Македонските езера и империите

Веројатно би требало да пишувам за годишнината од пренесувањето на моштите на Гоце Делчев и нивниот (не)мир во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, но онака како што почна одбележувањето на оваа јубилејна година (150 години од неговото раѓање), така некако тажно и срамно таа се приближува до својот крај. Во моментов, неколкумина докажани и посветени историчари и храбри интелектуалци (кои буквално на свој грб ги истуркаа и реализираа активностите поврзани со неговиот лик) – верувале или не – се борат за дозвола на тоа свето место да им ги доделат наградите за состави и цртежи на учениците. Велам, не знам дали ќе успеат затоа што властите (институциите) веќе редовно покажуваат дека всадувањето дух на респект и восхит за Гоце, и генерално за сите што се бореле за Македонија, се смета за опасно… Овде полицијата ги брани фашистите, а ги гони оние што се спротивставуваат. Така, ќе ни остане врежано дека оваа јубилејна година ја одбележуваме на „мускули“, и притоа паралелно со отворање божем културни центри како оној на Ванчо Михајлов (во Битола) и цар Борис „обединителот“ (во Охрид). Срам за сите нас! Релативниот мир во Битола и малку посилниот отпор во Охрид, сепак, се недоволни да ја прикријат сета апатија. Во спротивно, сега сите ќе се подготвувавме на нозе да го прославиме 11 Октомври, на улица, со знамиња и јајца (кој што има, би рекол еден млад и храбар политичар).

Сепак, во оваа прилика зафатот на перото ми е малку поширок. Идејата ми е метафорично да ја прикажам (којзнае по кој пат) нашата тажна и срамна положба низ приказната за езерата и империјалните политики што се прекршувале и се прекршуваат врз грбот на македонскиот народ. Минатата недела се одржа промоција на преводот на книгата „Езерата и империите. Оспорување на водите“ објавена од „Блумберг“, од авторите Џејмс Петифер и Миранда Викерс. Во центарот на книгата е не само едно од нашите езера (Преспанско) туку дури и претежно Нивици и неговата околина. Авторите им ја посветиле книгата на жителите на Псарадес/Нивици. Искрено, книгата сѐ уште не сум ја дочитала, зашто ја читам во две верзии – оригиналната (на англиски) е објавена за цел свет, а другата е со корекции и исправени грешки (како што велат авторите) за македонската публика. Од настанот на кој авторите го презентираа делото и некои од дискусиите се наметна еден депримирачки заклучок: поделени, раскарани, под различни влијанија и со различни судбини, ние толку малку знаеме за (целата) Македонија. Нам отсекогаш ни се нудела парцијална верзија, во согласност со околностите, без оглед што предците на мнозина потсекуваат токму од тие „други“ делови на Македонија, кои се сега за нас забранети теми.

Не знам за вас, но јас за Нивици дознав во јуни 2018 година (фактите зборуваат дека било основано во 15 век, во него секогаш живееле само Македонци, а името Псарадес му било наметнато во 1927 година). За разлика од мене, двајцата автори минувале низ него и го истражувале, заедно со неговата околина, речиси 30 години. Се среќавале со малкутемина жители останати на старите огништа, разговарале со нив (како со семејството Поповци, на сила преименувано во Пападопулос, кое покажало гостопримство), со луѓе што нерадо и со страв шепотат за своето потекло, но се колнат дека се верни грчки граѓани. Како што авторите и самите се обидоа да објаснат пред публиката од која доаѓаа и по малку непријатни прашања, тие настојувале да бидат непристрасни, ама и доста дипломатични. Идејата била да не се спомене експлицитно македонското прашање/малцинство, за евентуалниот (западен) читател (веројатно од грчко потекло) да не ја остави книгата веднаш недочитана. Затоа „нашата“ верзија ги има испеглано оние нешта што би го навеле македонскиот читател во лутина веднаш да ги затвори кориците на оваа интересна книга. А интересна е веќе на прв поглед, кога ќе ја разгледате содржината: целиот регион се набљудува како целина во која се вкрстуваат географски, еколошки, културни и други одлики, а за населението се зборува како за мултиетничко, мултиконфесионално, со измешани идентитети итн. Но еден од присутните (Ристо Никовски) што ја имал прочитано оригиналната верзија на англиски одржа права лекција за тоа како авторите се однесувале повеќе како политички коректни луѓе отколку како научни работници посветени на вистината.
Вистина е дека книгата била завршена и дадена во печат пред настаните што за нас го „прославија“ селото Нивици, така што авторите веројатно не можеле или немале време (а можеби и не сакале) да додадат некоја страница плус за Преспанскиот договор, кој означи нова страница во империјалното владеење врз македонските езера. Во мојата дискусија се обидов да им нагласам на авторите дека нашата колективна перцепција за Нивици е силно обележана со онаа слика на ликот на насмеаните Заев и Димитров, кои на глисер му пристапуваат на тоа запуштено и напуштено село по воден пат.

