Македонски приказни од 11.101 ноќ

Ако Шехерезада купила 1.001 ноќ со тактиката на незавршени приказни, Македонија симболично изгуби приближно 11.101 ноќ. Толку приближно изнесува бројката на изгубени денови (и ноќи) на почнати, но незавршени процеси, или да ги наречеме приказни. Во македонските приказни без завршеток има и една константа. Оние што купуваат денови и ноќи, а во меѓувреме трупаат и огромно материјално богатство, се владејачките структури, кои на овој начин со сеење магла опстојуваат на власт. Губитници, пак, сме сите ние, македонските граѓани, што одново и одново ги слушаме истите приказни, празни ветувања и заложби и понатаму веруваме дека се можни чуда. Можеби, но само во приказните. Реалноста, сепак, е сосема поинаква

Македонија, веројатно, е рекордер по почнати процеси што никогаш не завршуваат. Нешто како приказните на принцезата Шехерезада од 1.001 ноќ, која на тој начин, со незавршени приказни, се обидува да го одложи и избегне сопственото погубување. Македонските приказни без завршеток траат со години и децении. И пак одново почнуваат. Се менуваат раскажувачите (читај политичари, функционери), годините течат, но наративот главно останува ист. Само купишта ветувања, почнати реформи, а ефектите никаде ги нема. Затоа македонските приказни немаат завршеток, туку се само празно вртење во круг. И така веќе 31 година. Ако Шехерезада купила 1.001 ноќ со тактиката на незавршени приказни, Македонија изгуби приближно 11.101 ноќ. Толку симболички приближно изнесува бројката на изгубени денови (и ноќи) на почнати, но незавршени процеси, или да ги наречеме приказни. Се разбира, во целиот овој временски интервал има и одредени процеси што се завршени. Но тоа е само мал дел од очекуваната, ветена, а незавршена работа што се префрла како наследство, поточно како товар на секоја следна политичка гарнитура.
Во македонските приказни без завршеток има и една константа. Оние што купуваат денови и ноќи, а во меѓувреме трупаат и огромно материјално богатство, се владејачките структури, кои на овој начин со сеење магла опстојуваат на власт. Губитници, пак, сме сите ние, македонските граѓани, што одново и одново ги слушаме истите приказни, празни ветувања и заложби и понатаму веруваме дека сепак се можни чуда. Можеби, но само во приказните. Реалноста, сепак, е сосема поинаква.
Еве и низ конкретни примери и показатели.

Деновиве слушаме се најавува нова реорганизација на администрацијата, трансфери на вработени, затворање непотребни тела и агенции итн. Некој ќе рече, одличен потег, алал нека им е, токму тоа ни треба, ќе заштедиме на непотребни трошоци и истовремено државните служби ќе ги направиме поефикасни. Се согласувам во целост со мерката за реорганизација и кратење на администрацијата. Сепак тука има и едно големо НО. А тоа е дека повторно слушаме една стара добро позната иста незавршена приказна. Реформа, реорганизација и кратење на администрацијата се најавуваат со години и децении. Но во пракса никогаш не се случи тоа. Напротив, администрацијата драматично порасна и продолжува да расте и понатаму. А нејзината ефикасност и продуктивност опаѓаат правопропорционално со нејзиното зголемување. Затоа има и оправдана сомничавост во искреноста на новонајавената реформа. Зашто додека ги пишувам овие редови веќе се кројат планови за нови огласи за вработување на нови стотици лица во државната и јавната администрација. Е, Шехерезада, Шехерезада. На овие нашиве може само вода да им носиш.
Нашиве политичари ги прошириле и ги надградиле твоите приказни. Затоа и опстојуваат и се менуваат на власт 31 година, а не како тебе само 1.001 ноќ?
Еве и уште еден конкретен пример. Токму деновиве на нозе се кренаа младината и студентите. Бараат подобри услови за студирање, подобар животен стандард, поквалитетно сместување. И сосема се во право и ја имаат целосната поддршка од пошироката јавност. Она што е жално и трагично е што истата оваа студентска незавршена приказна се повторува со години и децении. Жално е што студентите се оставени сами на себе да се снаоѓаат кој како знае и умее. Државата и надлежните сиве изминати години многу малку, речиси ништо не направија за нив. Доволно е само да се посети некој од студентските домови и да се види во какви мизерни услови е оставена да живее и учи нашата младина. Која, нели, треба да ја претставува иднината на оваа држава. И згора на тоа, замислете, некому му текнало да крати од студентскиот оброк што законски им следува. На неодамнешниот студентски протест, токму поради ваквата предлог-мерка, ми падна в очи една парола на која пишуваше: „А да ги замениме оброците“. Навистина, оригинално и духовито, нема што. Бифтеците, јастозите, јунешките мускули, калифорниската пастрмка и другите деликатеси со кои се гоштеваат државните функционери да се поделат по студентските мензи, а храната што најчесто ја јадат студентите, како ѓеврек, виршли, паштета, зденка…, да се стави редовно на менито на политичарите. Е, тоа би било реформа достојна на називот субвенциониран оброк. Само се чека јунак (пратеник) да ја предложи и мнозинство да ја усвои?!

