Дури сега сфатив дека јас никого на протестиве не познавам. Па нормално, тоа се луѓе од Србија, од кај ќе ги знам. И оној високиот со очилата што оди напред, тој само носи маска на Мицкоски, се гледа дека не е тој лично. Оние до него исто така имаат многу добри маски, па има дури и еден што носи маска на Апасиев. Е, навистина ова Србиве испаднаа добри за правење маски. Додуша, слушам се намачиле за да направат маска на Крмов, ама среќа некој млад дечко од Крагуевац баш дента ја избричил главата, а и личи по малку на левичаров, па го ставија и него во првиот ред
Па добро бре, што народ сме станале, не можам да ги разберам овие моиве сограѓани. Па дури ниту Ивица Боцевски, Александар Русјаков, а да не зборувам и за овие другите на протести, или Тони Менкиноски, со тоа знамето. Па што мислите вие, како ќе тераме натаму? Зошто не сакате да влеземе во Европа?
Па видете бре, какво убаво друштво нѐ чека таму. Наместо да запнеме со сите сили и да побрзаме да влеземе во Европа, вие се противите. Па добро, видете што убаво ви лобира овој експертов за лобирање од Франција. Додуша тој лобирал и за „убер“, па се најде во небрано, ама нема сега да ситничариме, нели се работи за пренесување од ваму до таму, тогаш човекот сигурно знае како да нѐ пренесе жедни преку вода.
А можеби пропуштаме што не го слушаме оној другиот, експерт за секси дрога. Па сфаќате ли каква перспектива ви се отвора во такво друштво – па да избирате, мажи, жени, што сакате, па дури ако сте ептен европски настроени, можеби ќе ви се падне и некој од оние третите, што токму старата дама ви ги препорачува топло, како наша иднина. Трета раса. А за апчињата, тие де, за поубаво дружење, не се секирајте, експертот, еве го, кај и да е, ќе ни дојде и тој на гости, па може ќе ни донесе да пробаме.
А да не бевме толку инат, да влезевме порано во Европа, ќе се дружевме и со оној бушавиот, кој додуша го напушти тоа убаво друштво, ама очигледно и тој не знае што напушта. А, ете, да го затекневеме додека беше таму, ќе научевме како се прават забави во кабинетот додека траат најтешките карантински мерки за обичните смртници. Ама, нели, тоа се мерки за обичните смртници. И ние, ако влезевме во Европа и ако се навежбавме добро, можеби ќе си правевме забави. А не вака, намуртени, па на протест.
Ви велам, Европа ни е тука пред врата. А вие, мои наводни пријатели, се правите поинакви, не сакате да влезете. Низ широко отворената врата. Која така галантно ни ја отвораат браќата од Истокот. Па добро, бе, зарем не ги слушате што убаво зборуваат. Колку само нѐ сакаат. Еве, баш пред некој ден на бугарската телевизија, која нашите власти така великодушно ни овозможија да ја гледаме, можевте да видите каква светла перспектива нѐ чека. Ама вие не гледате телевизија, туку одите таму да протестирате. А да гледавте, ќе видевте колку убаво зборуваше бугарскиот вмровец Џамбаски. Е, тоа е говор, а не како овие нашиве вмровци. Па човекот се грижи за нас, за нашите цркви. Покрај силните убави зборови досега искажани за Македонија во Брисел, овој пат тој и во отворена програма на бугарската национална телевизија ни укажа дека не ги цениме верските објекти и, замислете, сме правеле рејв-забава во црквата во Дојран. Па гледате ли колку се грижат за нас соседите?
Додуша, Џамбаски спомна нешто дека тоа била бугарска црква и македонските младежи правеле забава за да им напакостат на Бугарите, односно нешто во таа смисла. И си зборуваше така неколку добри минути. Колку да ни е јасно колкава била, е и ќе биде грижата нивна за она што се случува кај нас.
Ама тоа е само така оти човекот навистина нѐ сака. И сака да ни каже дека ќе се грижи за нас, а ако сме немирни, како со ова рејвов, ќе нѐ пријави во Брисел, па ај да видиме кај ќе прават нашиве разбеснети деца такви забави.
Нема веќе такво беснеење. Фино, ќе си пополнат барање, ќе го заверат во матично и ќе му пишат на чичко Ангеле во Брисел. Тој ќе го прегледа барањето, ќе види дали е тоа според протоколите одобрени од Софија и ќе го удри печатот. Е тогаш, забавата може да почне.
Си ја знае човекот работата. Ете, тој ни го кажа во истата емисија и она што не го знаеме, она што ни го кријат нашиве политичари. Имено, фино си кажа човекот дека протестиве во Скопје не се на наши луѓе, туку тоа биле српски протестанти, носени со автобуси во Скопје. Впрочем, тоа била оската Москва – Белград, која сакала да ни наштети, да нѐ оттргне од браќата Бугари и затоа тие протестирале.
Ете, затоа е добро да се гледа телевизија. И тоа бугарска. Во пауза меѓу две историски емисии во кои така фино ни ги отвораат очите и ни објаснуваат дека ние сме тоа што велат дека сме, а не она што мислиме дека сме, ете, ќе дојде Џамбаски и ќе ни каже што и како се случува денес. За да одмориме од историја. И навистина ни ги отвора очите.
Дури сега сфатив дека јас никого на протестиве не познавам. Па нормално, тоа се луѓе од Србија, од кај ќе ги знам. И оној високиот со очилата што оди напред, тој само носи маска на Мицкоски, се гледа дека не е тој лично. Оние до него исто така имаат многу добри маски, па има дури и еден што носи маска на Апасиев. Е, навистина ова Србиве испаднаа добри за правење маски. Додуша, слушам се намачиле за да направат маска на Крмов, ама среќа некој млад дечко од Крагуевац баш дента ја избричил главата, а и личи по малку на левичаров, па го ставија и него во првиот ред.
Ви велам, гледајте телевизија. Бугарска по можност. И не пропуштајте да им заблагодарите на нашите надлежни органи што ни ја овозможија оваа ретка можност, која, ете, со години ја немавме. Сега дури гледаме што сме пропуштиле. Ама, човек учи додека е жив.