Се покажа дека кусогледото проектирање големи проекти и индустриската зона Жабени, која требаше да ги прероди Битола и регионот, беа со далекосежни последици, кои (ќе) ја чинат Битола повеќе милиони евра залудно фрлени буџетски пари. Тоа се апроксимативни процени на упатените извори од Општината, а за тоа колку точно се потрошени, би требало да се изјасни ревизијата. Денес не само што во индустриската зона Жабени не се гради ниедна друга фабрика туку под голем знак прашалник е и опстанокот на јавното претпријатие „Жабени“, кое покажува загуби и е на работ на банкрот. Избрзаните и неплански краткорочни потези на локалните власти излезе дека мошне скапо, дури прескапо ќе ја чинат Битола
Старите рекле три пати мери, еднаш сечи. Но по сѐ изгледа ова правило важеше само за старите добри времиња. Многумина велат дека денешните политички и раководни генерации најчесто пресекуваат без да одмерат или измерат, што значи без да мислат на последиците.
Кога пред повеќе од 16 години, сега веќе бившиот градоначалник на Битола Владимир Талески за првпат ја промовираше изградбата на индустриската зона Жабени, најголемиот број битолчани беа скептични, бидејќи парцелата, со големина од 80 хектари, на која требаше да се градат фабриките беше мочуриште, кое и при најмали врнежи на дожд беше подложно на поплавување. Многумина тогаш се прашуваа зошто ИЗ Жабени не се гради во стариот индустриски дел на Битола, каде што до транзицијата работеа над десетина големи индустриски капацитети и имаше колку-толку добар пат, железница, целосна инфраструктура, атмосферска и фекална канализација, водовод, одвод, струја, телефонска инсталација…
Тоа што беше значајно е што стариот индустриски дел на Битола се наоѓаше на самиот излез од Битола, на патот за Грција, и беше поврзан со железница за јужниот сосед.
Но тогаш наместо економската логика, надвладеа политиката и градот се одлучи да изгради индустриска зона кај селото Жабени, која многу скапо го чинеше не само буџетот на градот туку и на државата.
Со цел да се создадат какви-такви услови за изградба на ИЗ Жабени, Битола и државата потрошија неколку милиони евра само за електрификација на зоната, а уште неколку милиони евра за изградба на пристапен пат до парцелите, изградба на дел од инфраструктурата, пречистителната станица…
Додека за изградба на улицата Индустриска кај стариот индустриски дел на Битола, каде што работеа голем број фабрики и илјадници работници, Општината немаше пари, за средување на инфраструктурата кај ИЗ Жабени се фрлија милиони евра. Објаснувањето беше дека инвестирањето во инфраструктурата во Жабени е инвестирање во иднината и дека тоа многукратно ќе се исплати.
Подоцна, откако на првиот јавен повик, покрај германската компанија „Кромберг и Шуберт“, уште триесетина „инвеститори“ купија парцели за изградба на фабрики, на големи ѕвона јавноста во Битола беше (раз)убедувана дека покрај Жабени 1 ќе треба да се гради и ИЗ Жабени 2, за изградба на уште дваесетина други фабрики, колку што домашни и странски „инвеститори“, поединци или фирми изразија намера да купат парцели. Со цел да им се обезбедат инфраструктура на заинтересираните инвеститори и услови за градба во Жабени, Општината ги пренамени средствата, во висина од над 6,5 милиони евра собрани од продажбата на парцелите во Златниот Рид за изградба на индивидуални куќи и деловни објекти, за довршување на инфраструктурата во Жабени, со тоа што по изградбата на фабриките парите ќе се вратат во општинскиот буџет за доизградба на инфраструктурата во касарната.
За да не доживее фијаско проектот „Жабени“, во голема мера покрај Општина Битола, тогаш се заложи и Владата, која внесе дополнителни финансиски средства за фабриката „Кромберг и Шуберт“ да почне да работи.
Но, за жал, од инвестицискиот бум во Жабени не се случи ништо.
Списокот на наводно „заинтересирани“ инвеститори од Австрија, Италија, Русија, Украина, Турција, Грција, Австралија, САД, Унгарија… се сведе само на едно име, имено на фирмата „Кромберг и Шуберт“. Во изминатите 15 години во ИЗ Жабени, освен фабриката „Кромберг и Шуберт “, за жал, не е изградена ниту една друга фабрика. На другите парцели останаа „сончогледовите полиња“.
Подоцна се покажа дека инвеститорите што беа наводно од странство, биле всушност „домашни“ поединци или сопственици на фирми што располагале со т.н. инсајдерски информации, кои во голема мера ги искористија за поволностите да купат парцели по 1 евро од квадрат, за неколку години подоцна парцелите да им ги понудат на продажба на други.
Кога стана јасно дека од ИЗ Жабени не ќе можат да се вратат парите назад, Општина Битола мораше да се задолжи со кредит од 2,5 милиони евра од Светската банка за да изгради каква-таква инфраструктура во Златниот Рид, бидејки луѓето што купија парцели таму за да градат куќи за живеење или за изградба на станбено-деловен простор се заканија со тужби доколку не им се обезбеди инфраструктура за да можат да градат.
Се покажа дека кусогледото проектирање на големи проекти и индустриската зона Жабени, која требаше да ги прероди Битола и регионот, беа со далекосежни последици, кои (ќе) ја чинат Битола повеќе милиони евра залудно фрлени буџетски пари. Тоа се апроксимативни процени на упатените извори од Општината, а за тоа колку точно се потрошени, би требало да се изјасни ревизијата. Денес не само што во индустриската зона Жабени не се гради ниедна друга фабрика туку под голем знак прашалник е и опстанокот на јавното претпријатие „Жабени“, кое покажува загуби и е на работ на банкрот. Избрзаните и неплански краткорочни потези на локалните власти излезе дека мошне скапо, дури прескапо ќе ја чинат Битола.
Но изгледа локалните власти повторно не извлекуваат поука. Или пак можеби имаат некој друг есап?!
Имено, откако најголемиот број фабрики во стариот индустриски дел во Битола заминаа во стечај или се ликвидирани (а работниците се наоѓаат дома или се починати), како „Фринко“, свиларницата „Илинден“, шеќераната, пиварницата, „Прогрес“, „Битолатекс“…, Општината сега се сети да го гради патот за индустрискиот дел на градот, каде што моментално функционираат неколку компании, во делови од фабриките што на парчиња ги купија од стечајната маса.
За изградбата на патот, Општината се задолжи кај Светската банка со нови 1,5 милион евра. И некако сѐ ќе беше во ред доколку беа само овие промашени проекти. За жал, такви во Битола, а и во другите градови во државата, има уште многу. Ги има буквално во секој град. Токму поради лошите и кусогледи проектирања на скапи проекти, голем број општини во државата со децении имаат блокирани жиро-сметки и не можат да расчистат со обврските. Добар дел од нив поради таквите состојби едноставно не може да функционира. Но и покрај огромните долгови, некои од нив и натаму планираат големи и најчесто скапи проекти, како изградба на регионални депонии, пречистителни станици, инвестиции… Некои од тие проекти постојано се повторуваат по секои избори, ни никако да се реализираат. А последиците од таквите мегаломански проекти најчесто ги плаќаат граѓаните. Но, жално е кога сто пати одекнува прашањето: Кому му е гајле за тоа?! Така е тоа секогаш кога се трошат туѓи или народни пари.