Попусто протоколите!

Неодамна во едно свое интервју, австрискиот амбасадор во земјава Мартин Памер спомена дека Бугарија може да биде опомената од земјите членки на Европската Унија доколку се обиде да го користи вториот протокол меѓу Скопје и Софија од јули 2022 година како услов за земјава за продолжување на нејзиниот евроинтегративен пат, бидејќи тој не бил дел од преговарачката рамка со ЕУ. Сето ова убаво звучи доколку во практика е така, но реалноста покажа дека официјална Софија мува не ја лази за каква било опомена. Еј, зборуваме за опомена, а истата таа Бугарија не спроведува ниту правосилни пресуди на Европскиот суд за човекови права, па ќе се грижела нешто посебно ако земјите членки ја опоменеле.
Може Бугарија да биде опоменувана од европските партнери стопати, може да ѝ биде укажувано дека вториот протокол од 2022 година не е дел од преговарачката рамка, може дури и да ѝ биде ставено до знаење дека нема право да измислува дополнителни услови за македонските евроинтеграции, но дека тоа навистина нешто ќе промени во бугарскиот однос кон Македонија – тешко! Зашто, да не се лажеме, проблемот никогаш не бил само во еден протокол, во еден договор или во неколку реченици од некаква европска рамка, туку проблемот е многу подлабок, многу постар и, што е најважно, многу поцврсто вкоренет во бугарската политичка претстава за Македонија.
Еве хипотетички да ги тргнеме, значи, протоколите, особено вториот, за што веќе има иницијатива до Уставниот суд. Да претпоставиме и дека утре некој во Брисел ќе ѝ каже на Софија дека не може да го условува македонскиот пат кон ЕУ со документ што не е дел од преговарачката рамка. И што потоа? Очекува ли некој дека Бугарија одеднаш ќе ги смени своите историски позиции и ќе се откаже од своите толкувања за македонскиот народ, јазик и историја? Дали ќе престане да ја гледа Македонија низ призмата на сопствените историски претензии? Тој филм не го гледаме.
Нема никаква дилема дека во основата на бугарскиот национален наратив со децении, а и со векови, стои една сосема поинаква претстава за Македонија и тоа никој не го крие во Бугарија, туку, напротив, отворено ни го кажуваат. Според таа претстава, оваа земја историски му припаѓа на бугарскиот национален простор, Македонците се всушност Бугари, кои по 1945 година биле насилно оддалечени од своите наводни корени, македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот, а македонската историја е дел од бугарската историја. Тоа се ставови на бугарскиот национален и политички наратив, а не некакви историски факти што Македонија треба да ги прифати за да добие европска дозвола за живот.
И токму тука е суштината на проблемот. Не станува збор само за тоа дали ќе се смени некоја формулација во протокол, дали историската комисија ќе усвои некоја препорака или дали некоја институција ќе внесе одредена реченица во учебник. Станува збор за тоа дали Софија воопшто е подготвена да прифати дека пред себе има посебен народ, со сопствен јазик, култура, историја и национален идентитет. Затоа и Договорот за добрососедство и соработка, потпишан во 2017 година, не ги реши проблемите, туку напротив, наместо да биде мост за соработка, тој стана терен за нови расправии, толкувања и условувања. Потоа дојдоа протоколите, па францускиот предлог, па уставните измени, па сега повторно се отвора прашањето што е, а што не е дел од преговарачката рамка.

И којзнае што ќе биде следно! А дека ќе има следно, тоа никој не се сомнева. Еве, ако не важи вториот протокол, можеби ќе важи некој друг документ. Ако не може да се бара исполнување на одредена точка од протоколите, можеби ќе се бара поголем напредок во владеењето на правото, борбата против корупцијата или реформите во судството. И да не бидам погрешно разбран, Македонија навистина има огромна работа во сите овие области и никој не треба да ја ослободува од нејзините обврски, но едно нешто е кога реформите се европски критериум, а сосема друго кога се претвораат во погодна дипломатска алатка за продолжување еден билатерален спор.
А Бугарија, како членка на ЕУ, го има ветото како адут сѐ додека постои едногласноста при носењето на клучните одлуки во пристапниот процес. Може да биде осамена во своите ставови, може другите членки да ѝ укажуваат дека претерува, може дури и дипломатски да биде опомената, но тоа не значи дека ќе ја изгуби можноста да го кочи процесот кога за одредена одлука ќе биде потребна согласност од сите.
И тука доаѓаме до најголемата европска противречност. Европските претставници велат дека билатералните прашања не треба да го попречуваат проширувањето, но кога ќе дојде моментот тоа да се докаже во практика, работите одеднаш стануваат многу посложени. Сите се за европската перспектива на Македонија, сите зборуваат за добрососедство, но ретко кој е подготвен да влезе во отворен судир со земја членка за да го одбрани тој принцип. Сите само повторуваат „мора да ги направите уставните измени“.
Затоа и изјавата на австрискиот амбасадор Мартин Памер веројатно ќе заврши како ехо низ бриселските лавиринти бидејќи очигледно во ЕУ никако да се разбуди свеста дека не може бесконечно да се проширува листата на билатерални услови. Прашање е дали една дипломатска опомена е доволна за да се смени политиката на Софија, како и дали Брисел има волја да застане зад сопствените зборови кога ќе дојде време за конкретна одлука. Зашто, попусто е и да не важат протоколите, попусто е и да се потпишуваат нови договори за пријателство и соработка ако суштинската бугарска претстава за Македонија останува непроменета. Може да се смени формата, може да се смени дипломатскиот речник, може дури и да се најдат нови европски формулации, но ако целта остане иста, тогаш само ќе се менува амбалажата на спорот.
А Македонија повторно ќе се најде во ситуација да објаснува дека е тоа што е, дека зборува на свој јазик и дека има право на сопствена историја и идентитет. И така во недоглед.
Можеби затоа најважното прашање денес не е дали Бугарија ќе се откаже од вториот протокол, туку дали Европа конечно ќе разбере дека македонскиот проблем не е во недостигот од уште еден договор, туку во недостигот од политичка подготвеност да се прифати реалноста. Ако не се случи тоа, протоколите ќе доаѓаат и ќе си одат, а Македонија ќе остане таму каде што е – пред европската врата, чекајќи некој конечно да ѝ каже дека не мора одново и одново да докажува која е.