„Ние, богатите, благодарение на она што се тркаламе во изобилството на печалбите, мислејќи повеќе на своето лично и материјално богатство, само се стремиме да ги умножиме своите желби, тркалајќи се во вечна заблуда и суета, каде што бескрајната фантазија, откако еднаш нѐ одвлекла од умереноста, сака да нѐ заблуди во бескорисни и фантастични среќи, кои всушност никогаш во животот не ги наоѓаме и си остануваме без да вкусиме од она морално и постојано задоволство – дека сме има
помогнале на ближниот и својата татковина“ Константин Бели-Македонецот, австриски барон со македонско потекло
Деновиве во француската престолнина беа одржани повеќе свечености што беа посветени на ликот и делото на великиот Македонец д-р Анастас Коцарев, по повод 133-годишнината од неговото раѓање и 92-годишнината од упокојувањето. Во светски рамки, Коцарев е запаметен како еден од првите што работеле на истражување и лекување на ракот, еден од пионерите на радиотерапијата, но и на радиографијата, прв во светот што направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак.
Овој Македонец по потекло од Охрид се издигна во европското општество, но никогаш не ја заборави својата татковина. Искажаното е особено видливо во неговата активност преку емигрантските македонски друштва во Цирих и Лозана, друштва што јасно се бореа против секакво странско влијание и се залагаа за една слободна и независна Македонија. Во тој контекст, д-р Коцарев и неговите соработници испраќале апели до целиот цивилизиран свет во кои било укажано дека Македонците имаат право на живот, а била нагласена и волјата на македонскиот народ за создавање македонска држава.
Доколку анализираме подлабоко, можеме да забележиме дека д-р Анастас Коцарев имал солиден професионален и општествен живот, со својата научна и творечка дејност се издигнал во светската медицина, наизглед немал нужност да се навраќа кон минатото, да се навраќа кон своите корени и својата татковина. Коцарев, човекот што стекнал углед и слава пред европската и светската научна фела, можел да ужива во благодатите на западното општество, затоа сосема логично се наметнува следното прашање: Зошто овој човекот би се грижел за иднината на својата бедна татковина?
Одговорот на ова прашање можеме да го дознаеме во предговорот на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, каде што можеме да прочитаме: „Секоi чоек, како член на некоiа обшчина или некоiе другарство, имат извесен долг и извесни праа кон и од ниф. Народот не iет нишчо друго, осим едно големо другарство… Долгот кон народот iет тесно врдзан со долгот кон таткоината, зашто пон’атiето народ iет тесно врдзано со пон’атiето таткоина… Долгот кон таткоината и народот, до негоото осашчествуаiн’е, се велит народен идеал и кон негоото осашчествуаiн’е требит да се стремит секоi свесен чоек…“
Веруваме дека д-р Анастас Коцарев многу суштински ги разбрал нештата дека како Македонец имал долг кон сопствената татковина и само на овој начин можеме да ја објасниме и разбереме неговата дејност за македонската самостојност и државност. Но д-р Коцарев не е единствениот Македонец што бил свесен за својот долг. Тука ние би го споменале и Константин Бели-Македонецот, австриски барон со македонско потекло, роден кон средината на 18 век во Македонија. Иако Македонец по род, успеал да се збогати и да напредува. Тогашните европски правила не му дозволувале на странец што не може да докаже неколку колена благородничка крв да стане член на некој од редовите и тајни друштва, а уште потешко пак да се стекне со баронски титули. Но Константин Бели достигнал сѐ. Меѓутоа, овој македонски барон, слично како и д-р Анастас Коцарев, никогаш не ги заборавил Македонија и Македонците.
Не случајно, Константин Бели во 1838 година испратил „Апел кон своите еднородци Македонци“, кој го пренесуваме во целост: „Свештено е навистина чувството да се сака татковината, неизбежно е за секој благороден човек и е неопходно за оние кај кои останала трага од честољубивост и сакаат да живеат вечно од устата на поколението, а не да умрат наеднаш, откако ќе го подишат за неколку минути како и животните оној атмосферски воздух, и избришани од списокот на живите, да останат засекогаш непотребно бреме на земјата. Но колку е оваа вистина светла и од сите воопшто се исповедува, толку помалку влијае врз чувствата на сите нас.
Ние, богатите, благодарение на она што се тркаламе во изобилството на печалбите, мислејќи повеќе на своето лично и материјално богатство, само се стремиме да ги умножиме своите желби, тркалајќи се во вечна заблуда и суета, каде што бескрајната фантазија, откако еднаш нѐ одвлекла од умереноста, сака да нѐ заблуди во бескорисни и фантастични среќи, кои всушност никогаш во животот не ги наоѓаме и си остануваме без да вкусиме од она морално и постојано задоволство – дека сме им помогнале на ближниот и својата татковина. А во своите последни минути, уплашени од совеста, умираме мошне нажалени, и нашата татковина, слатката моја татковина, не облекува траур за нашата смрт, ниту пак не придружуваат молитви на другите наши браќа; нашата татковина нѐ отстранува како недостојни чеда на нејзината љубов, како туѓинци и изроди со зборовите: Витосај се од мене, изроде!!! И нашето потомство ги осудува нашето бесчувство и рамнодушност со обичните зборови: И жив беше бескорисен, а умрен е достоен за осуда. Тажен глас! Жален глас! Татковината да се откажува од своите чеда, од браќата, од молитвите, а роднините и целиот говорен свет од пофалбата…“
Поради одредени историски и други околности, Македонците беа принудувани да ги напуштаат своите родни огништа и затоа денес македонскиот народ може да се сретне на шест континенти, од Северна Америка до Австралија. Меѓутоа историјата покажува дека многумина Македонци, како што се д-р Анастас Коцарев и баронот Константин Бели, никогаш не ги заборавиле своите корени, народ и татковина. Затоа како народ, како општество и како држава имаме долг кон овие Македонци, да не ги забораваме и да им оддаваме почит.