Во овој момент за прашањата околу уставните измени, грубо скицирани, постојат три можни варијанти, односно ситуации што меѓусебно се исклучуваат една со друга. Се разбира, „креативците“ секогаш можат да најдат некакви врски да ги поврзат и нелогичностите, но, нејсе, да се фокусираме само на она што е на маса во овој момент. Првата ситуација подразбира целосно отфрлање на идејата да се прават какви било уставни измени. Втората ситуација е онаа што ја турка актуелната власт, која смета дека нема никаков проблем во листата на делови од народи во преамбулата да се додадат и Бугарите, Хрватите, Црногорците, Евреите и веројатно уште некој. Третата ситуација би била да се направат уставните измени и да се внесат Бугарите, но истовремено македонскиот народ да ја добие својата државотворна улога, која сиве овие години некој упорно се обидува да му ја одземе
Повеќе од очигледно е дека притисокот врз земјава што поскоро да ги направи уставните измени се зголемува од ден на ден, а се чини дека тој станува сè посилен како што наближува крајниот рок до кога треба да се спроведе целата процедура потребна да се направат уставните измени, а тоа да се совпадне со завршувањето на скрининг-процесот и Македонија конечно да почне да отвора преговарачки поглавја.
За таа цел веќе извесно време работи таканареченото работно тело за подготовка на уставните измени, кое треба да подготви предлози што ќе бидат доставени до собраниската за уставни прашања, од која треба да потекне иницијативата за уставни измени. За какви решенија станува збор, никој не знае, иако повремено по нешто ќе протече во јавноста само колку да се напипа пулсот дали некое решение е прифатливо или, пак, не.
Но да ја оставиме настрана целата оваа работа, која уште од почетокот е криво насадена, почнувајќи од ЕУ, која наместо од земјава да бара исполнување на копенхашки критериуми, таа преку таканаречениот француски предлог наметна „софиски критериуми“, кои подразбираат евроинтеграции на Македонија без македонски народ, без македонски јазик и без македонска историја. Накриво насадена е и постапката во земјава за уставни измени, која наместо да потекне од Собранието, почнува од некакви работни тела.
За жал, како што вели нашиот народ, кога веќе сме се фатиле во орото, нема враќање назад.
Средовечната и постарата генерација читатели веројатно се сеќаваат на еден популарен квиз некаде во 80-тите години на минатиот век што се викаше „Квискотека“. Милиони тогашни југословени секој четврток беа заковани пред телевизиските приемници, следејќи го квизот воден од секогаш елегантниот Оливер Млакар, во кој натпреварувачите беа вистински ерудити, а од самиот квиз многумина можеа да научат и работи за кои никогаш претходно не слушнале.
Е, токму во тој квиз имаше една игра што се викаше „Игра на детекции“. Во студиото влегуваа тројца кандидати што се претставуваа со исто име и презиме, а задача на натпреварувачите беше да откријат кој е вистинскиот лик што се бара. Тоа го правеа така што во една минута им поставуваа различни прашања на сите тројца кандидати, за да утврдат кој е вистинскиот. На крајот, оној што поставуваше најмудри прашања и кој логично ќе ги поврзеше сите одговори, го откриваше таинствениот лик и добиваше најголем број поени.
Зошто го говорам сето ова. Затоа што Македонија е исправена пред еден вид своевидна „игра на детекции“ кога треба мудро и трезвено да одлучи кое е вистинското решение за неа, а истовремено сето тоа да донесе бенефиција за граѓаните и за државните интереси.
Во овој момент за прашањата околу уставните измени, грубо скицирани, постојат три можни варијанти (особа А, Б или Ц), односно ситуации што меѓусебно се исклучуваат една со друга. Се разбира „креативците“ секогаш можат да најдат некакви врски да ги поврзат и нелогичностите, но, нејсе, да се фокусираме само на она што е на маса во овој момент.
Првата ситуација подразбира целосно отфрлање на идејата да се прават какви било уставни измени. Заговорниците на оваа идеја сметаат дека државата не смее да биде предмет на никакви уцени од никого, а најмалку од соседните земји и нивните барања за постојано отворање на Уставот и исполнување нечии желби. Нивно мислење е дека никој во државава не ги угнетува Бугарите и дека нема потреба од никакви уставни измени оти правата на сите граѓани се загарантирани.
Втората ситуација е онаа што ја турка актуелната власт, која смета дека нема никаков проблем во листата на делови од народи во преамбулата да се додадат и Бугарите, Хрватите, Црногорците, Евреите и веројатно уште некој. Ако се следи наративот на Брисел, со тоа би требало да се заврши целата работа, но не смее никако да се заборави дека нарачател на овие уставни измени е Бугарија, која секогаш ќе го има последниот збор, а Европа е само извршител.
Третата ситуација во оваа наша „Квискотека“ би била да се направат уставните измени и да се внесат Бугарите, но истовремено македонскиот народ да ја добие својата државотворна улога, која сиве овие години некој упорно се обидува да му ја одземе. Ако направиме анализа на оваа ситуација, таа би била „вин-вин“ за сите и би поминала со апсолутно мнозинство во Собранието, без никаква потреба за насилства, пазарења, уцени и слично, за да се дојде до потребното двотретинско мнозинство. Со едно вакво сценарио, веројатно измените на Уставот би поминале ладно и со над 100 пратеници.
Некој ќе праша на што се темели ваквото тврдење. Следниве аргументи јасно ќе покажат зошто ова решение е всушност точниот одговор за нашата „мистериозна личност“ во македонската „игра на детекции“.
Имено, никој во оваа држава нема против Бугарите да бидат додадени во Уставот како малцинска заедница, која ќе ги ужива сите права во согласност со европските и светските конвенции за малцински права. Имајќи предвид дека станува збор за Македонија, повеќе од веројатно е дека тие ќе уживаат многу повисоки права од она што е предвидено со конвенциите. Понатаму, добро би било да се констатира дека со тоа обврските на земјава преземени со францускиот предлог се завршени и отсега натаму нејзини обврски ќе бидат да ги исполнува исклучиво копенхашките критериуми, но не на начин како што нив ги толкува Бугарија. Најважен момент зошто би била најприфатлива оваа трета ситуација е промената на преамбулата да донесе и јасно утврдување на позицијата на македонскиот народ како државотворен народ, зошто впрочем тоа и отсекогаш бил. Тоа никако не значи враќање на ситуацијата пред 2001 година, туку формулација што ќе му овозможи на македонскиот народ да биде носител на суверенитетот во единствената држава што ја има, за разлика од сите малцински заедници, кои имаат матични држави преку кои можат национално и идентитетски да се идентификуваат без оглед каде живеат. Ако македонскиот народ не може да го направи тоа во државата Македонија, тогаш едноставно е осуден на исчезнување. Затоа заедниците во земјава треба да покажат доблест и кога во името на европската иднина постојано бараат од Македонците да прават идентитетски отстапки, добро да подразмислат што можат да направат тие за иднината на оваа држава, макар тоа подразбирало и некаква техничка формалност, која никако нема да значи уназадување на нечиј статус или привилегии. Македонија докажа дека отсекогаш била држава на сите, без оглед на етничката, верската или која било друга определба. Еден таков модерен национален устав, каков што впрочем имаат повеќето европски држави, ќе ја врати енергијата заеднички да се тргне напред, сите сплотени под едно национално македонско знаме, наместо разединети под етничките обележја и затворени во сопствените светови.
Така Македонија ќе излезе како победник од целата оваа „уставијада“ приредена од Софија, победник на кој утре дури и онаа цел за членство во ЕУ до 2030 година можеби нема да му изгледа толку нереално.