Енергетската криза веќе на самиот почеток на грејната сезона ги покажа забите и навести дека нѐ очекува долга и тешка зима. Во меѓувреме, излегоа на површина и слабостите од одредени избрзани или недоволно осмислени потези во минатото. Така, сега граѓаните и компаниите се исправени пред предизвикот, како што вели народот, „удолу длабоко, угоре високо“. Или со други зборови – струјата е прескапа, алтернативи нема, дрва исто така нема, а замислете снема и сечачи и шумски возачи. Останаа само одредени јалови критики и празни политики, кои не го решаваат проблемот. Напротив, дополнително го усложнуваат
Старите и мудрите рекле: „Копај нов бунар на стариот не плукај!“ Минатата година над 2.500 битолчани што се пријавија за добивање субвенции за клима-инвертери во Општина Битола буквално молеа и фаќаа какви не врски да се ослободат од печките на дрва и да добијат инвертери за да се греат на струја. Немаше никој посреќен од нив кога минатата зима добија инвертери од општината. Тие што тогаш извисија и не ги фати одлуката на Советот се понадеваа дека годинава ќе добијат бесплатни инвертери и ќе се греат на струја.
Но кај нас, каде што важи правилото сѐ тече сѐ се менува, целосно се сменија условите. Во Битола сега веќе никој не прашува дали ќе има бесплатни инвертери, а тие што минатата зима добија такви клими сега се каат бидејќи ги дале печките во „отпад“ и се принудени да се греат на клими и струја, бидејќи имаат потпишани изјави дека доколку се греат на дрва кривично ќе одговараат. А цената на струјата се качи до плафон, па сега она што мислеа дека е бесплатно испадна дека прескапо ќе ги чини. Сега најголемиот број од нив, кои се ослободија од печките на дрва и добија инвертери, буквално не знаат каде им е главата и во пресрет на зимата размислуваат каде да купат печки за дрва и да најдат огревни дрва.
Деновиве во Битола, а веруваме дека е така и во другите градови во Македонија, најчестото прашање е на што ќе се греат граѓаните. Енергетската криза за 360 степени го смени начинот на размислување и однесување на граѓаните пред претстојната зима. Во ситуација кога во најголемиот дел од државата нема централно греење, кога градовите не се поврзани со топлификација и кога поради енергетската криза греењето на струја е луксуз, најголемиот број од граѓаните, не само на Битола, повторно се вратија на греење на дрва. Но, за жал, сега нема ниту дрва.
Во подрачната единица на „Македонски шуми“ во Битола и во националниот парк Пелистер веќе одамна има истакнати соопштенија на огласните табли дека огревно дрво нема. Во овој момент огревно дрво не можат да обезбедат ни раководните структури на шумското претпријатие. Дали ќе добијат огревно дрво, моментно не знаат ни оние граѓани што имаат платено дрва уште пред неколку месеци, а сѐ уште ги немаат добиено. Покрај огромниот интерес за снабдување со огревни дрва, овој пат причината зошто нема огревно дрво е што нема и сечачи, кои би ги сечеле дрвата во планините, а нема ни возачи, кои и за двојно повисоки цени не сакаат да возат огревни дрва.
За само една нецела година енергетската криза во целост им го смени животот на граѓаните. Ако е некоја утеха, со истиот проблем се среќаваат и најголемиот број граѓани на земјите во Европа, кои не кријат дека зимава и тие ќе се смрзнуваат. Поради енергетската криза и најеколошките држави на Стариот Континент, кои беа најголеми заговорници, се откажаа од зелената агенда и од производството на струја од обновливи извори на енергија и повторно ги запалија термоцентралите на јаглен.
Во моментот кога деновиве се најгласни граѓаните што по секоја цена настојуваат да дојдат до огревни дрва за претстојната зима, без разлика дали биле даб или бука, и кога најголемиот број од нив ги запалија печките, а Битола се дави во чад, најмолчаливи се еколошките организации и претставниците на невладините здруженија за чист воздух, кои воопшто не прашуваат каков воздух дишат граѓаните. Тоа изгледа веќе не е тема од приоритетен интерес. Ниту во Европа ниту кај нас. Сега многу е поважно како да се преживее зимата.
