Ако сакаме да бидеме сериозна држава, не смееме да дозволиме уште еднаш да најдеме за виновник некој неидентификуван кабел. Белки нема да си дозволиме по вторпат да се бламираме, да ни се смее повторно светот. Но исто така не смееме да дозволиме инфлација на своевидни експерти вградени… од Уставниот суд, па низ целиот правосуден систем… во законодавниот дом, извршните органи, во администрацијата… Практично во целиот систем имаме инфлација на своевидни „експерти“, штанцани во нашиот недоветен образовен систем и како такви „академски полупроизводи и квазиинтелектуалци“, но како суперпартиски војници, се вградувани во сите пори на македонското општество. И тие ни кажуваат експертски „приказни за мали деца“…
Изгоре Универзална – беше најчестиот коментар изминативе денови за настанот што барем за момент ги стави во втор план претседателските избори и лавината коментари поврзани со нив. Пожарот што го зафати еден од најомилените споменици на светската солидарност со кој скопјани се гордееја, наспроти сите негови недостатоци, ја крена на нозе целата јавност. Многумина со тага коментираа, евоцирајќи ги сопствените спомени поврзани со Универзалната сала, а слушајќи ги и читајќи ги, ми станува јасно дека не може човек што израснал во Скопје да нема еден непрегледен албум спомени во својата глава и токму затоа разбирлива ми е емоцијата што се прелева деновиве. Сите заедно посакуваме ова да е само една несакана епизода и дека Универзална повторно ќе „никне“ и ќе се радуваме сите заедно во секој нов настан во неа.
И нормално, како и секогаш во вакви прилики кога адреналинот е покачен, се јавија недобројните експерти од општа пракса, кои веднаш дадоа свое „стручно“ мислење за причините, последиците и влијанието на пожарот кај Универзалната сала врз светската геополитика, а богами и пошироко. Се изнаслушавме теории на заговор – кои не вреди ниту да се спомнат, а камоли коментираат, потоа коментари со кои од „сигурни“ извори се тврди дека палењето на објектот било за таму да се отворел простор за изградба на станбени објекти, па сѐ до оние што правеа сопствени експертизи за тоа што и како го предизвикало пожарот.
Ние и деновиве, а верувам и натаму, во согласност со нашата уредувачка политика нема да влегуваме во ваквите расправи и да ги потпалуваме непроверените и честопати нереални приказни на луѓето, кои не водат грижа за јавниот интерес пред сѐ. Од самиот почеток, кога меѓу првите на нашиот портал ја објавивме веста за пожарот, па сѐ до денеска, се обидуваме да бидеме објективни и да ги информираме граѓаните со релевантни информации, не дозволувајќи сензационализмот да надвладее над она што го имаме зацртано како наша уредувачка политика и по што нѐ препознаваат оние што секојдневно не следат, било преку печатеното било преку електронското издание.
Она што и вчера го истакнавме во весникот, дека повикуваме на одговорност, го повторуваме и денеска. Случајот со пожарот мора да се расчисти како што треба, да се најдат виновниците и соодветно да се санкционираат.
И толку. Ако сакаме да бидеме сериозна држава, не смееме да дозволиме уште еднаш да најдеме за виновник некој неидентификуван кабел. Белки нема да си дозволиме по вторпат да се бламираме, да ни се смее повторно светот.
Но исто така не смееме да дозволиме инфлација на своевидни експерти вградени од Уставниот суд, па низ целиот правосуден систем, во законодавниот дом, извршните органи, во администрацијата… Практично во целиот систем имаме инфлација на своевидни „експерти“, штанцани во нашиот недоветен образовен систем и како такви „академски полупроизводи и квазиинтелектуалци“, но како суперпартиски војници, се вградувани во сите пори на македонското општество. Токму тие се ударната „експертска тупаница“ за толкување на сите состојби и аномалии кај нас, за да најдат алиби за поведенијата што нѐ влечат на дното и да најдат виновник – секогаш во некој трет субјект, само не во самите себе. Срамно е веќе што тоа стана востановена пракса. И смешно е, се разбира. Полуобразовани полтрони и климоглавци да се појавуваат јавно, да анализираат и да сервираат експертизи.
Работите за нас се мошне јасни.
За жал, којзнае по кој пат мора да го изразам моето чудење како можеме толку лесно да ги примаме разните, би рекол, недоквакани приказни во кои разно-разни „експерти“ дават свое „стручно“ мислење за толку сериозни работи како што се пожари, сообраќајни несреќи, епидемии, пандемии, па дури и лоши резултати на наши спортисти. Нема област на Земјината топка за која нашиот човек нема своја експертиза усогласена и проверена пред кооперација со посебна салама и ладно пиво или кај комшијата со ракија и свежа салата.
Просто, ми доаѓа да ѝ стегнам едно писмо на оваа Нобеловата комисија во Стокхолм да ѝ кажам да свртат малку поглед и наваму, да не бидат толку антипротивни во однос на нас, кои имаме мудреци за цела планета, а тие, пак, ладните Швеѓани никако да нѐ почестат барем со една, макар почесна Нобелова награда.
Универзалната сала е споменик на солидарноста, архитектонско чудо на своето време, кое засекогаш ќе нѐ потсетува дека Скопје и Македонија имаат пријатели што ни излегоа во пресрет кога ни беше тешко, кога градот беше разурнат. Скопје го обновивме, ќе ја обновиме и Универзална, но некои поуки мора да се извлечат од овој последен случај.