Преодна влада за политичка и уставноправна криза

Пржинската влада сама по себе е преседан, на работ на уставноста. И првите десетина дена од најновото издание на таа влада одат во насока на потврдување на претходните искуства – дека многу преседани создаваат практика спротивна на првично замислената концепција. Во случајов со пржинската влада се доведува во прашање уставноправната функционалност на македонската држава

Уште во првите десетина дена од предвидените сто според пржинскиот модел, преодната влада на Македонија лесно ја премина линијата на своите ограничени надлежности и влезе во зоната на искушението за (политичкоправен) судир. Првиот „престап“ беше направен со славодобитната „инаугурација на првиот премиер Албанец“ и наметливата тенденција на партијата од која потекнува (ДУИ) да биде претставен како прв човек на политичка влада, легитимирана на избори. Сепак, моделот на пржинската влада е ограничен на преодна, транзициска влада, со точно назначен делокруг на одговорности и тежиште на организирање фер и демократски избори, за да се подготви патот за функционална политичка влада, во точно определен рок од сто дена. Со учество на министри од опозицијата, во таа популарно наречена техничка влада, се очекува да бидат спречени евентуални манипулации на власта, со кои таа би си обезбедила логистичка предност во изборниот процес.
Неволјите во самоперцепцијата на ДУИ за освоената моќ за владеење со Македонија од позиција на техничка влада започнаа речиси уште првиот ден, бидејќи надвор од „освоените“ кабинети на Илинденска бр. 2 се случува политичката реалност на прегрупирање на позициите и интересите кај сите политички субјекти со амбиции за претстојните претседателски и парламентарни избори. Таквите престројувања, откако поранешниот парламентарен спикер Талат Џафери стана технички премиер, добија особено драматична динамика во албанскиот политички блок, во партијата Алијанса за Албанците, која актуелно е коалициски партнер и во техничката влада. Политичкиот раскол во оваа партија, поврзан со носењето одлука за предизборно коалицирање, очигледно со висок интензитет на интерес ја засега и загрижува партијата на техничкиот премиер, па во Владата се преземаат чекори и се носат одлуки, кои го прават дискутабилен техничкиот мандат за „организирање фер и демократски избори“ и одат по работ на надлежностите, т.е. за недозволено политичко влијание на изборниот процес.
Расколот во Алијанса за Албанците веќе се рефлектираше во одлуките на Владата за разрешување на двајца директори на јавни претпријатија, кадар на оваа партија, кои, наводно, ја поддржуваат партиската опција, која не е за коалицирање со ДУИ. Дури и двајца министри (од тројцата) на Алијанса за Албанците се под притисок да се изјаснат дали „имаат чувство на припадност“ кон актуелниот состав на Владата, со сугестивни пораки да дадат оставки од позициите.

Ваквиот развој на настаните во политичките кулоари ги активираа и прогнозите и навестувањата за можна криза во техничко-пржинскиот период на извршната власт во Македонија. Имено, гласни се барањата од партиската фракција, очигледно спротивставена на двајцата министри од Алијанса за Албанците, за нивно разрешување од Владата. Техничкиот премиер засега бара само нивно официјално изјаснување. Но доколку се поднесе барање за нивно разрешување, политичките аналитичари прогнозираат дека таквата иницијатива би можела да предизвика и пад на Владата. Алијанса за Албанците има осуммина пратеници во Собранието, а парламентарното мнозинство има само 64 пратеници. Неизвесно е колкумина од нив се „под контрола“ на актуелниот претседател (Таравари), а колкумина на претходниот (Села), кои веќе отворено застапуваат различни позиции за предизборното коалицирање, и како пратениците од Алијанса би се однесувале при евентуално гласање за доверба на Владата.
Во секој случај, во првите десетина дена, на техничката влада ѝ е поставен предизвик за одржување во рамките на нејзините надлежности да организира амбиент и услови за спроведување фер, демократски и транспарентни избори, без да биде вовлечена и манипулирана од партиските интереси и црната предизборна кампања. Моделот на пржинска/техничка влада е воведен, односно испреговаран со помош на меѓународната заедница, во 2015 година, за надминување на тогашната политичка криза, предизвикана од сомнежите на тогашната опозиција за регуларноста на спроведените изборни процеси. Според тој модел, стотина дена пред изборите функционира техничка влада со двајца министри од најголемата опозициска партија, како и неколку дополнителни заменик-министри. Таквиот комплициран концепт на техничка влада, во претходните две досегашни искуства (2016 и 2020 година), во голема мера се покажа нефункционален, особено зашто одлуките што ги носи министерот од една партија мора да бидат потврдени со врзан потпис на дополнителниот заменик-министер од друга партија. Таквиот начин на функционирање, кој се опишува како „рогови во вреќа“, се повторува и во ова трето издание на пржинската влада.

На последната седница, Владата го разгледала известувањето од МВР дека еднострано, со потпис од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, биле донесени три наредби за кадровски поместувања/разрешувања, без рамноправно одобрување и потпишување и од дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи, како што предвидуваат правните акти. Во согласност со тоа, Владата донела одлуки за поништување на едностраните наредби донесени од министерот за внатрешни работи.
И досегашното практикување на пржинскиот договор во два наврата, односно два изборни циклуса (2016 и 2020 година), покажа меѓу другото дека овој документ сепак е многу непрецизен и остава простор за „креативно политичко толкување“ на околностите и ситуациите, што во правниот сообраќај прави карамбол, за сметка на политикантските толкувања на конкретните ситуации. Речиси десетина години по потпишување на пржинскиот договор и организирањето на парламентарниот изборен процес според неговите параметри, во македонското општество и понатаму се активни реалните дилеми за неговата уставност, односно усогласеност со македонскиот устав!
Всушност, т.н. пржинска влада сама по себе е преседан, на работ на уставноста. И првите десетина дена од најновата техничка влада одат во насока на потврдување на искуството дека многу преседани создаваат практика спротивна на првично замислената концепција. Во случајов со пржинската/техничка влада се доведува во прашање правната функционалност на македонската држава.