Празниците завршија, време е за работа!

Празниците завршија и граѓаните сега очекуваат да почнат да се остваруваат сите оние силни ветувања, односно конечно во оваа држава политичарите да ги засукаат ракавите и да започнат да работат во интерес на граѓаните и државата. Луѓето во оваа земја посакуваат работите да се придвижат во позитивна насока, да се излезе од досегашното сивило и зачмаеност и да се врати надежта дека има иднина за овој народ и за оваа земја

Сите политичари ги искористија новогодишните и божиќните празници да упатат честитки до граѓаните, во кои повикаа на обединување, солидарност, меѓусебно почитување и уважување, но пред сè на работа, за да се отвори подобра иднина за државата и нејзините граѓани.
Сите овие слаткоречиви зборови убаво звучат покрај празничната трпеза, која од година на година станува сè поскромна, но многу подобро би било кога тие ветувања и зборови би се претвориле во дела и во реалност.
Така е, празниците завршија и граѓаните сега очекуваат да почнат да се остваруваат сите оние силни ветувања, односно конечно во оваа држава политичарите да ги засукаат ракавите и да започнат да работат во интерес на граѓаните и државата. Луѓето во оваа земја посакуваат работите да се придвижат во позитивна насока, да се излезе од досегашното сивило и зачмаеност и да се врати надежта дека има иднина и за овој народ и за оваа земја.
Сите предизвици и приоритети пред кои сме соочени во годината што е пред нас се нотирани и утврдени, препознатливи се и решенијата, така што единствено нешто што е потребно е искрена желба и, се разбира, знаење како да се надминат сите проблеми и да имаме подобро утре.
За да тргнат работите на подобро, клучно е да преживее домашната економија, оти без неа нема подобар живот за никого во оваа држава. Тоа во моментов подразбира максимално производство на домашна електрична енергија, која секогаш ќе биде многу поевтина од увезената и ќе им овозможи на компаниите да бидат конкурентни со своите производи на пазарите, а истовремено ќе се спречат бранови на затворање компании токму поради скапите енергенти. Затворени компании значат и отпуштени работници, а тоа автоматски се и помалку средства во буџетот, поголемо социјално незадоволство и давачки, односно посиромашна и позадолжена држава. Затоа, итно треба да почне инвестирањето во домашни енергетски капацитети, да се заврши со гасификацијата, да се олеснат процедурите за компаниите што самите сакаат да произведуваат електрична енергија, рационално да се управува со водните ресурси и увозот на струја да се сведе на минимум.

Се разбира, во годината што е пред нас е неопходно и хармонизирање на внатрешнополитичките односи, оти ниту една одлука важна за развојот на државата нема да може да се донесе ако политичките субјекти во земјава се длабоко раскарани, ако Собранието е блокирано, ако нема дијалог за суштинските прашања. Од клучна важност е да се направи целосна реформа на внатрешнополитичкиот систем за да се овозможи тој да биде во функција на интересите на граѓаните и на државата, а не на партиите. Тоа подразбира промена на изборниот модел во кој граѓаните ќе имаат вистински избор, поголема демократија внатре во партиите, промена на собранискиот Деловник во насока на зголемување на ефикасноста на работата на законодавниот дом и, не помалку важно, департизација и рационализација на институциите и администрацијата.
Скринигот за усогласеноста на македонското законодавство со она на Европската Унија, кој треба да заврши во ноември, несомнено ќе покаже дека Македонија има донесено еден куп европски закони, но редно е веќе да почне да ги применува, онака како што тие се преименуваат секаде во Европа.
Од посебно значење за напредокот на државата е ако конечно почне да функционира мерит-системот, односно на функција да бидат само најспособните луѓе, а не заталкани партиски војници и клиентелисти. Без квалитетни луѓе на клучните места, нема напредок.
Македонија годината ја започна како претседавач со Организацијата за европска безбедност и соработка, огромен предизвик во време кога сериозно е нарушена безбедносната структура врз која почива мирот во Европа, но што е уште поголем предизвик, тоа е Македонија да почне повеќе да се бори и за своите интереси во сите меѓународни тела во кои членува.
Грижата за македонското малцинство не треба да биде оставена настрана, туку преку една мудра и добро осмислена политика да се поведе поголема сметка за македонските граѓани што живеат отаде границите, низ заеднички дијалог со сите соседи, да се овозможи тие граѓани да почнат да ги уживаат сите малцински права во согласност со меѓународните норми.

Пред земјава е процесот на евроинтеграции, така што политичарите треба да почнат да мислат надвор од партиската рамка и да испорачуваат резултати, кои, дури и преговорите со ЕУ да траат со години, ќе имаат ефект дома, односно граѓаните ќе почувствуваат дека Европа дошла во Македонија вистински, а не само преку политички пароли.
Затоа е важна улогата што земјава ќе ја има во сите иницијативи од кои е дел, почнувајќи од Отворен Балкан, ЦЕФТА, па до сите преостанати. Таму треба да се креираат соодветни политики што ќе донесат бенефиција за македонските граѓани. Уште поважно е да се работи и со стратегиските партнери на земјава на сите полиња, без да чекаме работите сами да ни паднат од небо.
Сето горенаведено ќе нема никакво значење и ефект ако оваа година конечно не профункционира правната држава и ако не се случи вистинска борба со корупцијата. Без владеење на правото не постои држава, така што редно е нешто да почне да се случува во правосудниот систем и да се врати загубената доверба. Судиите треба да почнат да судат според словото на законот, а не по партиски директиви, обвинителите треба да почнат да гонат криминал и корупција секаде каде што ќе ги намирисаат, а политиката мора да ги тргне рацете настрана и да го остави правосудството да функционира како во нормалните демократски земји.
Минатата година Македонија ја заврши со еден куп дојави за бомби во училишта, трговски центри, јавни објекти, државни институции и слично. Земјава е членка на НАТО и во таа насока и домашните безбедносни структури мора многу посериозно да се зафатат со откривање на сторителите. Граѓаните не смее да живеат под постојана тензија дека некаде е поставена бомба, дека белосветски криминалци имаат македонски пасоши и кога сакаат можат да дојдат во земјава, а уште помалку да се плашат дека некој надвор подготвувал терористички напади.

Безбедноста мора да се крене на највисоко ниво и секоја помош на безбедносен план од стратегиските партнери, пред сè САД, е добредојдена.
Кога однапред се знае што треба да се сработи, а уште повеќе кога се знае како да се работи, тогаш не треба да има никакви пречки конечно да почне да се случува нешто позитивно во оваа држава. Ако празничните пораки за сплотеност, почит и работа не резултираат со вистински чекори во следниот период, тогаш тие биле уште едни празни флоскули инспирирани само од празничната атмосфера и претходните здравици. А овој народ, веќе е изморен од празни зборови и ветувања. Празниците завршија, нека почне работата.