Војната во Украина, слично како и пандемијата на ковид-19, треба да нѐ потсети оти како држава и нација мора да имаме долгорочни стратегии и планови за кризни состојби од секаков вид, за колку што е можно порано да се превенираат и спречат одредени ценовни шокови или, сликовито кажано, да се спречи пожар наместо отпосле да се гасне опожареното
Од почетокот на војната во Украина се зголеми загриженоста во земјите во светот за можните штети и проблеми што ќе се создадат поради конфликтот. Иако несомнено најголема штета и најмногу проблеми имаат Украинците, особено луѓето што секојдневно стравуваат за своите животи и сите оние што се најдоа во безизлезна ситуација и се принудени да ги напуштат своите домови и да ги спасат својот и животите на своите најмили. Паралелно со проблемите што се наметнаа со оваа војна се зголемуваат и се намножуваат проблемите што се појавуваат и се прошируваат низ целиот свет. Иако во 21 век очекувавме дека човештвото веќе знае да ги одбере вистинските патеки, а не со воена машинерија да ги остварува своите цели, сепак, очигледно дека лекциите од минатото не се научени. Војната во Украина донесе огромни последици врз економијата, трговската размена, движењето на цените на голем број производи.
Покрај растот на цените, кој беше забележан постпандемиски, предизвикан од растот на цените на енергентите, од почетокот на воените дејства светот регистрира дополнителен ценовен притисок. Деновиве се забележуваат рекордни цени на нафтените деривати, што е директен резултат на воените дејства, преземените санкции и нарушените или целосно прекинати дистрибутивни синџири во светот.
Ценовното „цунами“ создаде голема загриженост кај граѓаните, која се одразува со зголемена набавка на основните прехранбени продукти, што дополнително влијае врз цените на продуктите.
Со намера да се намалат цените или, пак, да се ублажи нивниот раст, кој сѐ поизвесно дека ќе продолжи, Владата деновиве донесе повеќе мерки, од кои дел е директно насочен кон намалување на цените на горивата, но и намалување на цените на основните прехранбени продукти, односно на лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата. До крајот на мај стапката на ДДВ за основните прехранбени продукти ќе биде нула проценти, додека, пак, за горивата се намалуваат на 10 отсто, а ќе има намалување и на акцизите во одредени ситуации. Исто така, пет отсто стапка на ДДВ за електрична енергија за домаќинствата ќе остане до крајот на 2022 година.
Ова се само дел од 26-те мерки што ги донесоа институциите и кои веднаш резултираат со намалување на цените на горивата, а деновиве се очекува да се почувствува ефектот и кај прехранбените продукти. Сепак, точните ефекти од овие мерки останува да ги видиме во иднина, но и дали ќе има потреба од дополнителни мерки, секако во зависност од случувањата на светските берзи и побарувачката на овие производи чии цени периодов имаат нагорна линија.
Во следниот период мора со внимание да се следат состојбите во стопанството за да се види дали се потребни и нови флексибилни мерки за помош на компанијата и економијата. Зашто, несомнено, од активноста на бизнис-заедницата зависат и полнењето на државниот буџет и растот на БДП и редица други економски параметри што живот значат. Затоа е неопходна непосредна, брза и добро конципирана координација меѓу државата и бизнис-заедницата за да се утврди каде и како да се помогне.
Војната во Украина, слично како и пандемијата на ковид-19, треба да нѐ потсети оти како држава и нација мора да имаме долгорочни стратегии, но и планови за кризни состојби од секаков вид, за да се спречат одредени ценовни шокови или, посликовито, да се спречи пожар наместо да се гасне.
Недостигот од електрична енергија минатата година, во ситуација кога откажаа РЕК-овите во Битола, го дополнивме со ненајавено повлекување енергија од европската енергетска мрежа, што, пак, мораше да се плати во високи цени. Дополнително, нашата зависност од увоз на храна секоја година ја плаќаме со одлив на големи финансиски средства.
Неопходно е навремено планирање, кое ќе ни овозможи барем храната и потребите за исхрана на населението да ги обезбедуваме од домашно производство, што ќе придонесе и да се намали извозот на финансии за нивно купување, но и поголема работна ангажираност. Долгорочното планирање треба да ги даде патоказите за развој на земјоделството, кое како клучен сектор има големи потенцијали, а нашата земја има предиспозиции за квалитетни земјоделски производи, од кои, покрај свежи, може да извезуваме и голем број преработки со зголемена вредност. А со стратегијата за земјоделството, покрај развојот на оваа значајна гранка, може да се направат и напори да се испланираат и начини за создавање резерви на храна за непредвидливи ситуации како сегашната.
Но земјата мора да прави долгорочни планови и политики за кризни ситуации во сите области, не само во земјоделството. Уште поважно е да имаме долгорочна стратегија за енергетика, која ќе најде начини да се зголеми и домашното производство, иако реално сме сиромашни со енергенти. Низ долгорочно планирање и навремени реакции нема да зависиме само од увозот на електричната енергија или, пак, на нафтените деривати, туку ќе можеме да ги ублажиме евентуалните ценовни шокови со користење резерви или со намалување на потребите од енергенти преку подобра енергетска ефикасност.
Дополнително, навремено планирање и договарање на потребите количества на одреден енергент со самиот извозник може да ни обезбедат некакви привилегии, нешто слично на договорот што го постигна соседна Србија, која и покрај растот на цените на гасот, успеа да обезбеди за оваа година овој енергент да го добива по иста цена како и пред да започне растот на берзите.
Има една позната изрека меѓу нашиот народ, не се гои прасе пред Божиќ. А токму ова е народски начин да кажеме неопходно како поука за долгорочно планирање што ќе ни биде патоказ за развој на државата, но и начин за ублажување на ненадејните шокови по која било основа.
Уште еден значаен аспект во оваа „нова“ криза, а која доаѓа како продолжение на многуте кризи што се надоврзаа една на друга, е препукувањето меѓу владините претставници и бизнис-заедницата што го следиме деновиве. Владата и министрите апелираат сите чинители во државата да се откажат од дел од своите заработки за да се извлечеме од кризата со колку што е можно помали штети. Од друга страна, многу трговци истакнаа дека намалените маржи ги водат кон затворање на нивните објекти, било да се тоа трговци со нафтените деривати, или пак трговци со храна што треба да се откажат од маржата на лебот и да го продаваат по набавна цена… Бизнисите и државата одат заедно и треба да се гради партнерски однос на меѓусебна доверба. Некој мора да работи, а некој да ги носи законите, но притоа едните со другите мора да соработуваат, двете страни да се слушаат и да се најдат мерки што ќе овозможат никој да не претрпи преголеми загуби. Во услови на војна и во конфликтни ситуации секогаш ќе има некој што ќе сака и ќе успее да профитира, но затоа треба државните институции да дејствуваат и да спречат „воени профитери“, а притоа законите да важат еднакво за сите бизнисмени, но и еднакво меѓу државата и бизнисите. Ако сакаме напредок, најважно е како сите помалку да изгубиме и да продолжиме понатаму со поголем раст и позабрзано темпо на економијата, кое ќе резултира со подобар животен стандард. Во интерес на сите.