Брисел против Брисел

Последните истражувања на јавното мислење детектираа драматичен пораст на евроскептицизмот, при што се наметнува прашањето на што се должи тоа и која е улогата на самата Унија. Повеќе од јасно е дека на порастот на евроскептицизмот кај граѓаните во Македонија, но и пошироко во регионот, големо влијание има и дволичната, неконзистентна, нејасна и конфузна политика на Брисел. Доколку внимателно анализираме, можеме да заклучиме дека во добра мера оваа состојба се должи токму на политиките на Брисел кон Македонија. Или, со други зборови, причините за евроскептицизмот, меѓу другото, треба да се бараат и во политиките на официјален Брисел, кои се контра начелата на кои е основана и на кои се темели Унијата

Последното истражување што го објави фондацијата „Конрад Аденауер“ посочува дека се зголемува бројот на македонските граѓани што немаат позитивно мислење за политиките на Брисел, како и дека се зголемува бројот на евроскептиците што сметаат дека Македонија никогаш нема да се зачлени во Европската Унија. Според истражувањето, споредено со 2022 година, во 2023 година за 11,3 отсто е зголемен бројот на испитаниците што се дел од многубројната група испитаници што сметаат дека Македонија нема никогаш да се зачлени во Европската Унија.

Познавачите се согласни дека негативното мислење на македонските граѓани во однос на зачленувањето на Македонија во Европската Унија, односно дека нашата држава никогаш нема да стане дел од европското семејство, пред сѐ се должи на домашните лоши перформанси во владеењето на правото, борбата против корупцијата, нефункционалната администрација итн., кои се суштествени за европската иднина на Македонија. Меѓутоа, лошите домашни перформанси не го објаснуваат во целост зголемениот број на македонските граѓани што се негативно расположени кон Брисел.

Оттука, сосема логично се поставува прашањето на што се должи зголемувањето на противниците на Европската Унија и која е улогата на самата Унија во тоа. Зашто повеќе од јасно е дека на порастот на евроскептицизмот кај граѓаните во Македонија, но и пошироко во регионот, големо влијание има и дволичната, неконзистентна, нејасна и конфузна политика на Брисел. Доколку внимателно анализираме, можеме да заклучиме дека во добра мера оваа состојба се должи на политиките на Брисел кон Македонија и Македонците во изминативе две и кусур децении. Во еден подолг период речиси сите членки на Европската Унија на директен или индиректен начин ги помагаа нашите напори за унапредување на македонското општество на патот кон Брисел, преку одделни финансиски фондови и укажувања за спроведување реформи во одредени сегменти што се клучни за подобрување на состојбите во Македонија.

Но фактите исто така говорат дека Брисел (во смисла официјалната политика на европските институции, а не на се сите земји-членки на ЕУ) на индиректен начин ги поддржа ирационалните и наметнати спорови од страна на Атина и Грција, кои во суштина го негираа и сѐ уште го негираат македонскиот идентитет. Брисел најпрво ги затвори очите пред грчките нерационални и противправни барања за промена на името на нашата држава. Точно е дека Брисел одбегнува да прими нови членки што имаат одредени спорови, како што беше примерот со Хрватска и Словенија, но во нашиот случај грчките барања за преименување беа апсурдни и во суштина ги нарушуваат европските принципи и меѓународното право. Истовремено со премолчната поддршка на Брисел, во смисла дека треба да го решиме спорот со Грција, односно дека треба да го промениме името на државата доколку сакаме да влеземе во Европската Унија, беше отворена Пандорината кутија. Софија увиде дека доколку некој упорно блокира, без разлика колку се апсурдни причините, на крајот Брисел сепак ќе ја заземе страната на земјата-членка, а не страната на државата што преферира да стане дел од ЕУ, како што беше примерот со Грција и Македонија.

По потпишувањето на Преспанскиот договор и преминувањето на Македонија во Република Северна Македонија, Софија започна да нѐ уценува и отворено да ги негира македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. Високи бугарски политичари секојдневно јавно го негираа постоењето на македонскиот јазик или македонската историја, барајќи од македонскиот народ да си ги признае своите навидум бугарски корени. На крајот од оваа апсурдна состојба, францускиот претседател Емануел Макрон понуди таканаречен француски предлог, во кој во голема мера беа инкорпорирани бугарските барања и уцени кон Македонија.

Очигледни се двојните стандарди на Брисел, не само што кон Македонија се поставуваат услови што немаат никаква поврзаност со европските интеграции, туку и во нешто друго. Френсис Фукујама при посетата на Македонија за еден од нашите медиуми изјави дека една поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив, слично како што постапува Русија во однос на Украина. Слична изјава даде и Едвард Џозеф, според кого импулсот за поткопување на македонскиот идентитет и историја изгледа дека е поттикнат пред сѐ од самата Бугарија, поголема и моќна земја се обидува да наметне своја верзија на историјата и идентитетот.

Речиси сите земји-членки на Европската Унија ги осудија руските изјави дека Украина не е земја во вистинска смила на зборот, но во нашиот пример Брисел бара разбирање од македонските граѓани за бугарските ирационалности, кои се спротивни од европските вредности. Оттука, очигледна е причината за зголемувањето на бројот на македонските граѓани што се негативно расположени кон Европската Унија. Доколку Брисел и во иднина премолчно продолжи да ги поддржува бугарските уцени и условувања, бројот на македонските граѓани што се непријателски настроени кон ЕУ ќе се зголемува. Истовремено, доколку ЕУ продолжи со својата непринципиелна и нерационална политика кон Македонија, ќе ги поткопа и темелите на кои е самата основата, а со самото тоа ќе паѓаат и кредибилитетот и интегритетот на самата Унија.