Неподносливата леснотија на корупцијата

Еден од одговорите што ги нуди социјалната психологија за прекршувањата на индивидуалната личност меѓу доброто воспитување и искушенијата на „пократкиот пат до целта“ е дека тоа се случува кога за потклекнувањето пред некој порок ќе се најде „добар“ изговор. Пресликано на општествен план, „добриот изговор“ најчесто го создава состојбата на неограничена моќ на власта, притоа без никаква одговорност. Навидум едноставна формула за комоцијата на високата корупција

„За што ќе пишуваш сега?“, прашува деветгодишниот Давид. „За корупција!“, добива одговор во кој се крие намера детето да изгуби интерес за оваа, во суштина, девијантна општествена појава. Но детето не се откажува и пак прашува: „А што е тоа?“
„Па нешто како крадење“, добива објаснување во наједноставна варијанта, за феноменот што не можат да го објаснат обемни експертски истражувања, научни студии, ниту излегле накрај со него империи, религии, тоталитаризми, па ни декларирани демократии.
„Е тоа не е убаво“, заклучува со леснотија деветгодишникот, кој е на „принуден распуст“ поради штрајкот на неговите наставници во училиштето.
Едноставноста на процената за добро и лошо однесување, според детската логика, предизвикува размислување кој општествено-социјален миг е пресуден за разлабавување и поместување на личните и општествени критериуми за толеранција на изместените вредности како прифатлива (не)принципиелност за функционирање на општествениот систем. Еден од одговорите што ги нуди социјалната психологија за прекршувањата на индивидуалната личност меѓу доброто воспитување и искушенијата на „пократкиот пат до целта“ е дека тоа се случува кога за потклекнувањето пред некој порок ќе се најде „добар“ изговор. Пресликано на општествен план, „добриот изговор“ најчесто го создава состојбата на неограничена моќ на власта, притоа без никаква одговорност. Навидум едноставна формула за комоцијата на високата корупција.

Искоренувањето на корупцијата во државниот јавно-административен систем е меѓу главните услови, критериуми и очекувања за Македонија (и сите земји-кандидати) што тргнале на патот на евроинтеграциите. И покрај сите други искушенија за македонските евроинтеграции што ги поставуваат соседите со нивните „вонкритериумски“ вета (што ја окупираат целата евроинтегративна енергија на земјава), сепак, Европската Унија и Европската комисија во нивните годишни извештаи редовно се фокусирани на резултатите од справувањето со корупцијата, владеењето на правото, функционирањето на правната држава. А речиси во сите извештаи, иако оцената за постигнувањето на овие критериуми е просечно задоволителна, сепак, никогаш не изостанува забелешката дека „треба уште многу да се работи до целосна усогласеност на параметрите со европските“. Во контекст на забелешките за задоволување на критериумите на правната демократија, и покрај сета поддршка од САД – финансиска, стручна и организациска, американската амбасадорка во земјава, Мери Кејт Брнс, неодамна, во два наврата јавно укажа на незадоволителните резултати за довербата на граѓаните во македонското правосудство, но и од борбата со корупцијата. Поконкретниот ефект на изразеното американско незадоволство од справувањето на Македонија со високата корупција се покажа со проширувањето на т.н. црна листа на САД со имињата на двајца поранешни високи македонски функционери – експремиерот Никола Груевски и поранешниот директор на УБК – Сашо Мијалков. Временското совпаѓање на објавувањето на новата црна листа на САД, со разоткривањето на коруптивната афера на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири (како симптоматична сериска инкриминација на оваа функција во Владата, со повторување на речиси истиот прекршок на неговиот претходник – Драги Рашковски), како да ја акцентира пораката на меѓународната заедница за очекување неселективност (во смисла на партиска провениенција) и поголема решителност во борбата против корупцијата на македонските институции. Навистина, низ годините на македонската независност, особено во последнава декада беа формирани повеќе специјализирани институции токму за борба против корупцијата, поддржувани и од јавноста и од меѓународната заедница, но разочарувачки за сите – некои од нив (СЈО, на пример) самите се дискредитираа и дадоа аргументи за нивно укинување, со тоа што дозволија да бидат вовлечени во коруптивни афери.

Не може да се каже дека корупцијата е ексклузивен феномен за Македонија и за земјите во регионот Западен Балкан. Во секоја држава на светот, дури и кај оние со „нулта толеранција“ на корупцијата, постои „инвентивност“ во нејзиното практикување. Но кога таа корупција, особено онаа системската и широкораспространетата, ќе стане организирана во толкава мера што без неа е речиси невозможно да се функционира во општеството и да се заврши каква било сериозна работа, проблемот е навистина енормен. Сигналите од меѓународната заедница, на своевиден начин укажуваат верба дека со одредени мерки на контрола и квалитетен менаџмент во јавната администрација, може да биде намален прагот на толеранција за корупцијата и да се движи кон посакуваната „нулта толеранција“. Но постои и реалната свест дека кога станува збор за „организирана корупција“, каде што интересите и профитите се многу повисоки, а актерите многу помоќни и подобро организирани да ја „пресретнат“ контролата, многу потешко е справувањето со овој феномен. Но недозволиво е попуштање во борбата и одење по линијата на помал отпор на неподносливата леснотија на корупцијата. Потребна е антикорупциска мобилизација на целото општество, на сите институции и на интелигенцијата. Тоа е важен процес не само против корупцијата туку, пред сѐ, на културен план и на планот на демократизација на политичките односи и процеси. Бескомпромисно, потребна е сериозна системска, морална, културна и политичка посветеност на борбата против корупцијата за Македонија да не пропадне во безнадежна иднина, покрај сите предизвици што ѝ се поставуваат, а на кои може ограничено да влијае.