Примери на започнати, а незавршени македонски приказни има уште многу. Би рекол и премногу. Тука спаѓа приказната за битката против корупцијата, која трае со години и децении и никако да заврши, па приказната за правната држава, која никако да дојде, па незавршената приказна за реформите во образованието. Сега за момент ќе го прекинам набројувањето, бидејќи сакам да споделам со вас една информација, која можеби сама по себе најдобро го отсликува нивото на образование кај нас.
Во кратки црти ќе ви прераскажам една вистинска приказна, која ја слушнав од неколкумина бруцоши што полагале прв колоквиум на еден од факултетите за туризам. Како секој прв колоквиум и секое ново искуство студентите учеле, се подготвувале, го поминале материјалот и се фокусирале на, како што велат, клучните содржински и програмски делови. Но шокот следувал кога ги виделе прашањата. Замислете, повеќе од половина од прашањата биле сосема неповрзани со предметот и материјалот. На пример имало прашања: колку кревети има некоја наша бања, или колку жители имал Штип во 2002 година, колку кубни метри дожд наврнале во некое место итн. Кои се целта и идејата на ваквите прашања? Ниту на разочараните студенти, а да бидам искрен ниту мене навистина не ми е јасно. Но она што им е повеќе од јасно на сите е дека како образовни институции сме најниско рангирани на Шангајската листа и продолжуваме да тонеме и понатаму. И кој е одговорен за тоа? Студентите сигурно не се.
Што можете практично и суштински да научите од посочените примери, освен да ги изгубите и таа малку волја и надеж што сте ги имале во домашниот образовен систем. Има една мудра мисла што вели, ако сакате да уништите некоја држава, удрете по образованието. Е, тие удари Македонија ги трпи со години и децении. И оваа жална приказна никако да заврши.

За крај оставив само уште еден пример. Започнатата, а недовршена приказна поврзана со македонската евроинтеграција, сите лажни надежи, ветувања и болни отстапки што изминативе години и децении ги доживеавме и преживеавме. Генерална и општоприфатена констатација е дека Македонија направи и повеќе отколку што треба на патот кон ЕУ. Тоа го потврди и новата амбасадорка на САД во нашата земја, Ангела Агелер. Значи да повторам, сме направиле повеќе отколку што требало. Што значи тоа? Дека ние сме направиле сѐ и сега треба другите да испорачаат кон Македонија. И точка. Завршена приказна.
Но, за жал, и оваа приказна не завршува тука. Нашиве пак ја почнуваат одново. За да покажат или можеби да уверат некого дека можат и повеќе од повеќето. И полошо од лошото.
Па добро, има ли крај на овој бесмислен суициден македонски политички клиентелизам, кој е погубен за државата и граѓаните. Ова веќе не во насока на наша европеизација, ова се класична демакедонизација и потези за обезличување на народот и државата.
По закономерностите на физиката ако полното шише продолжите да го полните, течноста ќе почне да претекува. Или ако полниот стомак продолжите да го полните повеќе и повеќе, може да повратите, да ви се слоши, па и да ги загрозите вашето здравје и живот. Зошто тогаш да испорачуваме повеќе за, наводна, европска цел, кога веќе сме испорачале сѐ? Треба ли да го загрозиме сопствениот идентитет за пак да му угодиме некому? Зошто со домашната политичка сервилност, кратковидост и испорачување по принципот повеќе од повеќето и секогаш на наша штета, веќе се загрозуваат опстојувањето на државата и идентитетот на македонскиот народ. Е, таква една приказна нема да им дозволиме на оние што ја посакуваат.

[email protected]