Денес најактуелно прашање меѓу граѓаните е на што ќе се греат и колку пари ќе ги чини греењето оваа зима. Во таква ситуација на недостиг од електрична енергија и енергетска криза, сите очи на македонската јавност се насочени кон РЕК „Битола“, најголемиот електроенергетски комбинат во државата, кој во последно време како да стана дежурен виновник за енергетската криза. Речиси нема ден овој комбинат да не е предмет на критика и анализа на јавноста и на политичарите. Како што лекарите некогаш во недостиг од крв ги бројат крвните зрнца, така и „енергетските аналитичари“ секој ден анализираат дали АД ЕСМ со своите енергетски капацитети РЕК „Битола“, „Осломеј“, ТЕЦ „Неготино“, хидроцентралите и фотоволтаиците ќе успее да ги згрее граѓаните на Македонија.
Во настојувањето да се пречека зимата со доволни количества енергија, гас или мазут, Владата и ЕСМ ги посетија речиси сите соседни држави и заеднички бараат решенија за надминување на енергетската криза.
Во енергетиката ниту проблемите се јавуваат прекуноќ, ниту пак истите тие прекуноќ се решаваат. Уште помалку со проблемите во енергетиката можат да се занимаваат портпароли на политички партии, кои мислат дека со една или две прес-конференции ќе го решат проблемот со кој се соочува не само Македонија туку и Европа. Повозрасните битолчани добро се сеќаваат кога РЕК „Битола“ покрај тоа што со потребните количества електрична енергија ја снабдуваше цела држава, дури продаваше и илјадници тони јаглен за широка потрошувачка. Но и тогаш, уште од пробното пуштање во производство на првиот блок на РЕК „Битола“ во мај 1983 година, кога електричната енергија во Македонија се трошеше мерно и немерно, секогаш овој комбинат беше предмет на разни шпекулации. За жал, така е и сега.
На 4 ноември годинава, РЕК „Битола“ ќе слави 40 години од своето основање. Кога во 1975 година почна изградбата на РЕК „Битола“ малкумина, па ни руските стручњаци не предвидуваа дека овој енергетски комбинат ќе работи 40 години. Сите предвидувања беа дека неговиот работен век ќе биде многу пократок. Но, ете, РЕК „Битола“ и по 40 години и натаму произведува електрична енергија и е столбот на енергетскиот сектор во државата.
Според тогашните геолошки истражувања, направени во 1973,1974 и 1975 година, на подрачјето на Суводол и Врањевци беа утврдени вкупно 195 милиони тони јаглен, што, според енергетичарите, беше гаранција дека комбинатот со трите блока може да работи „само“ 30 години, за колку што беа утврдени резервите на јаглен.
Со оглед на просечната долна калорична вредност на јагленот од 7.500 џули (1.811 килокалории и годишно производство на трите блока од три милијарди и 300 милиони киловат-часа), работниот век на битолските термоцентрали беше предвиден на 30 години. Но почетокот на експлоатацијата покажа дека тој може да се продолжи бидејќи јагленот е покалоричен од предвидувањата. Од 195 милиони тона јаглен, вкупно 31.720.480 тона беа од А-класа, 143.038.390 од Б-класа и 21.256.920 од Ц-категорија.
Но по 40 години непрекината експлоатација, рудникот „Суводол“ речиси е празен. Се копаат и оние засеци каде што нема многу калоричен јаглен. Во експлоатација е и рудникот „Брод Гнеотино“, а се прават напори да се отвори и рудникот „Живојно“. Затоа сега, кога не само државата туку и светот се соочува со најголема енергетска криза, не е време за јалови критики и празни политики.
Сега е време кога последниот збор за енергетската сегашност и иднина на Македонија, како и во минатиот век, треба да ја кажат експертите и науката. Тие, наместо партиските мегафони, треба да бидат најгласни и да понудат најдобри и најсеопфатни решенија, бидејќи овој пат струјниот удар што нѐ фати (ќе) нѐ погоди сите, а доколку не се реализираат започнатите проекти, лесно може Македонија долго време да биде енергетски зависна или да потоне во мрак.