Епилогот беше ставање на јамката на местото на вратоврската; водите не се оспорени (освен кога се поставува прашањето кој го исцрпува за наводнување и така го доведува до целосно исушување) – оспорен е македонскиот идентитет од сите негови брегови. Мнозина од нас (освен тие чии семејни истории се врзани за егзодусот и трагедијата на нивните семејства од Егејска Македонија, кои го знаеле од поодамна) сега ќе го паметат местото како симбол на колективна траума, траума што го поврзува минатото со иднината. Можеби од аспект на историската наука и антропологијата, Нивици и Преспа нудат други сознанија, ама за денешните генерации Македонци, Нивици е местото на кое се извршени културна апропријација и империјален инженеринг на македонскиот народ. Матењето на водите на Охрид е еднакво трауматична приказна во која се допираат албанско-бугарските аспирации. Во едно интервју деновиве, Петифер (добар пријател на Албанците од сите краишта во регионот) експлицитно кажа дека, според него, Охридскиот договор е добро решение и не треба да се поврзува со Преспанскиот (кој го смета за катастрофален). Така, и неговиот поглед на империјалните апетити/замешателства и езерата е далеку од конзистентен. Не треба да си многу учен за да знаеш дека Империјата (онаа со седиште во Вашингтон) е вистинскиот автор и на двата договора, односно таа ги замати и двете убави езера и им остави историско бреме што тешко ќе се заборави (и ќе биде материјал за нови книги, ама под услов да не оставиме друг да ни ги пишува). Кај нас и натаму е надвиснат стравот дали можеби ќе следува уште некој сличен настан што ќе ни го замати и Дојранско Езеро. Не е исклучено, дури е и предвидливо.

За книгата ќе зборуваме во друга прилика кога повеќемина ќе ја прочитаат и во македонската верзија и во оригиналната. Кај мене како научен работник останува јанѕата дека нашиот наратив го обработуваат и пласираат во светски рамки – странци! Како во онаа позната песна за македонскиот народ, кој чека други да му кажат кој е и кои се неговите идеали. Велат дека на меѓународниот академски пазар не постои книга за историјата на ВМРО што би била напишана од македонски автори на англиски јазик или на некој друг светски јазик. Всушност, многу малку книги и статии имаме објавено надвор за она што колегата Саркањац би го кажал „потреба да се раскаже нашата приказна“. И во оваа најнова книга, таа изостанува бидејќи авторите ја истражувале Преспа гледана низ грчка и албанска призма, но не и македонска. Тоа е нашата генерална слабост и дури колективен академски неуспех.

За тоа време, разни комисии (домашни и меѓувладини) го пишуваат и нашиот национален наратив (историја, култура, традиции, личности, идеали) приспособен за најмладите генерации, кои низ училишниот систем ќе бидат задоени со сѐ, освен со идејата и љубовта за нашата Македонија. Ако постои професионален слој со најподанички дух, тоа се сигурно професорите. Тие се „бајчиња“ што не умеат да се изборат ни за најприземниот/личен/егоистички интерес (плата повисока од таа на келнер); им рекле во Владата дека не може и никому ништо, молк. И не само тоа, серијали на конференции и дебати на кои министри се главни ѕвезди на програмата. Додворување наместо критика и надзорна улога (watchdog); давање награди за стогодишнина на факултет на луѓе што со „калашњикови“ ја „бранеле“ државата од нас и нашите војници и да не набројувам… јасно е.

Езерата, иако девастирани и загадени, запустени и уништени, веројатно ќе нѐ надживеат. И ќе сведочат за еден општ пустош, на еден народ што живеел на сите нивни брегови, каде и да погледнеш, но останал замолчен, осиромашен и немоќен. Некои идни автори можеби нема ни да нѐ споменат. А и зошто би, кога ние самите не ја градиме својата приказна, не се бориме за своите идеали, не им го обелуваме образот на оние чии коски почиваат во прегратките на Македонија и надвор од неа… (Не)културните центри можеби ќе бидат со кус век, а иронично – ќе го разбудат духот на отпорот.

Но тие не ме загрижуваат, колку она злосторство што се чини преку образовниот систем, на чие чело сега застанала и некоја одбрана дружина на премиер и министри, а никој од фелата ни да се побуни. Онака како што Заев го реформираше правосудството, сега Таче со компанија албански министри од Севeрна ќе го оправа образованието. Овде ни Свети Спас не помага. Езера можат да се појават, солени од солзите, ама и тие пустите остануваат неисплакани во очите исушени и устите затворени. Токму ставив точка на оваа колумна, кога наидов на мислата на великиот Петре М. Андреевски, кој толку убаво го кажува она што ми беше на срце: „На изгореното срце и окото му е суво. Не пушта солза и да го молиш“.