Народното востание од 11 октомври е изворно македонско, но во поширок контекст е во содејство со повеќе слободарски, но угнетени народи и народности на Балканот, кои истовремено со македонскиот народ биле под јаремот на фашистичкиот окупатор
Ова народно востание е и против монархофашистичкиот режим воспоставен во Бугарија, а окупаторски, експанзионистички, хегемонистички и крвнички репресивно наметнат во нашата Македонија
Историски е јасно дека македонскиот народ и сите прогресивни народности на територијата на окупирана Македонија (отфрлајќи го окупаторскиот фашистички режим, вклучувајќи го и бугарскиот монархофашистички режим) се ставаат на вистинската страна на историјата! Нема знак на равенство меѓу фашизам и антифашизам!
Македонскиот народ го одбележува еден од најсветлите датуми од долгата национална историја, 11 Октомври – Денот на востанието на Македонија, односно Денот на народното востание на македонскиот народ! Тој е неизбришливо врежан во колективната меморија на сите Македонци како ден со кој конечно започнува крајот на нашата вековна борба за македонското национално ослободување и осамостојување. Всушност, на 11 октомври 1941 година започнува финалната фаза на борбата за ослободување на македонскиот народ, за остварување на вековниот стремеж за создавање сопствена, независна, самостојна и слободна држава. Ова народно востание е во содејство со повеќе слободарски, но угнетени народи и народности на Балканот, кои истовремено со македонскиот народ биле под јаремот на фашистичкиот окупатор.
Ова народно востание е и против монархофашистичкиот режим воспоставен во Бугарија, а окупаторски, експанзионистички, хегемонистички и крвнички репресивно наметнат во нашата Македонија.
Македонскиот народ и сите прогресивни народности на територијата на окупирана Македонија, отфрлајќи го окупаторскиот бугарски монархофашистички режим, се става на вистинската страна на историјата, заедно со другите прогресивни земји во светот, кои им се спротивставија на Третиот рајх и на неговите сателити.
Оружениот отпор на младите и полетни партизани, кои не ја жалеа својата младост и живот да ги положат на одарот за слободата на својот народ, беше изворно продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проткаени низ Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и Илинденското востание.
Борбата за национално ослободување од бугарскиот, албанскиот, италијанскиот и германскиот фашистички окупатор беше крунисана со одржувањето на Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија), во август 1944 година, која претставува и фундамент темелник на новата македонска држава. Во годините што следуваат по Втората светска војна, македонскиот народ, во рамките на југословенската федерација, ќе ги изгради сите свои национални институции, кои преку употребата на македонскиот јазик ќе го градат, развиваат и ќе го зацврстуваат националниот идентитет.
Одржувањето на вечниот оган од 11 октомври во нашите срца, вечниот оган на Могилата на непобедените во Прилеп, градот на македонскиот непокор, но и како симбол на сите други места во Македонија, каде што почиваат нашите предци, нашите национални идоли, нашите ослободители, значи одржување на спомените, славата и љубовта кон сите македонски борци и револуционери, кои ги положиле своите животи за нашата Македонија. Светлината од зраците од македонското сонце е блесок што го распорува мракот од повторните обиди за наметнување на опскурното минато, неофашизмот што ни се наметнува да влезе „на мала врата“ во последните години. Тој е сега со нов лик и руво, прекриен со наметката на некакви нови „европски“ вредности.
Во тој контекст, факт е дека живееме во време кога треба недвосмислено и без дилема да ја продолжиме борбата на нашите претходни генерации што ни овозможија да живееме во слободна татковина. Нашата света должност е да го одбраниме 11 Октомври.
Утрешниот национален празник – Денот на народното востание на македонскиот народ, е нова можност, како граѓани на Македонија, да го искажеме нашиот цврст и одлучен став дека нема да дозволиме дегенерација на нашиот национален код, без разлика на сите „експерименти ин виво“, без разлика на сите негирања, омаловажувања и барања на отстапки на сметка на нашата историја, јазик или идентитет. По реакциите во македонската јавност од бесрамните провокации, кои доаѓаат во форма на отворање на некакви здруженија на граѓани, кои ги носат имињата на крвниците на македонскиот народ, потребен е посериозен пристап на надлежните институции и спречување на ваквите појави, за ревизија на историјата, кои се спротивни на декларираните заложби на добрососедство, кое толку обилно ни се сервисира во последно време.
Обидите за негирање на македонската борба, која започна во 1941 година, не се случајни, а за тоа говорат и други настани, кои се случија во последната година. Уништувањето на бистите на народните борци во Градскиот парк во Скопје покажува дека има (не)познати сили, кои се обидуваат да газат по нашето минато. Да не заборавиме на барањата на бугарската страна за менување на учебниците по историја и бришењето на „бугарски фашистички окупатор“ од спомениците од НОБ. Принудени сме да правиме и други отстапки, а една од нив беше и сугестијата на европските емисари за бришење на 11 Октомври од списокот на државни празници. Поради сето ова, овој 11 Октомври е добра можност да се обединат Македонците, независно на која политичка опција припаѓаат, да застанат сложно и единствено под знамето на слободна и независна Македонија, пред многубројните искушенија што ни претстојат.