Во време кога една Германија се најде во ситуација нејзиниот канцелар да изјавува дека земјата се наоѓа во структурна криза на економијата, тогаш повеќе од јасно е дека европската економија забревтано се движи кон амбисот. Европските харикири-политики доведоа до тоа економиите да пропаѓаат поради неконкурентните цени, така што прашање е само редоследот на колапсот на европските економии, кои во периодот што следува ќе почнат една по една да објавуваат рецесии. А Европејците живеат сѐ полошо и полошо, но активната пропагандна европска машинерија и натаму труби со воени труби, ги плаши сите со војна и си наоѓа алиби за да ги преструктурира економиите кон производство на воена опрема, која нема каде да се користи на друго место освен во војна.
Во тој контекст треба да се набљудува ултимативното барање НАТО-членките да ги зголемат издатоците за одбраната од сегашните два на пет отсто, што за помалите земји повеќе од сигурно ќе се одрази погубно врз нивните економии. Што фајде од хермелини, борбени авиони и хеликоптери, тенкови и друго оружје ако сето тоа мора народот да го плаќа од свој џеб, да живее мизерно поради тоа и утре истиот тој народ некој да го втурне да гине во истите тие воени орудија што самиот ги платил. Да, обичниот народ ќе гине, не тие што ги испраќаат во војна, тие ќе бидат некаде на безбедно и на големите екрани ќе гледаат како во еден миг се уништуваат цели човечки судбини под налетот на смртоносните ракети истрелани од дроновите.
Ова не се обични реминисценции од акциски американски филмови, туку сурова реалност, која се случува тука, во Европа, и на повеќе места низ светот, па затоа ние како држава треба да бидеме мудри и да се обидеме да останеме трезвени во овие луди времиња.
Со веќе превисоко платена цена за влез во НАТО (насила сменето име на државата), глупаво е сега повторно да плаќаме дополнително висока економска цена само за да задоволуваме нечии воени илузии, а тоа да го плаќаат македонските граѓани, кои и онака одвај врзуваат крај со крај.
Едно време во нашата заедничка држава имаше еден слоган што гласеше „Да работиме како сто години дека ќе има мир, а да се подготвуваме како утре дека ќе има војна“. И тој слоган не беше само слоган туку имаше своја реална заднина. Имено, сите фабрики, објекти, инфраструктура беа така проектирани да можат во секое време да се искористат за потребите на армијата доколку дојде до напад врз државата, а во меѓувреме си работеа за цивилни потреби. Сета инфраструктура имаше некаква двојна функција, за која „надворешниот непријател“ не смееше да дознае.
Па, и Јасен, кој деновиве гори и тешко може да се изгасне, во цивилни времиња беше ловиште за богатите социјалистички функционери, но таму имаше и добро камуфлирани воени објекти ,кои во некои други услови требаше да служат како командни центри.
Зошто потсетувам на сето ова? Повод ми е неодамнешната изјава на претседателката, која нафрли интересна идеја, наместо петте отсто што ги бара НАТО за одбраната да одат на оружје, тие да се искористат за изградба на болници по највисоки стандарди на Алијансата, кои во мирнодопски услови би ги користеле граѓаните, а во случај на потреба, тие прекуноќ да се трансформираат во воени објекти. Тоа несомнено би бил вистински домаќински пристап како правилно да се вложат народните пари, а истовремено тоа да влезе во оние фамозни пет проценти што ги бара НАТО.
И не се само болниците, вакви инвестиции што би биле во рамките на оние пет отсто за одбраната може да се пренасочат во повеќе области и на тој начин ем да се развива државата ем НАТО да го добие она што го бара.
Кога пред повеќе од 20 години НАТО-конвоите ги оштетија македонските мостови и патишта, одговорот на Алијансата беше мало козметичко шминкање на оштетувањата, но во суштина патиштата се исти. Зошто дел од тие средства за одбраната да не заврши во зајакнување на патната инфраструктура бидејќи утре ако, не дај боже, има потреба повторно да се движат конвои, може да дојде до колапс на некој мост. Исто е и со железницата. Да не заборавиме дека неколку месеци во целосен прекин беше железничкиот сообраќај поради колапсот на мостот на Црна Река. Што ќе се случеше ако беше потребен железнички транспорт на нафта од солунското пристаниште, еве, за одбранбени потреби? Или зошто дел од парите што ги бара НАТО за одбраната да не се инвестира во уште еден голем аеродром кај Овче Поле, фин терен, без магли, доволно блиску и доволно далеку и од стратешките воени аеродроми и во Албанија и во Бугарија, но и во Грција. Ако на тоа се придодадат инвестиции во помали аеродромски писти низ земјава, тогаш сликата станува комплетна. НАТО добива широка воздухопловна логистика, а македонските граѓани добиваат спортски аеродроми, добиваат безбедни и квалитетни патишта, функционална железничка траса и слично.
Дел од парите за одбраната може да оди и во современи радарски системи што можат да ѝ бидат од полза на Алијансата, но и на граѓаните за рано предупредување од невремиња и слични непогоди.
Во време кога енергетската независност станува повеќе од потребна, во делот на издвојување за одбраната може да се сметаат и инвестиции во енергетските капацитети. Франција има искуство со инсталирањето мали нуклеарни капацитети, нешто слично на погонот на атомските подморници, па зошто вакви објекти да нема на неколку локации низ државата, кои во цивилни времиња би произведувале струја за домаќинствата и стопанството, а во некои други непосакувани времиња енергетски би ги снабдувале воените капацитети. Тука се и каптажите за зафаќање вода, бидејќи во небезбедни времиња треба да се има алтернатива за градските водоводи, кои знаеле да бидат цел на тероризам, особено на тоа се сеќаваат кумановчани, кои поради терористички активности во 2001 година беа оставени без пивка вода.
Со други зборови, има многу области каде што можат да се трошат тие пет отсто за одбраната, а бенефициите во прв план да ги чувствуваат граѓаните. Ако некогаш затреба, сето она во кое е инвестирано да може да се трансформира за некои други потреби, но најдобро е никогаш да не дојде до тоа. Алијансата денес е, утре не е, се најавуваат некои нови европски безбедносни сили, па затоа наместо да фрламе пари во бунар, подобро е рационално и наменски да ги употребиме за доброто на општеството. А тука кај нас има уште воени експерти од старата школа, кои и на НАТО можат да му објаснат зошто е важно да се градат болници, патишта, железници, аеродроми и тие да бидат во постојана кондиција така што ќе ги користат граѓаните, а за многу кратко можат да се преобразат во стратешки воена логистика.
Затоа рационално и домаќински со парите, оти оружјето ќе го користат само неколку илјади обучени лица, но објектите и инфраструктурата ќе ги користат секојдневно стотици илјади граѓани. А тие се најважни.