени негативни и клеветнички кампањи, но притисоците немаат никаков ефект. Дека проактивноста е возможност потврдува и последниот малцински извештај на ФУЕН, кој е резултат токму на активностите на македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Албанските власти повеќе не можат да ги затвораат очите за неправите кон Македонците, а сите негации на македонското малцинство се беспредметни.
Сега да се навратиме на проактивноста. Не можеме да очекуваме дека нештата сами од себе ќе се променат, потребно е дејствување, потребен е ангажман. Секогаш постојат пречки, но упорноста сепак на крајот донесува резултати, како што потврдува примерот со македонското друштво „Илинден“ од Тирана.