Повелете или, што би рекле сограѓаните, бујрум во нашите мултикултурни општини, не од бините, туку директно меѓу граѓаните, да ве научиме за она што првично треба да го знаете. Да видите како ние заедно тагуваме и се радуваме, да видите како заедно се жалиме од вашите екстремно погубни политики. Дојдете да видите дека солзите на родителите на иселените млади Македонци и Албанци, кои се раселија по светот во потрага по подобро утре, се потполно исти. Да ви покажеме дека ние отсекогаш го имавме заедништвото и ќе го имаме, независно од вашата погубна реторика. Во едно, да, успеавте. Нѐ обединивте уште повеќе во маката и борбата за преживување од вашите погубни политики
В среда е еден од најголемите муслимански празници Рамазан-бајрам. На тој ден разликите помеѓу луѓето се топат. Исто како и Велигден, и Рамазан-бајрам трае и се слави неколку дена, а едно од главните обележја е постот. Ова е еден од најважните празници, во кој се верува дека светата книга Куранот му била откриена на архангелот Гаврил, кој потоа му ја пренел на пророкот Мухамед. Рамазан е време на пост, помирување, молитва и солидарност.
Кога ќе видиме, и немаме некоја голема разлика во празнувањето на празниците. Со мали измени, горе-долу, празнуваме исто, му се молиме на еден бог, ги славиме животот и спасението.
Македонија е мултиетничка држава, а тоа најдобро може да се види во мултиетничките населби. Чаир, Бутел, Сарај, Гази Баба се само некои од општините во кои мултиетничкиот живот е заедништво, а не мотив за разединување.
Јас сум дете од Чаир и на овој празник се сеќавам дека уште како дете му се радував исто како и на Велигден. Во времето кога јас растев, сите заедно игравме на улица. И Македонци и Албанци и Турци и Срби. Кога ќе дојдеше некаде околу 19 часот повикот за молитва од џамијата, сите заедно трчавме и викавме „укале“. Трчавме заедно со другарчињата од другата вера и често завршувавме на нивните софри преполни со највкусни и топли јадења што ги приготвуваа мајките.
Се сеќавам дека во тоа време ја јадев највкусната баклава, а бидејќи од постарите на овој ден на децата им се даваат пари, често и јас ги полнев џебовите со понекоја „стотка“.
Одевме и на гости кај првите соседи Албанци, а кога времето дозволуваше седевме во дворовите заедно. Постарите пиеја чај, а ние помладите пиевме домашен сок на растворање и јадевме слатко…
Навистина беа преубави времиња и многу ми недостигаат.
Ништо поинаку не беше ниту за Велигден. Се сеќавам дека вапсаните јајца ги делевме заедно со нашите другарчиња Албанци, па и тие едвај чекаа да земат јајце, а имаше и такви што со своите мајки исто така вапсуваа јајца. Дента на Велигден, се кршевме со нив, а потоа само со сол, среде улица ги јадевме заедно додека трчавме и игравме, а во заднината велигденската камбана ја одбележуваше празничната атмосфера.
Поминаа години, ние си го фативме својот пат. Се преселивме, се фативме со семејни обврски. Но ниту еден празник не сме си заборавиле. Или ќе се чуеме или ќе си пишеме на Фејсбук.
Денес, ако гледаме по примерот на политичарите, излегува дека сме најголеми душмани, а навистина не сме.
Ја слушам реториката на изборната кампања и се чудам на зборовите на политичарите. Едни велат фокусирани се на подобрување на состојбата на Албанците, други пак на Македонците.
Слушам и не ми се верува. Па, добро, бре луѓе, ние не сме тука одвоени, па да имате целни групи, ова не е организација посветена само на едни или на други, ова е една и наша заедничка држава, во која не живеат ниту само Македонци ниту само Албанци. Имаме уште десетина етникуми и припадници на други националности што го дишат истиот воздух и ги плаќаат истите даноци што вие, откога ќе ве седнеме на фотелјите, ги одредувате дека треба да ги плаќаме.
Се чудам и не ми се верува каква поларизација заговараат самите политичари, а во реалноста морам да заклучам дека тоа воопшто не е така.
Треба да наминат понекогаш во нашите мултиетнички населби, да принаучат нешто за заедништвото и соживотот, бидејќи како политичари и претенденти за едни од највисоките државни функции, очигледно не научиле како треба да се гради соживот, не научиле како треба да се живее во заедништво.
Велигденските и рамазанските пораки не се само ветер во магла. Тие носат значителни пораки, но очигледно нема кој да ги разбере, или не сака да ги разбере.
Изборниот дух покажа дека политичарите се подготвени на сѐ, а веќе се чувствува разгорување на предизборната атмосфера, со напади, оштетување билборди. Се плашам само и да помислам што уште ќе дочекаме до крајот на кампањата.
Овие празници наедно испраќаат моќна поука за политичарите, кои се чини работат на разединување наместо на обединување на народот.
Повелете или, што би рекле сограѓаните, бујрум во нашите мултикултурни општини, во една таква населба да ве научиме за она што првично треба да го знаете. Да видите како заедно тагуваме и се радуваме, да видите како заедно се жалиме од вашите екстремно погубни политики. Дојдете да видите дека солзите на родителите на иселените млади Македонци и Албанци, кои се раселија по светот во потрага по подобро утре, се потполно исти. Да ви покажеме дека ние отсекогаш го имавме заедништвото и ќе го имаме, независно од вашата погубна реторика.
Во едно, да, успеавте. Нѐ обединивте уште повеќе во маката и борбата за преживување од вашите погубни политики.
Дојдете да ви покажеме дека пред сѐ сме луѓе, браќа и сестри, а потоа сме Македонци и Албанци. Ние ја живееме убавината на различностите за разлика од вас. Вие живеете во сивиот ограничен свет, од кој тешко дека некогаш сте ѕирнале во реалноста. Розовите очила со кои располагате не ве научија дека заедништвото е секојдневниот живот што ние како сограѓани го живееме и не се раѓа тукутака пред избори. Тоа се гради и ние сме си го втемелиле во нашиот соживот.
Прашање е што вие оставате и каков пример давате?